Фирмите би плаќале адвокат и по добиена жалба за тендер

Владата предлага повисоки прагови за јавни набавки без формална тендерска постапка, поголема употреба на електронскиот пазар и промени во начинот на кој фирмите ги оспоруваат тендерските одлуки. Пакетот измени на Законот за јавните набавки е во собраниска процедура, а за него е најавено гласање в понеделник, на 26 октомври.

Предлагачот ги поврзува измените со Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија како параван за измените, наведувајќи дека треба да ја подобрат ефикасноста на системот. Се предвидува и поголема примена на најдобриот однос меѓу цената и квалитетот при изборот на понудите. Во истиот пакет, меѓутоа, се предлагаат повисоки надоместоци за жалби и исклучување на надоместот за ангажираниот полномошник, дури и кога фирмата ќе успее во жалбената постапка.

Токму оваа одредба предизвика реакции во адвокатската фела. Соговорници на Рацин.мк предупредуваат дека фирмите би биле финансиски обесхрабрени да оспоруваат незаконски одлуки, со што би се намалила контролата врз трошењето јавни пари.

Со членот 16 од предлогот се менува членот 166 од постојниот закон. Ако жалбата биде целосно усвоена, договорниот орган би ги надоместил административната такса и надоместокот за водење на постапката. Адвокатските трошоци би останале обврска на фирмата. Одредбата се однесува на постапката пред Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Тоа практично значи дека фирмата која успешно оспорила незаконско постапување би го платила адвокатот со чија помош ја добила жалбата. Трошокот за стручната правна помош не би ѝ бил надоместен иако потребата да ја бара произлегла од постапувањето на договорниот орган.

Рацин.мк разговараше со членови на Управниот одбор на Адвокатската комора за последиците од предложеното решение. Загриженост изразија и неколку адвокати кои побараа нивните изјави да бидат пренесени без име и презиме. Тие сметаат дека измената ќе ја направи правната заштита потешко достапна и ќе ја намали одговорноста на институциите за неправилно спроведените набавки.

„Не е проблемот во кратењето на буџетските трошоци“, велат адвокатите. Нивната забелешка е дека со наративот за заштеди се оправдува префрлање на трошоците врз странката која била принудена да бара правна заштита. Предупредуваат дека штетата од незаконски и коруптивни набавки долгорочно може да биде многу поголема од износите што институциите сега ги плаќаат за адвокатските трошоци при изгубени жалби.

Според соговорниците, фирмите ќе мора да проценуваат дали воопшто им се исплаќа да поднесат жалба, дури и кога имаат основа за неа. Со помалку жалби би се намалила можноста неправилностите да се откријат и да се исправат пред склучувањето на договорот. Тие оценуваат дека тоа би ја зголемило фактичката моќ на тесен круг службеници што учествуваат во одлучувањето за тендерите.

Во владиното образложение, измената на членот 166 е претставена како подобрување и прецизирање на одредбите за оправданите трошоци. Надоместоците за водење жалбена постапка би се зголемиле од досегашните 50 до 200 евра на 150 до 600 евра, зависно од видот на постапката. Зголемувањето предлагачот го објаснува со намалување на бројот на неосновани жалби и подобрување на ефикасноста на правната заштита.

Адвокатската комора веќе доставила писмени забелешки до надлежните институции, со барање решението да се преиспита. Предупредува и на можни дополнителни судски постапки за надомест на штета, кои би донеле нови трошоци за фирмите, институциите и судовите.

Соговорниците на Рацин.мк го посочуваат „Скопје 2014“ како предупредување за последиците од недоволна контрола врз големите јавни трошења. Нивниот страв е дека обесхрабрувањето на жалителите ќе овозможи спорните набавки да продолжат без навремено оспорување, а финансиските последици да станат видливи откако парите ќе бидат потрошени.

Јавните набавки и во Извештајот на Европската комисија за владеењето на правото за 2026 година се наведени како област со висок ризик од корупција, ограничена конкуренција и недоволни антикорупциски заштитни механизми. Во него се посочува дека само 20 отсто од анкетираните компании ја оценуваат независноста на телото за жалби по јавни набавки како многу или прилично добра, наспроти 37 отсто во 2025 година.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?