За Стоилковиќ Кина е идеална земја за соработка

Стоилковиќ

Иван Стоилковиќ, потпретседателот на Владата на Северна Македонија, во интервју за Кинеската медиумска група, изјави дека неговото доаѓање на Конференцијата на локални лидери на Кина и Северна Македонија во покраината Шандонг треба да се сфати како визија за развој на соработката меѓу двете земји во блиска иднина.

Стоилковиќ рече дека соработката на обичните луѓе и локалните самоуправи е можеби најдобриот и најперспективниот начин за подобрување на меѓудржавната соработка.

„Перспективите за соработка на локално ниво се навистина одлични. Она што можеме да го очекуваме во наредниот период е дека, покрај соработката на локално ниво, ќе можеме да ја зголемиме соработката и на меѓудржавно ниво“, рече вицепремиерот на Северна Македонија.

Стоилковиќ верува дека Кина може да биде идеална земја за наоѓање нов пазар, а дека кинеските граѓани се идеални потрошувачи. Тој гледа простор за нова соработка во областите на инфраструктурата, технологијата и земјоделското производство.

„За разлика од нас, Кина воведе олеснување на визниот режим за нашите граѓани, односно дозволи безвизен режим за одреден период. Така, минатата година околу 10 илјади македонски туристи ја посетија Кина, додека, пак, бројот на кинески туристи што ја посетија Македонија беше многу мал. Бидејќи имаме визен режим за кинеските граѓани, првото нешто што треба да го направиме кога ќе се вратиме, или што е можно поскоро, е да воведеме безвизен режим од најмалку 15 дена за кинеските граѓани, за да можат кинеските туристи да ја посетат Македонија“, вели Стоилковиќ.

Најчитано