Азербејџан и Узбекистан континуирано ја прошируваат економската, енергетската и инвестициската соработка, воспоставувајќи нови директни врски меѓу Јужен Кавказ и Централна Азија и намалувајќи ја зависноста од традиционалните руски економски и транспортно-енергетски канали.
Олександар ЛЕВЧЕНКО*
За време на IV Меѓурегионален форум „Азербејџан—Узбекистан“ во Ташкент, министерот за економија на Азербејџан, Микаил Џабаров, изјави дека државната нафтена компанија SOCAR влегува на малопродажниот пазар во Узбекистан. Истовремено, азербејџанската компанија „AzerGold“, заедно со узбекистански партнери, ќе спроведува геолошки истражувања и ќе учествува во експлоатацијата на злато. Проширувањето на соработката ги опфаќа стратешки важните сектори и придонесува кон создавање нов систем на економска меѓу зависност меѓу двете држави. Вклучувањето на азербејџанските компании во енергетски и рударски проекти во Узбекистан создава дополнителни канали на поврзување меѓу Централна Азија и Јужен Кавказ, зајакнувајќи ја улогата на Баку и Ташкент во формирањето диверзифициран регионален економски и енергетски систем.
Баку се потпира на турските одбранбени технологии
Паралелно, Азербејџан ја продлабочува воено-техничката соработка со Турција, постепено зајакнувајќи ги сопствените одбранбени капацитети и намалувајќи ја зависноста од руските воени технологии.
Во Баку се одржа средба меѓу министерот за одбрана на Азербејџан, Закир Хасанов, и делегација предводена од претседателот на Управниот одбор на турската компанија „Baykar“, Селчук Бајрактар. Страните разговараа за перспективите за развој на заедничко производство, вклучително и беспилотни летала и средства за електронско војување, како и ги утврдија натамошните насоки на воено-техничката соработка. Закир Хасанов ја нагласи потребата од натамошно зголемување на заедничкиот производствен потенцијал преку воведување напредни технологии и иновации. Селчук Бајрактар, од своја страна, истакна дека заемните посети придонесуваат кон продлабочување на азербејџанско-турското воено и воено-техничко партнерство.
За Баку, оваа соработка има не само воено-техничка, туку и стратешка димензија. Во услови на трансформација на безбедносниот систем на Јужен Кавказ и постепено слабеење на монополското влијание на Русија, Азербејџан го проширува кругот на надворешни партнери и ја зајакнува сопствената стратешка автономија. Турција притоа не настапува само како снабдувач на современи одбранбени технологии, туку и како клучен стратешки партнер способен да го балансира руското влијание во регионот.
САД го зајакнуваат економското присуство на Јужен Кавказ
Истовремено, Вашингтон го интензивира своето економско присуство на Јужен Кавказ, потпирајќи се на развојот на Транскаспискиот трговски пат — Средниот коридор. Државниот секретар на САД, Марко Рубио, објави изјава во врска со декларацијата потпишана пред една година меѓу САД, Азербејџан и Ерменија, во рамките на која е предвидено формирање на Транскасписки фонд за претприемништво. Неговата цел е да се стимулираат инвестициите од приватниот сектор долж Средниот коридор, кој ги поврзува Централна Азија, Јужен Кавказ и европските пазари. Рубио, исто така, изрази надеж за натамошен напредок кон постигнување траен мир на Јужен Кавказ.
Интензивирањето на американското учество укажува на стремежот на Вашингтон да ги зајакне своите економски и политички позиции во регионот, истовремено поттикнувајќи го развојот на транспортни маршрути што претставуваат алтернатива на руските. Развојот на Средниот коридор има стратешко значење бидејќи создава дополнителни можности за транспорт на стоки меѓу Централна Азија, Јужен Кавказ и Европа, заобиколувајќи ја територијата на Русија. На долг рок, тоа може да ја зајакне транспортно-економската самостојност на државите во регионот и да ја намали нивната зависност од руската инфраструктура.
Ереван и Баку формираат нов модел на економски односи
Паралелно, Ереван и Баку почнуваат да формираат нов економски модел на билатерални односи без посредство на Москва. Премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, изјави дека постои агенда за заемна трговија со стоки меѓу Ерменија и Азербејџан. Развојот на трговските врски меѓу двете земји се одвива во услови на поширока реконфигурација на регионалниот систем на односи и засилена ориентација на Ереван кон развој на врските со западните партнери.
