(ЕКСКЛУЗИВНО) Олександр Мережко, Врховна Рада, Украина: Не е прашање дали, туку кога ќе станеме членка на ЕУ и НАТО, ние ѝ припаѓаме на Европа, нашиот морал е висок, ќе победиме!

Олександр Мережко е пратеник во Врховна Рада на Украина (Верхо́вна Ра́да Украї́ни) и е претседавач на Комитетот за надворешна политика и интерпарламентарна соработка. Тој, во ексклузивно интервју за ЦИВИЛ Медиа говори за жестоките предизвици на украинската нација во стремежот да ја сопре руската брутална инвазија и да ги ослободи окупираните територии и за геноцидот што го спроведува рускиот агресор.

Украинскиот пратеник, инаку и професор по меѓународно право, го посочува членот 51 од Повелбата на ОН, според која земјата жртва на агресија има право да војува и на територијата на земјата агресор.

Мережко говори и за евроатлантскиот пат на Украина и вели дека веќе не е прашање дали, туку кога Украина ќе биде членка на ЕУ и НАТО. Според него, Украина ќе ги започне преговорите за членство во ЕУ не подоцна од крајот на оваа, 2023 година.

Во интервјуто, Мережко говори за вистинските пријатели, меѓу кои ја вбројува и Македонија, и оние кои на почетокот на целосната руска инвазија калкулираа и испраќаа хуманитарна помош со која не може да се победи во војна.

Со Мережко се договоривме да се видиме во целосно ослободена Украина.

ЦИВИЛ МЕДИА: Можете ли да споделите моменти кои како член на Врховна Рада ги доживеавте во изминатиот период, од почетокот на бруталната агресија од страна на Русија?

ОЛЕКСАНДР МЕРЕЖКО: Најпрво, навистина сум благодарен што ме поканивте, бидејќи е исклучително важно да ги споделиме нашите ставови, да ја изразиме нашата позиција за Украина и мојата позиција како пратеник и да комуницираме со народот на Македонија. Исклучително е важно. А, секако, благодарен сум за вашата поддршка, за ова ќе зборуваме подоцна.

Во однос на вашето прашање, знаете, очекувавме дека ќе дојде до целосна инвазија, но за нас тоа, сепак, дојде неочекувано. За моето семејство, моите колеги, за целата земја, првите недели од целосната инвазија беа тешки.

Подоцна, кога дознавме дека Путин планира да го преземе Кијив, да го окупира Кијив за три дена, првите денови беа исклучително тешки. Но, истовремено, одлучив да останам со моето семејство, со целото семејство, не се евакуиравме, дури и со мали деца. Останавме во Кијив. Беше важно за нас да останеме во Кијив, да покажеме дека претставници на власта, законодавците остануваат.

Тој момент, со моите колеги, пратеници, требаше да покажеме на целиот свет дека сме живи, дека продолжуваме да работиме, дека ние сме Врховна Рада, парламентот продолжува да работи. И почнавме од првиот момент, од првите часови. Кога ме разбудија експлозиите во близина на мојот стан. Живееме на еден час пешачење до зградата на парламентот, но мене ми требаа 40 минути да стигнам до работното место, до комисијата.

Во текот на првите часови, го одржавме првиот пленарен состанок и ги усвоивме сите неопходни закони. На пример, го воведовме законот за воена состојба. А знаете, со задоволство гледав како повеќето мои колеги беа на работа, беа во Кијив. Нашата комисија, комисија за надворешни работи, исто така, започна со интензивна работа уште од првите моменти на инвазијата. Го одржавме првиот состанок, почнавме да работиме на жалбите, на резолуциите на парламентот, во името на украинскиот народ. Почнавме со апели до целиот свет, до нашите сојузници, до нашите пријатели, барајќи да ни помогнат, да воведат санкции против агресорот, да ни обезбедат оружје и да не поддржат дипломатски и политички.

Истовремено, додадовме и нова, јас ја нарекувам информативна функција, што значи имаше многу повици од новинари од целиот свет. Имавме многу интервјуа, повеќето онлајн, по телефон, со различни земји, со европски земји, Јапонија, Нов Зеланд и се обидувавме да го информираме целиот свет за тоа што се случуваше во Украина. А сето ова го правевме и размислувавме што понатаму, кој чекор треба да се преземе, што треба следно да направиме. Чувството дека Украина ќе биде победничка.

