Осма жртва од западнонилска треска, сезонава осум, а за 15 години петмина

Осмата жртва од западнонилска треска во Македонија е маж на возраст од 70 години од скопско Драчево, кој починал откако во критична состојба се лекувал на Клиниката за инфективни болести. Смртниот случај го потврдил министерот за здравство Сашо Клековски, а пациентот имал и повеќе придружни заболувања.

Од Министерството за здравство најавиле дека дополнителни информации за пациентот и за актуелната епидемиолошка состојба ќе бидат објавени во текот на понеделникот.

Најновиот смртен случај доаѓа само неколку дена по потврдата дека починал маж на возраст од 69 години од скопската општина Гази Баба. Тој повеќе од 38 дена се лекувал на Клиниката за инфективни болести.

Бројките покажуваат драматична разлика во однос на претходните години. Од 2011 до 2025 година, во Македонија од западнонилска треска починале вкупно пет лица. Само во текот на оваа сезона бројот на жртвите веќе достигна осум.

До 1 септември биле потврдени 56 заболени, додека во целиот период од 2011 до 2025 година биле регистрирани вкупно 54 случаи. Тоа значи дека за едно лето се евидентирани повеќе заболени отколку во претходните 15 години заедно.

Вирусот се пренесува преку убод од заразен комарец, најчесто од родот кулекс. Најголем дел од заразените немаат симптоми, но кај повозрасните лица и пациентите со хронични заболувања може да се развијат тешки невролошки компликации, меѓу кои воспаление на мозокот и менингитис.

Епидемија беше прогласена на 12 август во повеќе скопски општини, додека авионското прскање против комарци беше спроведено на 20 и 21 август. Прскањето од земја следуваше од 23 до 26 август, откако веќе имаше починат пациент и заболени лица во критична состојба.

Бидејќи за луѓето нема вакцина ниту специфична терапија против вирусот, главната заштита остануваат навременото уништување на ларвите, дезинсекцијата и личната заштита од убоди. Осмиот смртен случај повторно го отвора прашањето дали превентивните мерки биле преземени пред вирусот да почне забрзано да се шири.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?