Северна Македонија на 8 септември ја одбележува 35-годишнината од својата независност. Државата во нејзината денешна форма се роди во раната фаза од распадот на Југославија, преку референдумот од 8 септември 1991 година. Начинот на кој беше формулирано референдумското прашање не ја исклучуваше можноста новата независна држава да се интегрира со другите југословенски држави. Особено важно е што, благодарение на внимателно осмислениот референдум и отсуството на длабоки етнички поделби, отцепувањето се одвиваше без насилство. Осум децении по Балканските војни, Македонците стекнаа независност, иако односите со Србија, Грција и Бугарија во одредени периоди останаа чувствителни.
*Андор Ласло
Југославија се распадна на крајот од Студената војна, но не само поради етничката разновидност и непријателствата, ниту само поради смртта на нејзиниот долгогодишен лидер Јосип Броз Тито во 1980 година. Како и другите земји во регионот, Југославија се соочуваше со криза на надворешниот долг и со условите наметнати од мултилатералните кредитори. Унгарија имаше повисок надворешен долг по жител од Југославија, но таа е унитарна држава и финансиската криза таму не ги поттикна центрифугалните сили и територијалниот распад. Полска, исто така, беше силно задолжена, но доби големо олеснување на долгот, нешто што на Југославија ѝ беше одбиено.
1991 година беше пресвртна година од аспект на распадот и на Југославија и на Советскиот Сојуз. Во Украина, Парламентот, Врховната рада, донесе одлука за напуштање на Советскиот Сојуз на 24 август, но референдумот од 1 декември беше тој што го запечати процесот, со 92 отсто поддршка при излезност од 84 отсто. Со тоа беше потврдена одлуката врз која и денес почива суверенитетот на Украина. Третата федерална држава што се распадна по падот на Берлинскиот ѕид, Чехословачка, престана да постои со поделбата на 1 јануари 1993 година, но без референдум.
Референдумот од 1991 година, со излезност од 76 отсто и 96 отсто поддршка за суверенитет, ги постави темелите на легитимноста на македонската независност. Потребата од референдуми беше препознаена уште по Првата светска војна, кога историските империи во Централна и Источна Европа беа распуштени. Американскиот претседател Вудро Вилсон (1913-1921) го промовираше принципот на самоопределување и беше свесен за проблемите што произлегуваат од мешаното население и спорните територии. Генерално, тој се залагаше за референдуми, кои одиграа одредена, иако недоволна улога во утврдувањето на државните граници и другите политички решенија во повоените години.
Надворешната политика на САД одигра клучна улога во обликувањето на посткомунистичка Централна и Источна Европа во 1990-тите години. Интересно е што овој период имаше изразен неовилсонистички карактер. Претседателот Бил Клинтон го градел својот политички профил обрнувајќи особено внимание на тројца демократски претседатели од 20 век: Џон Ф. Кенеди, Френклин Д. Рузвелт и Вудро Вилсон. Неговиот советник за национална безбедност, Ентони Лејк, застапуваше доктрина што самиот ја нарекуваше неовилсонистичка. Нејзината главна идеја беше потпирање врз универзални институции, фокус на проширувањето на демократијата и намалување на улогата на блоковите. Поранешната југословенска Република Македонија беше меѓу земјите што во 1995 година се приклучија кон програмата „Партнерство за мир“.
Една од специфичните карактеристики на долгата македонска транзиција е спорот за името. Уште од самиот почеток ова беше спорно прашање, што резултираше со употреба на привремената референца FYROM, односно Поранешна Југословенска Република Македонија. Иако може да се тврди дека една суверена држава има право да се нарекува онака како што самата сака, исто така е факт дека историскиот регион Македонија се протега на територијата на повеќе современи држави. По 27 години, во февруари 2019 година, беше постигнат историски договор со Грција со кој беше воведено името Северна Македонија. Преспанскиот договор, врз кој се темели ова решение, беше потпишан во 2018 година. Повторно беше организиран референдум на 30 септември 2018 година, на кој беше изразена силна поддршка, над 90 отсто, но при премала излезност од 36,8 отсто. Решавањето на спорот за името ѝ овозможи на Северна Македонија да стане членка на НАТО во март 2020 година.
Од 2005 година, Северна Македонија е кандидат за членство во Европската Унија. Земјите од Западен Балкан, всушност, добија политичко ветување уште во 2003 година во Солун, но сите тие во изминатите децении искусија дека процесот на проширување не се движи по права линија и дека понекогаш недостига и отворен и директен политички разговор. Во овој контекст, уште еден сосед, Бугарија, особено го усложнува процесот. За да се надминат овие пречки, Европската Унија би требало побрзо да се подготви за проширување, а истовремено би бил потребен и поинаков пристап од страна на европските функционери и клучните геополитички актери.
*Ласло Андор е унгарски економист, поранешен еврокомесар за вработување, социјални прашања и инклузија во Европската комисија од 2010 до 2014 година, а денес е генерален секретар на Фондацијата за европски прогресивни студии (FEPS)