Пратеникот Мережко во Врховната Рада на Украина, март 2022 година.

ЦИВИЛ МЕДИА: Украинските законодавци и владата и самиот претседател вложуваат многу напори да ја водат Украина напред кон ЕУ интеграција, како и кон НАТО членство. Дали имате проценка за нивото на политичко единство во Украина, во земјата, во однос на евроатлантската интеграција на вашата земја? Како беше во минатото?

ОЛЕКСАНДР МЕРЕЖКО: Па, вистината е дека Украина, украинскиот народ секогаш биле проевропски. Секогаш сме се сметале како дел, интегрален органски дел на европското семејство. Нашата цел секогаш била да станеме членка на Европската унија. Моментално, поддршката кај украинскиот народ, поддршката за пристапување во НАТО и Европската унија е исклучителна висока. Според проценките, таа изнесува повеќе од 80%. Според некои проценки, таа изнесува повеќе од 90% за влез во НАТО и Европската унија. Јас би рекол тоа е нешто невидено.

Секако, војната ја промени ситуацијата кога станува збор за поддршката на народот. Тоа ја направи уште повисока. Но, вистината е дека дури и пред војната, а под почеток на војната мислам на 2014 година, дури и пред тоа, мнозинството од населението во Украина беше за пристапување во Европската унија и НАТО. Но, сега поддршката е невидена, едноставно без преседан. А оваа цел да се пристапи во Европската унија, ние ја нарекуваме евроатлантска интеграција и европска интеграција, е содржана во нашиот устав, што исто така е знак на огромна поддршка на процесите за европска интеграција.

Врховна Рада, 3 мај 2022 година.

ЦИВИЛ МЕДИА: Дали имате временска рамка за тоа кога би било можно Украина да започне преговори и да стане членка на Европската унија, како и членка на НАТО? Ја видовме неодамна изјавата на г-дин Столтенберг, кој рече дека зависи од Кијив и од украинскиот народ дали сакаат да станат дел од НАТО, а не од Москва, како што диктаторот на Руската федерација, Путин, посакува во последните неколку децении. Значи, кои се изгледите, која е временската рамка? Дали имате барем некои проценки околу ова?

ОЛЕКСАНДР МЕРЕЖКО: Во однос на членството во Европската унија и НАТО, пред сé, ние очекуваме да започнеме преговори со Европската унија за нашето членство оваа година, можеби до крајот на годинава. Пред тоа, ни беа понудени седум барања, седум препораки за тоа што треба Украина да направи за да отпочне преговори.

Ние, како пратеници, спроведовме сé што се бараше од нас. Ја усвоивме потребната законска регулатива.

Венецијанската комисија испорача некои препораки во однос на нашите перформанси.

Значи, сега сме во процес на консултации со Венецијанската комисија, што е нормално. Но, вистината е дека ние веќе го сработивме нашиот дел од работата, нашата домашна задача и се надеваме дека ќе ги започнеме преговорите до крајот на годината. А секогаш истакнувам кога разговарам со моите Западни колеги дека нашето членство во ЕУ не е само прашање на престиж или економски развој, туку прашање на нашата безбедност. Затоа што со тоа што ќе бидеме членка на Европската унија, ќе имаме повеќе поддршка, повеќе солидарност од другите членки на Европската унија. А јас сум сигурен дека ова ќе има застрашувачки ефект врз Русија, затоа што Путин, тој е диктатор, се плаши од солидарноста помеѓу демократските европски земји.

Добар пример е Финска. Финска не е членка на НАТО, но Путин не ризикуваше да ја нападне Финска. НАТО членството, ние рабираме дека единствената гаранција за нашата безбедност е НАТО членството, да се биде полноправна членка на НАТО. А тоа не е само гаранција за безбедноста на Украина, туку и гаранција за безбедноста и мирот во Европа и во целиот свет.

