Ана Стојаноска со „Идната јас“ вечерва ја претставува Македонија на Детската Евровизија во Малта. Натпреварот почнува во 21 часот, со директен пренос на МРТ1.
Младата пејачка од Струга ќе настапи под реден број 12, меѓу претставниците на 16 земји. Музиката за „Идната јас“ е на Никола Мицевски, а текстот го потпишува Илчо Нечовски од „Дупер“.
Публиката ќе има можност да ја поддржи Ана и за време на финалната вечер. По завршувањето на последниот натпреварувачки настап, бесплатното онлајн-гласање повторно ќе биде отворено приближно 15 минути. Точниот почеток и затворањето ќе бидат означени во преносот.
За успешно гласање преку официјалната платформа на Детската Евровизија потребно е да се изберат вкупно три песни, меѓу кои може да биде и македонската „Идната јас“, и да се потврди изборот. Дозволено е гласање за сопствената земја, па Ана можат да ја поддржат и гледачите од Македонија и дијаспората.
Гласовите на публиката носат половина од конечниот резултат, додека другата половина ја определуваат националните жирија.

