„Граѓаните тонат, власта се луксузира“: Тренчевска бара Дурмиши да го намали ДДВ за горивата

Тренчевска

Пратеничката на СДСМ побара таргетирана финансиска помош за ранливите граѓани и мерки за заштита на животниот стандард.

Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, денеска во Собранието го повика министерот за економија и труд Бесар Дурмиши да предложи намалување на ДДВ за нафтените деривати и финансиска поддршка за најранливите граѓани, обвинувајќи ја Владата дека не презема ништо додека трошоците за живот продолжуваат да растат.

За време на собраниската седница посветена на пратенички прашања од опозицијата, Тренчевска праша дали Владата планира да воведе таргетирани мерки за заштита на животниот стандард.

Според неа, секојдневието на граѓаните значително се разликува од економската слика што ја претставуваат владините функционери.

„Се изнаслушавме изјави со имагинарни податоци, први во Европа, четврти во светот и така натаму, но реалноста е дека граѓаните секој ден тонат во сиромаштија“, рече Тренчевска.

Таа ја обвини власта дека е оддалечена од реалните проблеми и дека, наместо со конкретни мерки, се занимава со партиски и политички интереси.

„Завалени во удобните фотелји и во разговори со приватниот капитал, немате никакво чувство за граѓаните. Дали конечно ќе преземете мерки за заштита на нивниот животен стандард?“, го праша Тренчевска министерот Дурмиши.

Пратеничката побара Министерството за економија и труд да предложи намалување на данокот за нафтените деривати, како и директна финансиска помош за домаќинствата што најсилно ги чувствуваат ценовните притисоци.

Тренчевска упати и остри критики кон Дурмиши, прашувајќи дали ќе настапи како министер што се грижи за граѓаните или ќе продолжи, како што рече, да биде „потрчко и послушник на Владата“.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?