Една од причините зошто Путин ја нападна Украина беше затоа што не бевме членка на НАТО. Да бевме земја членка на НАТО, Путин никогаш немаше да ризикува да нé нападне. Ние го рабираме ова, а и целиот свет го разбира ова. Затоа е толку важно, исклучително важно за нас да се приклучиме на НАТО што е можно поскоро. Секако, разбирам дека сега принципелната политичка одлука Украина порано или подоцна да стане земја членка на НАТО е веќе донесена, веќе е донесена. Прашањето е само, не дали, туку кога Украина ќе стане полноправна членка на НАТО. И се обидуваме да направиме сé што е потребно да ја приближиме Украина до членство во НАТО. Секако, има некои политичари кои велат дека треба да го одложиме ова прашање, да го одложиме за кога ќе заврши војната. Но, вистината е дека ние не знаеме кога ќе заврши војната. Воената состојба може да продолжи некое време. Но, моето лично мислење е дека треба да станеме НАТО членка што е можно поскоро, како Финска.

Според мене и многу политичари во мојата земја, Финска стана еден вид на пример. Потребно беше помалку од една година да стане членка на НАТО. И штом станеме членка на НАТО, тоа ќе ја сопре руската агресија и ќе даде гаранција за безбедност. Затоа е клучно прашање за нашиот опстанок.

Зеленски и соработниците, пркосни наспроти жестокото бомбардирање, 25 февруари 2022 година.

ЦИВИЛ МЕДИА: Да, навистина. Верувам дека со нивото на вооружување во моментов и со нивото на обука и вештини на вашата армија, дека тоа не би требало да претставува пречка или предизвик. Понатаму, зборувајќи за меѓународната заедница, таа беше обединета во политичката поддршка, барем за Украина, уште од првиот ден на целосната инвазија, но некако колеблива да обезбеди оружје и муниција што беа толку потребни за одбраната на Украина. Каква е вашата проценка сега за меѓународната поддршка и што повеќе, посебно ова, што повеќе е потребно за Украина да биде поспособна да ги ослободи териториите кои се окупирани од страна на Русија?

ОЛЕКСАНДР МЕРЕЖКО: 24 Февруари, 2022 година, стана момент на вистината за нас, затоа што многу јасно видовме и многу јасно сфативме кој е нашиот вистински пријател а кој е неволен партнер. Дозволете ми да го кажам на овој начин. Оние земји кои од првите моменти на целосната инвазија почнаа да не обзебедуваат со неопходното оружје беа САД, Обединетото Кралство, Полска, Литванија, Летонија, Естонија, малата Естонија која ни даде многу. Значи, овие земји се покажаа како наши сигурни пријатели.

За жал, некои други европски големи земји, кои можеа да ни го обезбедат потребното оружје, се колебаа, што беше фруструрачки за мене. Некои од овие земји почнаа да бараат аргумети да не ни дадат оружје. Беа желни да ни обезбедат, на пример, 5000 шлемови, болница.

Но, знаете, не можете да се одбраните, не можете да ја добиете војната со хуманитарна помош, само со тоа што ќе имате шлемови. Важно е, но не можете да ја добиете војната. Потребно ви е оружје, потребно ви е тешко вооружување, особено кога се борите против огромна империја како Русија, која ја има втората најголема војска во светот, која е добро опремена. И како што реков на почетокот, навистина беше фрустрирачки, но преживеавме. Преживеавме и уште толку повеќе успеавме да ја победиме Русија кај Кијив.

Успеавме да ја победиме Русија кај Харков, успеавме успешно да се бориме и да ги одвратиме руските војници од Херсон. И нашите други партнери почнаа да ни веруваат и почнаа да обезбедуваат повеќе оружје.

Ситуацијата се има променето, но повторно, политиката не беше конзистентна, бидејќи подоцна политиката на некои земји беше, јас ја нарекувам, малку премногу задоцнета. Тие ветуваа дека ќе испорачаат, да речеме, 10 тенкови за три месеци, но нам ни беа потребни овие тенкови веднаш и ни беше потребно повеќе оружје. Не ни беше потребна само симболичен вид на воена помош. Тоа беше проблем, но подоцна состојбата постепено се подобри и сега сме позадоволни со обезбедувањето на оружје. Но, се разбира, ние продолжуваме да имаме потреба од повеќе оружје, бидејќи, знаете, речиси повеќе од месец дена сме бомбардирани од Русија секоја вечер, секоја вечер.

