Стоилковиќ „под радар“ во Кина. Но, зошто?

Стоилковиќ

Што ако Мицкоски го препорачал или се согласил Стоилковиќ да замине за Кина, ама да не бранува многу? Така ем нема да ги навредиме Кинезите (ако веќе испратиле покана до владата), ем нема да се изложат вмровските министри, па ако треба да „гори“ некој, нека гори Стоилковиќ. И така набрзо ќе има реконструкција на владиниот состав.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Најмалку чудна е посетата на вицепремиерот Иван Стоилковиќ од неколку аспекти. Освен што се совпадна со посетата на српскиот претседател Александар Вучиќ, ако не беше неговата објава на социјалните мрежи за учеството на конференција на локалните лидери на Кина и земјите на Централна и Источна Европа, во Зинан, во провинцијата Шангдонг, јавноста немаше ни да знае дека вицепремиерот бил на толку далечен пат.

Немаше најава за едно вакво „крупно“ патување, што навистина чудно и несоодветно за еден вицепремиер. Да беше Александар Николоски во прашање, за ова едно вакво патување ќе имаше фанфари и фанфари, но за Стоилковиќ – ништо, нула информации.

Што не носи до следното прашање што се поставува со оваа негова посета. Што бара на една ваква конференција вицепремиер кој во својот опис и попис за работа не покрива ништо од соработката „во областите на земјоделството, инфраструктурата, инвестициите, технологијата, туризмот, образованието, културната размена“ на локалните лидери од Централна и Источна Европа?!?

Иван Стоилковиќ е вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците и точка. Освен ако ова заедниците се однесува на заедницата во Македонија и заедницата во Кина, што заедно бројат 1,7 милијарди луѓе во „заедницата“.

Ако ја тргнеме шегата настрана (а не е за шега, секако) останува прашањето зошто, што пак не враќа на посетата на Вучиќ како совпаѓање.

Во ред, можеби е чисто совпаѓање.

Но да се вратиме на содржината на посетата на Стоилковиќ, макар што агендата на конференција во Кина на ниту еден начин нема допирни точки со неговото вицепремиерско и министерско портфолио.

Но, како што рекол во својот говор на конференцијата, кога го цитирал Конфучиј: „Оној што сака да обезбеди добро за другите, веќе го обезбедил и за себе.“

Ете, сакал да обезбеди добро за другите, па си обезбедил добро за себе.

Сепак, пак шегата настрана, поентата што вреди да се спомене, а што им ја соопштил Стоилквиќ, е дека „во свет кој се соочува со бројни економски и глобални предизвици, соработката не е избор – таа е неопходност“.

А токму платформата за соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа претставува пример како преку дијалог, почит и заедничка визија може да се создаваат нови можности за сите.

Македонија ја гледа Народна Република Кина како значаен економски партнер и пријателска земја со која постои простор за понатамошно продлабочување на соработката, особено во областите на земјоделството, инфраструктурата, инвестициите, технологијата, туризмот, образованието, културната размена…

Веруваме дека периодот пред нас треба да биде период на поинтензивна економска комуникација, посилно поврзување на регионите, градовите и компаниите, како и отворање нови можности за странски инвестиции и заеднички проекти кои ќе донесат конкретни придобивки за нашите граѓани.

Нашата земја е подготвена активно да придонесува во унапредувањето на соработката меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, преку градење партнерства засновани на заемна почит, разбирање и долгорочна визија.

Сето ова им го соопштил во својот говор Стоилковиќ, иако знае дека Северна Македонија, како членка на НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ, треба многу внимателно да ги комуницира овие теми. Особено во период кога односите меѓу блоковите на кои им припаѓа нашата држава се подигнати на ниво на безбедносен гард. И од страна на САД и од страна на ЕУ.

Само еден ден пред да замине за Кина, САД го ојавија свото стратешки документ за Западен Балкан, во кој влијанието на Кина и Русија има посебно поглавје:

Посебен дел од извештајот ги испитува ризиците од „малигно надворешно мешање“, особено од Русија и Кина. Според Вашингтон, Москва ги користи етничките тензии, енергетската зависност и поддршката за дестабилизирачки политички актери за да ја поткопа довербата во западните институции. Кина, пак, го проширува своето влијание преку заеми, инфраструктурни проекти, економски притисок и политички врски со локалните елити.

И, сега?!? Како да се гледа на изнесените ставови на Стоилковиќ на конференцијата во Кина?

Тие негови ставови може да се лични, но тој таму се легитимирал како вицепремиер на македонскста влада и се поставува прашање дали тие ставови се и ставови на Владата на Мицкоски.

Што не доведува до еден интригантен заклучок. Што ако Мицкоски го препорачал или се согласил Стоилковиќ да замине за Кина со тие пораки, ама да не бранува многу? Така ем нема да ги навредиме Кинезите (ако веќе испратиле покана до владата), ем нема да се изложат вмровските министри, па ако треба да „гори“ некој, нека гори Стоилковиќ. И така набрзо ќе има реконструкција на владиниот состав.

Да се вратиме на говорот. Има еден интересен момент во неговата комуникација за престојот во Кина. Во говорот објавен на неговиот Фејсбук, ниту еднаш не се спомнува ЕУ и европскиот пат на Македонија.

Но, во еден од постовите на ФБ, има неколку за посетата на Кина, напишал:

И да нема забуни, европскиот пат по кој чекориме гарантира структурни реформи, институционални стандарди и долгорочна стабилност преку пазарна интеграција.    

Во говорот, на големата бина, пред кинеските домаќини сметал дека нема потреба да го каже тоа.

Пред нив го кажал тоа што тие сакаат да го слушнат.

Сѐ на сѐ, една многу чудна по многу основи кинеска авантура на Стоилковиќ, која еве, како што гледаме, отвора многу повеќе прашања, отколку што нуди рационални и оправдани причини за неговото учество на споменатата конференција.

Најчитано