Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Практикување на прогресивен европски центризам или застој и неизвесност поради продлабочени поделби

Над две-третини од граѓаните без оглед на етничката припадност се цврсто определени за зачленување во ЕУ и резонско очекување од партиите е оваа определба да ја испочитуваат. За да се дојде до консензус, неопходно е партиите да демонстрираат поголема умереност и волја за разговор и соработка, односно да се сретнат во прогресивниот европски центар.

Тони ПОПОВСКИ

Политичките избори ја апсорбираат не само енергијата на политичките партии туку и на општеството како целина. Сама по себе таа енергија не би била бесцелно потрошена  доколку е позитивна и резултира со поширок консензус за начинот на кој ќе напредуваме, но искуството нѐ подучува дека изборите кај нас првенствено генерираат негативна енергија поради негативните кампањи. Од негативната енергија нема поширока општествена полза односно има негативни последици.

Поларизацијата и  меѓусебната недоверба е редовно наследство на острите и конфронтирачки кампањи каде примарната цел е да се дискредитира политичкиот противник. До наредните избори, негативниот амбиент од претходните се рефлектира преку маниристички опструкции на процеси за носење на системска регулатива во Собранието, отфрлање на иницијативи од политички каприц, па сѐ до негова целосна блокада. На тој начин, нефункционалното Собрание кое го сочинуваат наши избрани застапници, само по себе  и парадоксално станува суштинска пречка за одржлив напредок на државата, или кажано поедноставно, преку нашите остро спротивставени пратеници сосема свесно самите го блокираме нашиот напредок. 

Демократските избори се неопходни во либералната демократија, но партиите мора да соберат сила и да демонстрираат одговорно однесување и подготвеност за консензус, односно да изнајдат пресек на интереси на граѓаните кои ги застапуваат и во тој пресек да го дефинираат националниот интерес. Ова е од особено значење за споредбено помали држави како нашата, со недоволно искуство, политичка култура и граѓанска писменост за практикување на либералната демократија. Дека тоа е можно да се направи демонстрира Европскиот Парламент каде екстремите во политичкиот спектар се присутни, но во континуитет, консензусот за напредок на Унијата се остварува во пресекот на политичките кружници на лево или десно ориентираните идеологии, односно во умерениот политички центар. Овој прогресивен европски центризам е помалку идеологија, а многу повеќе прагматичен метод за обединување околу политики кои треба да ги задоволат суштинските потреби на европските граѓани.  И покрај забележителното јакнење на екстремната политичка понуда во државите членки на ЕУ и следствено перспективата за зголемена застапеност во Европскиот Парламент, сепак анкетите покажуваат дека доколку изборите се одржат денес, умерените политички партии би освоиле околу 440 пратеници, а идеолошки екстремните партии би освоиле 280 пратеници.  

Демократските избори се неопходни во либералната демократија, но партиите мора да соберат сила и да демонстрираат одговорно однесување и подготвеност за консензус, односно да изнајдат пресек на интереси на граѓаните кои ги застапуваат и во тој пресек да го дефинираат националниот интерес.

Контурите на непродуктивниот судир на политичката понуда на партиите на власт и тие во опозиција кај нас, се безмалку дефинирани. Опозицијата во македонскиот камп примарно нуди консолидација на суверената национална тврдина на Македонците портретирајќи се како неприкосовен заштитник на загрозениот македонски национален идентитет, ова и по цена на застој во европските интеграции доколку не се ревидира рамката за преговори, а таа во албанскиот политички камп примарно бара изедначување на колективните права и слободи на Албанците со тие на Македонците. И во двата етнички кампови на опозицијата има евроскептични структури, кои сепак се понагласени во македонскиот опозициски камп. Тука особено карактеристичен пример е Левица која негува анти-НАТО сентимент и резерви по однос на придобивките од европската иднина на Републиката. Истовремено, без оглед на етничкиот камп, двете опозициски формации декларативно се залагаат за посилно владење на правото, вклучувајќи и засилена борба против корупцијата и други поврзани девијации. Од своја страна партиите на власт без оглед на кој етнички камп му припаѓаат, нудат забрзана интеграција во Европската Унија и низ овој процес, консолидација на правната држава и унапредено владеење на правото, забрзан економски раст и заштита на македонскиот национален идентитет но и на севкупниот граѓански – мултиетнички идентитет и карактер на државата.