Русија има доволно крстосувачки ракети, има доволно дронови, што ги произведува Русија, но и ги купува од Иран и други непријателски зрмји. Значи, Русија има многу оружје од советско време. А ние треба да одговориме на ова, треба да започнеме успешна контраофанзива.  И потребна ни е муниција, потребно ни е тешко вооружување, потребна ни е сега воздушна одбрана, млазни авиони Ф16.

Потребна ни е, исто така, артилерија со долг дострел, затоа што треба, на пример, да ја уништиме руската воена логистика, руските складишта со муниција. А за да го направиме тоа, потребни ни се ракети со долг дострел.

Затоа што, знаете, има една важна работа што треба да ја запомни секоја земја, а тоа е да се обезбеди оружје за Украина. Вистината е дека Русија врши геноцид врз украинскиот народ, а кога ќе испратите оружје за Украина, вие помагате да се спасат животи на украинскиот народ. Помагате да се спасат животи не само на војници, туку и на цивилното население.

Замислите ситуација во која сега да немаме оружје за воздушна одбрана, да се пресретнат руските ракети. Можете да замислите каква би била ситуацијата во Кијив, во другите градови? Сега успеваме да пресретнеме десетици руски ракети и руски дронови. Но, да го немавме оружјето, ќе имаше огромни жртви во Кијив, во другите градови, жртви кај цивилното население. Затоа е толку важно за нас да добиеме оружје. Ова оружје ни помага да преживееме и да го сопреме геноцидот.

ЦИВИЛ МЕДИА: Навистина, не е прв пат Русија да врши геноцид врз Украинскиот народ. Сите се сеќаваме многу добро дека Русија, во советско време, се обиде да изврши геноцид и всушност изврши чин на геноцид за време на Холодоморот. А сега гледаме во 21 век, во Европа, уште еден обид да се направи истото, брутално напаѓајќи цивилни мети и инфраструктура. Во тој контекст, би сакал да ве прашам за изгледите за долго очекуваната офанзива на Украина за ослободување на териториите од руска окупација. Кои се изгледите за овие операции, дали сте подготвени? Некои од вашите воени лидери кажуваат дека сте спремни и подготвени да почнете уште од сега, додека зборуваме. Знам дека сте политичар, а не воен лидер, но дали имате проценка за јачината на руските сили на кои треба да им се спротивставите сега, за да се пресметате во офанзивата за ослободување на вашата земја?

ОЛЕКСАНДР МЕРЕЖКО: Па, се разбира, руските сили, Русија има акумулирано многу сили. Тие, исто така, се спремаат за контраофанзива и тие се плашат од контраофанзива. Тие имаат ископано, создадено ровови и се подготвени. Ние го рабираме ова. Но, истовремено, многу сум оптимист и се надевам на нашата контраофанзива. Сé што ни е потребно сега е повеќе оружје за да имаме успешна воена операција за ослободување на нашата територија.

Не знам, можеби ќе ни бидат потребни не една контраофанизивна операција, туку неколку за да се ослободи целата територија на Украина, вклучувајќи го и Крим. Можеби ќе ни бидат потребно многу такви операции, не сум воено лице. Но, имам чувство, имам интуиција, знам дека нашата војска е многу мотивирана, бидејќи се бориме за нашата татковина, за нашите домови и нашите семејства. Ние сме високо мотивирани. Имаме многу висок морал и дух кај нашите војници.

А што се однесува до руската војска, имам чувство дека тие се на работ на пропаста, бидејќи тие разбираат дека тие се окупатори, дека тие не носат слобода, дека носат ропство, носат воени злосторства, носат тортура, убиства, силувања во Украина. И сигурен сум дека, ако имаме доволно поддршка од сите страни, од нашата војска, од светската заедница, во однос на санкции, во однос на повеќе поддршка за Украина, руската војска ќе доживее колапс, ќе пропадне.

А тоа може да ја промени ситуацијата и во самата Русија, бидејќи знаеме од историјата дека секогаш кога Русија била поразена, тоа предизвикало, донело промени во самата Русија. Тоа доведува до, на пример, револуција, како во 1918 година. Значи, многу сум оптимист и имам надеж за нашата контраофанзива, а истовремено, разбирам дека можеби ќе ни бидат потребни повеќе вакви контраофанзивни операции за да ја постигнеме нашата цел, која е ослободување на сите окупирани територии.

