Беснеат пожари низ регионот, а најдраматично е во Босна и Херцеговина, каде огнот што избувна во петокот кај Звирњача се прошири кон Купрес, Томиславград и Прозор Рама. Силниот ветер го пренесе чадот преку границата, па денеска под чад и мирис на изгорено се најдоа делови од Далмација и островите.
Пожарот зафатил голема површина со сува вегетација и шума, а непристапниот терен и променливиот ветер го отежнуваат гаснењето. Огнот се приближил до неколку населби, додека локалните медиуми објавија дека во Мркодол изгореле повеќе објекти. Официјалните податоци за штетата сè уште не се целосно усогласени.
Во акцијата се вклучени пожарникари, припадници на цивилната заштита, шумари, жители и хеликоптер на Вооружените сили на БиХ. Хрватската влада одобри испраќање два канадери со две посади за помош при гаснењето.
Воздушните струења го однеле чадот од Босна и Херцеговина до Сплит, Пељешац и далматинските острови. Поради намалената видливост и силниот мирис на изгорено, граѓаните во зголемен број ги повикувале итните служби, мислејќи дека во нивна близина избувнале нови пожари.
Мерењата во Сплитско далматинската жупанија покажале дека концентрациите на честичките ПМ 2,5 и ПМ 10 повеќекратно ги надминуваат вообичаените вредности. На повозрасните, малите деца, лицата со респираторни заболувања и луѓето со алергии им е препорачано да го ограничат престојот надвор или да носат заштитни маски.
Надлежните служби продолжуваат да го следат пожарот и квалитетот на воздухот, а натамошното ширење на чадот кон јадранското крајбрежје ќе зависи од правецот и силата на ветерот.

