Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кордалов: Новата медиумска регулатива на ЕУ е за поголема слобода на изразувањето заедно со заштитата од дезинформации и лажни вести

Разговорот го водеше: Мирјана ВАСИЛЕВА

Што ќе донесат новите препораки и усогласувања со новата регулатива на ЕУ во онлајн медиумскиот простор?

Кордалов: Европската Унија вложува постојани и големи напори во подобрување на нашето корисничко искуство со дигиталните платформи и медиуми.

Конкретно, ЕУ преку DMA и DSM односно регулативите за дигиталниот пазар и услуги кои стапија на сила во ноември минатата година го одредува правецот во кој ќе се движат дигиталните, односно онлајн платформите во следниот децениски период и обезбедува дополнителна основа за позитивни онлајн искуства, повеќе можности за корисниците и фер конкуренција која се очекува да донесе еднакви шанси и можности за раст и развој во дигиталниот свет.

Секако дека дигитализација и дигиталната трансформација го олеснуваат нашиот живот, учењето, работата, комуникацијата со целиот свет во реално време итн. Меѓутоа, тие со себе носат и низа на ризици кои доколку не бидат навремено препознаени, не се даде соодветна едукација, регулатива и информации од страна на институциите може да ескалираат и да влијаат негативно врз поединците и демократските општества во целина.

Токму затоа ваквите регулативи имаат за цел и да создадат поголема слобода на изразувањето и слободната мисла, заедно со заштитата од дезинформации и лажни вести. Исто така, подобра приватност за секоја личност која решава да биде дел од дигиталниот сообраќај, проверка на факти, интероперабилност помеѓу различните платформи без ограничувања и монополи, модерациски политики и правила, како и нагласување на законската обврска од целосна транспарентност на политиките и услугите на сите дигитални платформи и медиуми.

На што треба да се обрне внимание кога ќе се аплицираат овие препораки во домашната легислатива? Има ли некои специфики кои треба да се имаат предвид?

Кордалов: Буквално на сите претходнонаведени области, без исклучок. Затоа што е важно да фатиме чекор со времето, а не постојано да доцниме со воведување на законските и другите новитетите и трендови кои во пракса веќе се спроведуваат во западниот свет.

Би додал дека за нас особено важен дел од целиот процес на заштита на секоја индивидуа од негативните онлајн појави зазема борбата против говорот на омраза и дискриминацијата кои многу често, а понекогаш дури и без мерка се шират на дигиталните платформи. Тука е исто така важна индивидуалната, меѓутоа и поширока заедничка акција бидејќи постојано треба да се потсетуваме дека интернет просторот еднакво припаѓа на секој од нас и должност е да се грижиме за личната, но и менталната хигиена на другите луѓе, односно да придонесеме за тоа секоја личност да се чувствува сигурно и добредојдено во виртуелниот свет.

Но, да одиме по ред. Важно е македонското и другите општества во регионот прво да ја препознаат целосно важноста и неопходноста од дигитализацијата, да ги прифаќаме предизвиците, да разбереме дека добиваме поголеми можности и проширување на правото на избор. А, потоа, и дека светот се движи постојано напред и се унапредува, дека планетата Земја се врти, а колку ние и да сакаме да ја запреме или вратиме назад, едноставно тоа е неизводливо.

Како ЕУ регулативата во однос на големите интернет платформи (Гугл, Фејсбук, Твитер, Јаху…) ќе се преслика во националната регулатива? Дали воопшто допира до нас ова прашање? Дали истите препораки можат да се однесуваат на нашите интернет агрегатори за кои постои мислење дека манипулираат со подредувањето на содржините и позиционирањето на порталите?

Кордалов: Сите овие прашања целосно допираат и до нас. Би сакал да потсетам дека процентот на активни интернет корисници кај нас, но и генерално во Југоисточна Европа е многу висок и над 80 проценти од населението е секојдневно активно онлајн.

Тоа значи дека сите ние како учесници во интернет сообраќајот „склучуваме“ договори со кои истовремено преземаме обврски кога добиваме можности и привилегии во виртуелниот свет.