ЦИВИЛ МЕДИА: Како политичар, дали би поддржале чин на пресметка со руската логистика, воена логистика и воени инсталации на руска територија? Дали би поддржале една таква одлука за обид да се оневозможи руската агресија врз Украина, на руска територија?

ОЛЕКСАНДР МЕРЕЖКО: Ќе ви дадам одговор не само како политичар, туку и како професор по меѓународно право. Според меѓународното право, жртвата на агресија има право на самоодбрана, на индивидуална и колективна самоодбрана и ова право е содржано во Член 51 од Повелбата на ОН. Така што, како жртва на агресија имаме право да водиме војна на територијата на агресорот. Тоа е наше право во однос на самоодбрана и според меѓународното право. Сметам дека е апсолутно неопходно да се таргетираат воени објекти на територијата на Русија. Тоа е наше право, тоа не ги крши законите и обичаите на војна. Не го крши меѓународното хуманитарно право.

Ситуацијата е иста како после Хитлер, нацистичка Германија ја нападна, на пример, Полска. Ние разбираме дека сојузниците имаа право да ја продолжат нивната борба на територијата на нацистичка Германија, на територијата на агресорот. Без тоа не би имало победа во Втората светска војна. Значи, според мене, ние го имаме ова право и нема никакво сомнение во однос на ова.

ЦИВИЛ МЕДИА: Би сакал да поставам уште едно прашање во однос на соработката меѓу украинскиот и македонскиот парламент. Свесни сме дека претседателот на македонскиот парламент, Џафери, ја посети Украина, ги посети местата на огромните и ужасни воени злосторства извршени во Буча и други локации во Украина. Што сметате дека Северна Македонија може да обезбеди како поддршка и дали соработката продолжува?

ОЛЕКСАНДР МЕРЕЖКО: Ние ја сметаме Македонија за наш пријател. Знаете, неодамна имавме онлајн состаноци помеѓу комисиите за надворешни работи на нашиот парламент, Врховна рада, и на македонскиот парламент. И знаете, за мене, тоа беше многу пријателски. Имавме многу пријателска атмосфера, многу топла атмосфера, бидејќи знам дека луѓето во Македонија разбираат што се случува, а имаме и слични искуства.

Затоа се разбираме меѓусебно.

А Македонија како земја, нејзината влада, нејзиниот народ, многу ја поддржуваат Украина. Многу сме благодарни и го цениме секој гест на поддршка и помош што ни се дава. Јас сум благодарен и Украинците се благодарни за вашата воена и техничка поддршка. Разбирам дека секоја земја има свои можности, свои можности во однос на обезбедување помош. Некои земји имаат повеќе можности, некои помалку. Но, тоа што ние го цениме е што се обидувате да ни помогнете. А ова е тоа што се случува помеѓу Украина и Македонија.

Исто така, гледаме дека Македонија на многу решителен начин нè поддржува на меѓународната сцена, политички, дипломатски. Вие гласавте за резолуцијата за поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Генералното собрание на ОН. Учествувате во санкциите против државата агресор. Учествувате во Кримската платформа, што е исто така важно за нас, бидејќи руската агресија започна во Крим и треба да заврши во Крим. Затоа е толку важно. Така што, јас гледам многу топло однесување на вашиот народ кон Украина и можам да ве уверам дека тоа високо го цениме.

ЦИВИЛ МЕДИА: Ви благодарам многу и навистина, поддршката доаѓа од различни страни на македонското општество, кое исто така се справува со руската пропаганда, руските кампањи со дезинформации и со хибридните напади во последните месеци, па дури и многу подолго. Јас би рекол и од пред целосната инвазија против Украина. Но некако успеваме да се справиме со овие напади и ќе продолжиме да се бориме за демократија и за европски вредности. Ви посакувам сé најдобро во претстојните навистина тешки времиња и се надевам дека ќе се видиме повторно, можеби во целосно ослободена Украина еден ден. Ви благодарам.

ОЛЕКСАНДР МЕРЕЖКО: Секогаш сте добредојдени да дојдете во Кијив. Ви благодарам.

Џабир Дерала
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети
Обработка на текст и превод: Наташа Цветковска

Треба да знаете
Moже да ве интересира