Повеќе од половина од општините во земјава немаат сопствен локален медиум. Според податоците во анализата, пет од нив не се опфатени ниту со регионални традиционални медиуми
На две кривини пред Крива Паланка, радиото во автомобилот го изгуби сигналот. Радиосигналот тешко продира во клисурата на Крива Река. Но, од градот веќе повеќе од една деценија не се емитува локална радиопрограма. Тогаш се затворило радиото, последниот локален медиум во живописното гратче, во североисточниот дел на земјата, на околу 100 километри од македонската престолнина Скопје. Оттогаш, овој град со нешто повеќе од 13.000 жители е таканаречена медиумска пустина-место без сопствен медиум.
– Последен локален медиум беше радиото, кое се затвори пред повеќе од 12–13 години. Едно време имаше и телевизија, но таа се затвори неколку години пред радиото – вели Александар Димитровски, адвокат од Крива Паланка.
Повеќе од една деценија нема локален медиум што редовно би информирал за случувањата во градот.
– Се информираме преку јавните гласила на институциите, нивните интернет-страници и профили на социјалните мрежи – вели Димитровски.
Институциите во Крива Паланка редовно објавуваат информации за своите активности и услуги. Градот со години е меѓу највисоко рангираните во анализите на индексот на отвореност на општините, што ги спроведуваат невладини организации. Но, тоа се информации што ги објавуваат самите институции и главно се однесуваат на нивната работа. Новинарските приказни што треба да раскажуваат за проблемите на локалните жители, да им поставуваат незгодни прашања на властите и да бараат одговори во јавен интерес, често остануваат нераскажани, бидејќи нема локален медиум што континуирано ќе ги следи овие теми.
Најсилниот медиум е чаршијата
За мало гратче, Крива Паланка е изненадувачки раздвижена. Улиците во центарот, а особено кафулињата, се полни со паланчани од сите возрасти-од ученици до пензионери. Според анкетите на невладини организации, повеќе од половина од пензионерите во Крива Паланка се информираат преку телевизија, а повеќе од една третина преку интернет. Три четвртини од нив користат мобилен телефон.
Како и во многу мали места, речиси секој што влегува во кафулето се поздравува со присутните.
– Во недостаток на локален медиум, најсилниот медиум е чаршијата – со насмевка објаснува Димитровски, а потоа прашува:
– Знаете ли дека нашите кошаркарки се шампиони? Исто и пингпонгарите – гордо додава адвокатот.
Неговиот град има со што да се пофали: ликовна колонија, меѓународен театарски фестивал, а бил избиран и за најукрасен град за новогодишните празници. Но, покрај убавите вести, колку ли има проблеми за кои би требало да известува професионален медиум?
– Ни треба локален медиум. Сеедно каков-радио, телевизија, што било – вели Димитровски.
Општините Крива Паланка и соседната Ранковце се две од петте општини за кои анализата на НаративАИ покажа дека немаат сопствен традиционален локален медиум, ниту се опфатени со регионални медиуми.
„Цело Свети Николе слушаше радио“
Иако Свети Николе, град во областа Овче Поле, во централно-источниот дел на земјата,не е без локални медиуми, медиумската сцена во градот е значително посиромашна од времињата на кои светиниколчани се сеќаваат со носталгија. Посебна приказна е радиото.
– Две-три децении наназад, слушав со сите сетила, оти имав што да слушнам. Бев и гласот што имаше што да каже, но и кој да ме слушне. Бевме гласни и бевме слушнати – раскажува Иле Михајловски, некогашен новинар во Радио Свети Николе, хуманитарец, активист и денес наставник во градот.
Тој поминал девет години во градското радио и две години во штипското радио „Канал 77“.
– Тоа беа други времиња. Тогаш радиото се слушаше. Ние бевме први кои направивме 48-часовен радиомаратон. Цело Свети Николе нѐ слушаше – носталгично раскажува некогашниот водител.
Градот сè уште има свое радио, а во меѓувреме добил и друго, главно музичко радио, како и телевизија. Некогашниот весник „Овчеполски глас“ веќе не излегува, но во градот се објавува периодично списание.
Сепак, и покрај постоењето на медиуми, градот е многу „поопустен“, вели некогашниот новинар.
– Бадијала толку радиостаници, телевизии, поткасти и што уште не технолошки напредно ако имаш чувство дека си глув. Оти не те разбудил гласот што го слушаш. И имаш чувство дека градот заспал, оглувел, умрел – вели Михајловски.
Наставникот се надева на младите, кои, според него, можат „од пустината да направат оаза“.
– Малку треба пустината да стане оаза, да се мотивира гласот на младите, да бидат гласниците на вистината, до срж полни емпатија. Ваков глас му треба на секој мал и голем град, да ечи, да биде силен, да нѐ допре сите, да нѐ разбуди и да ни го врати слухот кој одамна нѐ сторил глуви. Млади, разбудете се, бидете гласот кој треба да нѐ разбуди и мотивира – порачува наставникот.
49 од 80 општини без локални медиуми
Анализата на НаративАИ покажува дека од 80 општини во земјата, вклучително и скопските, 49 немаат сопствен локален медиум. Најголемиот дел од нив се во опфатот на регионални медиуми од поголеми, блиски места, но според анализата, пет општини немаат покриеност ниту од локален ниту од регионален традиционален медиум.
Нашето истражување покажа дека во Македонија во моментов има 19 печатени изданија-весници и списанија. Од нив, 16 ги издаваат издавачи со седиште во Скопје, а по еден наслов имаат издавачи во Штип, Свети Николе и Прилеп.
Во изминатата деценија, според списокот на избришани издавачи, од регистарот се избришани 37 печатени изданија, меѓу кои и седум дневни весници. Меѓу избришаните се и две изданија на издавачи од Битола и едно од Штип.
Според податоците наведени во анализата, во земјава има 59 радиоканали: осум со покриеност на целата држава, 14 регионални и 36 локални. Свои радиостаници имаат Скопје, Битола, Гевгелија, Гостивар, Кавадарци, Кичево, Кочани, Куманово, Ново Село, Прилеп, Штип, Струга, Струмица, Свети Николе, Тетово, Валандово, Велес и Виница.
Од 2014 година, според анализата, затворени се 35 радиостаници. Меѓу нив се и локални радија во Делчево, Берово, Долнени, Липково, Маврово и Ростуше и Пехчево.
Во опфатот на регионални медиуми се и Кратово, Неготино, Македонска Каменица, Крушево, Дојран, Демир Хисар, Центар Жупа и Чашка. Како општини без покриеност од локален или регионален традиционален медиум во текстот се наведени Крива Паланка, Ранковце, Демир Капија и Дебрца. Во Охрид, пак, според анализата, се затворени традиционалните локални медиуми, а постојните локални медиуми се онлајн.
Според истите податоци, во земјава има 43 телевизиски канали: 17 со покриеност на целата држава, 12 регионални и 13 локални.
Радиосигналот се врати кога си заминувавме од Крива Паланка. Но, локалниот медиум што некогаш ги пренесувал гласовите на жителите одамна го нема. За нивните проблеми, прашања и секојдневни грижи сè уште недостига некој што редовно ќе известува.
Пишува: Игор К. Илиевски за УМНО.мк

