„Индекс.хр“ ја спореди старата и новата карта на светот откако Генералното собрание на Обединетите нации со големо мнозинство поддржа пореално прикажување на големината на континентите. Разликите покажуваат дека картата со која растеле генерации луѓе создава погрешна претстава за вистинската површина на цели држави и континенти.
На класичната Меркаторова карта Гренланд изгледа речиси голем колку Африка, Русија и Канада зафаќаат огромен простор, а Европа делува многу поголема. На новата проекција „Equal Earth“, Африка и Јужна Америка визуелно растат, додека Гренланд, Канада, Русија и северниот дел од Европа стануваат значително помали.
Во реалноста, Африка е приближно 14 пати поголема од Гренланд. Старата карта го прикажува Гренланд и како поголем од Јужна Америка, иако јужноамериканскиот континент има повеќекратно поголема површина.
Како што објаснува „Индекс.хр“, географијата не се променила. Различен е само начинот на кој Земјината топка се пренесува на рамна површина.
Меркаторовата проекција била изработена во 1569 година и била наменета првенствено за поморска навигација. Таа ги зачувува насоките и аглите, овозможувајќи курсот на пловење да се прикаже како права линија. Цената на таа предност е големото зголемување на површините што се наоѓаат поблиску до половите.
Затоа Африка, која во голем дел се протега околу екваторот, изгледа помала во споредба со Европа, Русија, Канада и Гренланд. Проблемот не е во самата Меркаторова проекција, туку во нејзиното користење за споредување на големината на државите и континентите.
Новата проекција „Equal Earth“, создадена во 2018 година, попрецизно ги зачувува односите меѓу површините. Таа, сепак, не е совршена, бидејќи секое претворање на топчеста површина во рамна карта мора да ги наруши обликот, растојанието, аглите или насоките.
Резолуцијата на Обединетите нации ја поддржале 164 држави, Соединетите Американски Држави гласале против, а шест земји биле воздржани. Одлуката не е обврзувачка и не ја забранува Меркаторовата карта, туку повикува на користење пореални проекции во образованието, меѓународните институции и јавните прикази.
За Африканската унија, прашањето не е само картографско. Нејзините претставници сметаат дека долгогодишното визуелно намалување на Африка влијаело врз перцепцијата за политичката, економската и географската важност на континентот.