Што се однесува до агрегаторите на вести, особено во македонското општество, тие играат мошне значајна улога во процесот на информирање на секој човек, бидејќи според сите листи, тие се едни од најкликаните и најпосетуваните дигитални платформи.

Според мене, многу е важно сите да бидат партнери во процесот, односно сите страни (медиумите и агрегаторите, како и интернет корисниците и државата) да имаат еднакви финансиски бенефити во процесот.

Дополнително, како што разговаравме и претходно, ЕУ со сите нови регулативи поттикнува транспарентност на дигиталните платформи во секоја сфера, па оттука верувам дека тоа ќе ги охрабри и агрегаторите на вести постојано да продолжат да ги унапредуваат своите алгоритми во ваква насока бидејќи нивната моќ е навистина препознаена и голема во делот на влијание врз начините на информирањето на луѓето во вакво дигитално време.

Дали регистарот на професионални онлајн медиуми на СЕММ ги исполни очекувањата? Дали е време да се апдејтира согласно досегашните искуства како „работи“ во реалноста?

Кордалов: Како човек, но и како комуниколог, јас длабоко и првенствено верувам во градењето на инклузивни општества и односи, кои се потпираат на рационална и отворена комуникација, доверба, заедничка акција и постојано работа на подигање на личната, а со тоа и јавната свест.

Секако, ја разбирам и потребата од креирање на регистар на професионални онлајн портали кој ги дава своите иницијални ефекти, но секако дека е потребно постојано да еволуира. Според мене, секоја промена или еволуција треба да го отсликува времето во кое живееме, меѓутоа и да се базира на мислењата и очекувања на онлајн порталите бидејќи токму на нив се однесува. Дополнително, сметам дека е важно да се работи и на зајакнување на довербата и односот со давателите на комерцијални реклами, во прв ред бизнис заедницата.

Би напоменал дека во овој процес, многу поголемо внимание од сите засегнати страни треба да се стави на медиумските кампањи за време на избори. За градење на доверба во институциите, партиите, но и генерално изборите важно е граѓаните да веруваат дека се внимава од сите страни како трошат парите за време на предизборна кампања, особено поради фактот што тие средства најчесто се буџетски, а токму буџетот го полнат граѓаните и компаниите.

Истовремено, би сакал да потсетам во овој контекст дека веќе станува повеќе од евидентно колку вложувањето во човечкиот и професионален кадар игра важна улога. Со други зборови, денес, токму од потписот на новинарот/ката, снимателот или фотографот зависи дали читателите, гледачите или слушателите ќе сметаат одредена содржина или медиуми за професионален или не.

Исто така, она што како општество упорно го запоставуваме, а тоа е да се инвестира во критиката и критичко размислување кое брутално кажано мора да се форсира да биде најважен дел од воспитно-образовниот систем уште од најрана возраст на децата.

Во делот на едукација во луѓето многу недостасува learning by example принципот кој ќе развива креативни индивидуа уште од најмали нозе кои ќе добијат едукација и основни правила кои понатаму ќе знаат како самостојно да ги надоградуваат и прилагодуваат на секоја промена и нов општествен контекст кој во иднината ќе следи.

Дали лажните вести имаат реално толку голема моќ колку што им се припишува и дали навистина денес тие можат да го моделираат човековото однесување? Дали човекот кога  формира ставови и мислења за новите појави повеќе се води од своите веќе стекнати знаења и убедувања или уште важи максимата од 20 век дека „ако е кажано на телевизија, мора да е вистина“?

Кордалов: Лажните вести се голем проблем првенствено за секоја личност, а дури потоа за општествата во целина. Бидејќи штетата од ширењето на лажни вести на крај ја трпи поединецот или секој од нас.

Мојот став по ова прашање останува конзистентен. Во сите општества, но особено во општества како балканските кои не се склони кон доверба помеѓу општествените чинители и граѓаните, најпрво е важно да се демонстрира дека секоја личност има право на свој личен став, мислење и говор. Единствената кочница тука е доколку вашето право загрозува нечие друго право.

