Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) преку социјалните мрежи ги повика работниците на мобилизација за протестот на1 Мај, со барања за за повисоки плати и поголеми работнички права.
Според објавата, протестот ќе се одржи на 1 мај со почеток во 11 часот, а ќе започне од Работнички дом во Скопје. Настанот се организира под мотото „За плата се бориме, не се молиме“, со јасна порака за потребата од подобрување на економската состојба на работниците.
Во повикот се нагласува дека работниците во Македонија заслужуваат повисоки плати, а протестите се претставени како должност кон историската работничка борба, но и како обврска кон идните генерации.
Организаторите апелираат на солидарност меѓу работниците, вклучително и оние за кои веќе се изборени повисоки примања, потенцирајќи дека борбата за подобри услови треба да биде заедничка.
„На 1 Мај да бидеме солидарни, гласни, обединети и одлучни. Да застанеме рамо до рамо и да покажеме дека работничкиот глас не може да се игнорира“, се наведува во објавата.
Протестот има за цел да испрати порака за, како што се посочува, неопходноста од зголемување на платите и подобрување на животниот стандард, особено за работниците со најниски примања.
