Хоџа: Усје ќе има нова дозвола но со построги правила

А-интегрираната еколошка дозвола на Цементарницата „Усје“ ќе биде обновена според новиот закон за контрола на индустриските емисии, кој предвидува построги стандарди за заштита на воздухот и животната средина, најави министерот Муамет Хоџа.

Барањето на компанијата било уредно поднесено и јавно објавено на 22 мај, а заинтересираните граѓани, организации и институции можат да доставуваат забелешки до 22 јуни.

На почетокот на јули треба да се одржи јавна расправа на територијата на Општина Кисела Вода, каде што се наоѓа фабриката. Според Хоџа, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе го објави и целиот записник од расправата.

Барањето било доставено и до Општина Кисела Вода и до Град Скопје, а постапката за обновување на дозволата треба да заврши во март.

Иако процедурата е започната според важечките правила, Хоџа тврди дека новата дозвола ќе биде усогласена со Законот за контрола на индустриските емисии, кој треба да стапи во сила во септември 2027 година.

Новиот закон предвидува повисоки критериуми за контрола на индустриското загадување, кои ќе се применуваат врз сите оператори што поседуваат А-интегрирани еколошки дозволи.

Министерот посочи дека по 2027 година сите вакви дозволи ќе треба да бидат ревидирани, поради што, според него, и тековните постапки треба да се приспособат на идните построги стандарди.

Најавата доаѓа во период кога граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ подготвува протестен марш поради барањето на цементарницата за продолжување на дозволата.

Хоџа најави средба со претставниците на иницијативата, еколошките организации и активистите, нагласувајќи дека тие треба да бидат партнери на институциите во борбата за почиста животна средина.

Министерството подготвува и регистар на индустриските капацитети со А-интегрирана дозвола. Операторите ќе имаат обврска да ги доставуваат резултатите од мерењата, кои потоа треба јавно да се објавуваат на интернет-страницата на Министерството.

Најчитано