Понатаму, мораме како луѓе, но и како систем да имаме вистински транспарентни и отчетни институции и политичари. Не половично или нецелосно отворени кон јавноста т.е. кон граѓаните и медиумите.

Трето, потребно е да разликуваме дека постои научна и ненаучна вистина, како и да правиме разлика меѓу институционален став (став на јавна институција која сите ја плаќаме и е специјализирано надлежна за одреден дел) и став на други страни. Наместо како досега да водиме жолчна полемика до омаловажување и навредување кој е во право и кој има монопол над вистината.

Во делот на телевизиите, односно традиционалните медиуми каде спаѓаат и кредибилните онлајн портали и други дигитални платформи би кажал дека тие навистина вложуваат многу напори и се можеби најважниот и најупорниот борец во битката со лажните вести, теориите на заговор и дезинформациите.

Причина за ова се секако законските основи и мониторинг, но првенствено стандардите во новинарската професија кои тие самите ги имаат поставено, како и квалитетот на кадар кој е столбот на секој медиум.

Според мене, потребна е уште и поголема слобода и поддршка од буџетот како во европските земји наменета за сите професионални медиуми за да тие не мора по секоја цена да ја бараат првенствено профитната компонента, односно да бркаат кликови и рејтинзи по цена на опстојување. Бидејќи, ако поради општествен интерес ги финансираме аналитичките центри или медиумските кампањи на партиите за време на избори, мислам дека имаме многу поголем општествен интерес за граѓанска финансиска поддршка на медиумите, ослободена од каков било политички притисок и влијание!

Како ја коментирате одлуката на Сад, Канада и на ЕУ за поголема контрола за Тик-Ток?

Кордалов: Би сакал на почетокот да потсетам дека прашањето за приватноста и заштитата на податоците, односно контролата дали социјалните медиуми се грижат за корисниците не се однесува само на Тик-ток. Иако САД уште пред неколку години почнаа да се занимаваат со безбедноста на податоците од Тик-ток, сепак во минатото и Фејсбук, Гугл, Твитер, Инстаграм, сите тие беа под истраги од САД, како и ЕУ институциите за да се докаже дека се грижат за корисниците и безбедноста. Тоа особено беше изразено во периодот по претседателските избори во САД и на „Брегзит“ во Велика Британија.

Во делот на контролата и забраната за Тик-ток клучни се три аспекти: геополитичките односи, заштитата на луѓето, односно на нивните податоци, и заштитата на децата.

Причина за забраната за користење Тик-ток на службените, односно на владините телефони во повеќе земји од Европа и во САД е грижата од можна злоупотреба, кражба на податоците, злоупотреба на содржините итн.

Друг момент е дали Тик-ток доволно ги заштитува децата и младата популација од изложеност на опасни содржини. На тоа бевме сведоци во изминатиот период со сѐ поголемиот број случаи во светот на фатален исход од тикток-манијата за креирање и снимање содржини опасни за животот. А, за жал, и во регионот имавме случаи на млади луѓе со трагичен крај. Исто така, дел од луѓето на различни возрасти преку содржините што ги креираа за да ги објават токму на Тикток го загрозуваа својот или туѓиот живот или прекршуваа закони, поради што подоцна се соочија со казни.

Во оваа насока, интересен е предлог законот во Франција кој предвидува т.н. забрана за користење на Тик-ток, Снепчет или Инстаграм за деца под 15 години освен со дозвола, однос надзор на родител. Тоа значи дека и правно се регулира она што одамна треба да се воспостави, а тоа е соработката меѓу социјалните мрежи, институциите и родителите во новата ера на социјални медиуми, нешто што е од огромен интерес на децата и нивниот комфор и безбедност во виртуелниот свет на возраст кога ги стекнуваат правилата на игра во онлајн просторот.

*Бојан Кордалов е комуниколог кој активно работи во сферата на комуникациите и маркетингот повеќе од 20 години и активно ја застапува дигитална трансформација на општеството, е-трговија,  медиумска и дигитална писменост

Зачлени се на нашиот е-билтен