Легитимно прашање е на кој начин овие меѓусебно спротивставени политички формации, кои се помалку или повеќе консолидирани, а чиј рејтинг на едно генерално ниво на опозициски и владеачки камп е безмалку израмнет, би можеле да остварат консензус односно да изнајдат конструктивен пресек на партикуларните интереси. Впечаток е дека тој консензус и покрај предизборната реторика и пропагандни наративи кои кај опозицијата во македонскиот камп се претежно критички настроени кон ЕУ, најлесно би се воспоставил по однос на практичната потребата од исчекор во евроинтеграцискиот процес и забрзано спроведување на реформите кои се нужни за да се исполнат одредниците од рамката за преговори. Над две-третини од граѓаните без оглед на етничката припадност се цврсто определени за зачленување во ЕУ и резонско очекување од партиите е оваа определба да ја испочитуваат. За да се дојде до консензус, неопходно е партиите да демонстрираат поголема умереност и волја за разговор и соработка, односно да се сретнат во прогресивниот европски центар.

Што значи, и покрај идеолошкото диференцирање и легитимната потреба да се натпреварувате, сепак да се сретнете во прогресивниот европски центар? Одговорот е во практикувањето на прогресивните и центристички начела. Европските партии од лево и десно кон центарот заедно со либералните демократи и новата генерација на Зелените, се „коалиција на умерените“ заснована на  продуктивен консензус за следниве начела.

Остварување на повисок степен на владеење на правото, заштита на демократските инситуции низ зголемена транспарентност и одговорност, и социјална правда, внимавајќи колку е можно повеќе граѓани да уживаат во придобивките од економскиот раст, односно да се намали драстично бројот на оние кои социо-економски заостануваат и на тој начин да се превенира нивно радикализирање односно трансформирање во потентен базен на избирачи за екстремните партии. Притоа, да се негува слободниот пазар но истовремено да се практикува општествената одговорност, овозможувајќи заштита на правата на работниците, правични плати, безбедни работни услови и право на организирање и колективно договарање.

Во европскиот политички центар има и недвосмислен консензус за зелената и дигиталната агенда како нов и прогресивен економски модел на Унијата, заснован на технолошки иновации и фер дистрибуција на придобивките од новите технологии. Други типични карактеристики на центристичкиот консензус се содржани во континуираното продлабочување на европска интеграција преку унапредување на заедничкиот економски пазар и мобилноста како и на функционалностите и управувањето со финансиски ризици во евро-зоната, проследено со проактивен однос кон заедничките предизвици поврзани со економската нестабилност поради повеќекратната економска и енергетска криза, безбедносните закани и миграцијата. Не треба да се заборави и постигнатиот консензус за застапување на социјално –  либералните вредности содржани во заложбата за универзален пристап до здравствената и социјална заштита и образованието,  поддржувајќи прашања како што се правата на дискриминираните и следствено ранливи групи во населението, родовата еднаквост и секуларизмот. По однос на надворешната политика, заложбата е за функционален мултилатерализам и соработка која гарантира мир и геополитичка стабилност наспроти нова блоковска поделба и конфликтна мултиполарност која генерира воени судири.                 

Ако барем за момент ја споредиме нашата реалност со реалноста на европскиот центристички компромис и постулатите врз кои е заснован, можеме да заклучиме дека длабоката и остра политичка конфронтација кај нас, за прашања кои намерно се вадат од реалната пропорција и во самата суштина се предмодерни, е состојба на неодговорен луксуз и тоа најмногу поради драстично влошените социо-економски и безбедносни околности во опкружувањето. Ние порано или подоцна ќе дојдеме до заклучок дека таков луксуз не треба да си дозволиме, односно дека неумереното и игнорирањето на потребата од консензус, малите држави и општества ги доведува во состојба на тешко управливи ризици со потенцијални сериозни последици.

Зачлени се на нашиот е-билтен