Додека милиони работници ширум светот едвај го следат растот на трошоците за живот, платите на директорите на најголемите корпорации бележат драматичен раст, продлабочувајќи го јазот меѓу трудот и капиталот до нивоа што сè почесто се опишуваат како социјално неодржливи.
Најновата анализа на Меѓународната конфедерација на синдикати и „Оксфам“, објавена во пресрет на Први мај, покажува дека во 2025 година платите на извршните директори пораснале за 11 проценти, додека платите на работниците се зголемиле за симболични 0,5 проценти. Тоа значи дека директорските примања растеле дури 20 пати побрзо од оние на вработените, тренд што јасно ја отсликува нееднаквата распределба на економскиот раст.
Во конкретни бројки, просечниот директор во најголемите светски компании заработил околу 8,4 милиони долари годишно, вклучително и бонуси – сума за која на еден просечен работник би му биле потребни дури 490 години работа.
Дополнително, во САД јазот е уште подлабок. Платите на директорите таму растеле повеќе од 20 пати побрзо од платите на работниците, а кај дел од компаниите растот достигнал и над 25 проценти за само една година, додека реалните примања на вработените остануваат речиси стагнирани.
Истовремено, податоците покажуваат дека најбогатите не само што добиваат енормни плати, туку и огромни приходи од дивиденди. Околу илјада милијардери во 2025 година поделиле 79 милијарди долари дивиденди – што значи заработка од околу 2.500 долари во секунда. Во таа реалност, просечен милијардер за помалку од два часа заработува повеќе отколку што работник заработува за цела година.
Овие бројки не се само статистика, туку аларм за системски проблем. Реалните плати на работниците глобално се намалиле за 12 проценти од 2019 година, додека платите на директорите пораснале за повеќе од половина во истиот период.
За синдикатите и организациите што се борат за социјална правда, ваквите трендови се доказ дека економскиот модел сè повеќе ја наградува концентрацијата на богатството, додека трудот останува потценет. Наместо рамномерна распределба на создадената вредност, профитот се акумулира кај мал број луѓе, што го продлабочува јазот меѓу богатите и останатите и создава нови социјални тензии.