Од партијата Левица вечерва соопштија дека според нивните теренски податоци, кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ, има предност на дел од избирачките места.
„Во неколку скопски општини, вклучително и во Центар и Ѓорче Петров, се бележи водство на нашиот кандидат Амар Мециновиќ,“ наведуваат од партијата.
Од Левица додаваат дека пребројувањето сè уште трае и дека резултатите можат да се променат во текот на вечерта, но нагласуваат дека „гласот на народот се слуша, особено во урбаните средини“.
Партијата побара целосна транспарентност од Државната изборна комисија и навремено објавување на официјалните резултати, при што истакна дека нивните набљудувачи пријавиле неколку неправилности на одредени гласачки места кои, како што велат, не влијаеле на текот на гласањето.
Од Левица очекуваат конечните резултати да потврдат дека Мециновиќ го добива сè поголемото доверие на скопјани, особено меѓу младите гласачи.

