Кина гради финансиски штит од 54 милијарди долари, што стои зад потегот?

Кина ќе издвои 54 милијарди долари за зајакнување на три државни банки и пет осигурителни компании, во време кога втората најголема светска економија се соочува со слаба побарувачка за кредити, притисок врз профитабилноста и финансиски ризици поврзани со пазарот на недвижности. Пекинг преку нов капитал сака да ја зголеми отпорноста на финансискиот систем, но и да отвори простор за поголемо кредитирање на економијата.

Кинеското Министерство за финансии ќе вложи вкупно 360 милијарди јуани во државните финансиски институции. За потегот извести и Мета.мк, повикувајќи се на информациите што ги објавија компаниите и Ројтерс.

Најголемиот дел од парите, 290 милијарди јуани, ќе заврши во три банки. Земјоделската банка на Кина треба да добие 160 милијарди јуани, Индустриската и комерцијална банка на Кина 100 милијарди, а Извозно увозната банка на Кина дополнителни 30 милијарди јуани.

Средствата треба да го зајакнат основниот капитал на банките и да им овозможат да продолжат со кредитирањето. Пекинг во голема мера се потпира врз државните банки за финансирање на компаниите, инфраструктурата и стратешките индустрии, иако слабата побарувачка за нови заеми го ограничува ефектот од таквата политика.

Останатите 70 милијарди јуани се наменети за пет осигурителни групации. Најголемиот осигурител на живот во земјата, „Чајна лајф“, ќе добие 35 милијарди јуани, додека капитал ќе добијат и „Чајна Тајпинг“, Народната осигурителна компанија на Кина, Кинеската корпорација за осигурување на извозот и кредитите и Кинеската реосигурителна групација.

Осигурителниот сектор подолго време се соочува со намалена профитабилност поради ниските каматни стапки. Кај дел од малите и средните компании се влошуваат и показателите што покажуваат дали располагаат со доволно капитал за покривање на обврските и можните загуби.

Затоа, пакетот не претставува директна помош за граѓаните или класичен стимул за потрошувачката. Станува збор за зајакнување на финансиските институции, кои потоа треба да преземат поголем ризик, да пласираат кредити и да ја поддржат економската активност.

Капиталната инјекција беше најавена во март, кога кинеските власти порачаа дека ќе ги намалуваат системските финансиски ризици и ќе обезбедат повеќе пари за технолошките компании. Во фокусот остануваат и проблематичните кредити поврзани со задолжените инвеститори во недвижности и локалните власти со ограничени приходи.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?