Истовремено, продлабочувањето на економската интеракција меѓу Ерменија и Азербејџан има директна политичка димензија. Потенцијалното проширување на извозот од Ерменија кон Азербејџан претставува сигнал за постепен премин од конфронтациски модел кон прагматична економска соработка. Доколку овој процес продолжи да се развива, тој може да стане еден од практичните инструменти за консолидирање на мирот меѓу двете земји и да придонесе кон формирање нова регионална архитектура на безбедност и економска интеракција. Истовремено, нормализацијата на односите меѓу Ереван и Баку објективно ја намалува потребата од улогата на Москва како традиционален посредник и арбитер на Јужен Кавказ.
Вашингтон ги зајакнува стратешките врски со Баку
Важен елемент на оваа трансформација е и зајакнувањето на односите меѓу Азербејџан и САД. Стејт департментот на САД го извести Конгресот за продолжување на ослободувањето на Азербејџан од ограничувањата предвидени со членот 907 од Законот за поддршка на слободата, донесен во 1992 година. Членот 907 го ограничува обезбедувањето американска помош за Азербејџан, но во 2001 година Конгресот му даде на претседателот на САД право да ја суспендира примената на овие ограничувања. Оттогаш, американските претседатели секоја година го продолжуваат соодветното ослободување.
Продолжувањето на примената на овој механизам има значење не само за билатералните односи меѓу Вашингтон и Баку. Тоа исто така ги одразува подлабоките промени во геополитичката конфигурација на Јужен Кавказ. Зајакнувањето на американското присуство, развојот на транспортно-енергетските маршрути како алтернатива на руските, продлабочувањето на азербејџанско-турското воено-техничко партнерство и воспоставувањето нови економски врски меѓу Ерменија и Азербејџан постепено го менуваат балансот на влијанието во регионот.
Во целина, овие процеси укажуваат на формирање нов систем на интеракција на Јужен Кавказ и поширокиот регион, во кој сè поголема улога имаат Баку, Анкара, Вашингтон и Ташкент. За Русија, тоа значи постепено намалување на можностите за користење на економската, енергетската, транспортната и безбедносната зависност како инструмент на регионално влијание.
Азербејџан ја зајакнува улогата на стратешки партнер на Израел и поврзувачка алка со Централна Азија
Азербејџан континуирано го зајакнува својот статус на сигурен партнер на Израел, истовремено создавајќи дополнителни можности за негов пристап до пазарите на Централна Азија и придонесувајќи кон натамошно слабеење на руските позиции во регионот. Баку веќе има развиени билатерални односи со Израел, а истовремено одржува активни политички, економски и транспортни врски со државите од Централна Азија. Тоа создава предуслови Азербејџан да се претвори во важна поврзувачка алка меѓу Израел и централно азискиот регион.
Генерално, намалувањето на руското влијание во Централна Азија и на Јужен Кавказ станува еден од клучните фактори во трансформацијата на регионалниот систем на односи. Државите од регионот сè поактивно ги диверзифицираат своите економски, политички и безбедносни врски, развивајќи соработка со Кина, САД, Турција, ЕУ, Израел и други надворешни партнери.
Земјите од Централна Азија, во целина, применуваат прагматичен пристап кон развојот на односите со Израел, фокусирајќи се пред сè на трговско-економската, енергетската, технолошката и безбедносната соработка. Во овој контекст, Азербејџан има особено значење поради комбинацијата на два фактори: воспоставеното стратешко партнерство со Израел и развиените контакти со државите од Централна Азија.
Казахстан и Азербејџан играат важна улога во обезбедувањето на израелскиот увоз на нафта. Истовремено, стратешкото значење на Баку се протега далеку надвор од енергетскиот сектор. Азербејџан може да ја извршува функцијата на транзитен и дипломатски посредник меѓу Израел и централноазиските држави, особено преку мултилатерални формати на соработка и развојот на Средниот коридор.
Географската положба на Азербејџан, неговата транспортна инфраструктура и пристапот до Каспиското Море го зголемуваат неговото значење за реализацијата на економски и логистички проекти што ја поврзуваат Централна Азија со Европа и со други надворешни пазари. Во перспектива, тоа може да придонесе кон проширување на израелското економско и технолошко присуство во регионот.
На тој начин, промената на регионалниот баланс создава меѓусебно комплементарни можности за Израел и Азербејџан: Израел добива дополнителен канал за проширување на своето економско, технолошко и политичко присуство во Централна Азија, додека Баку ја зајакнува сопствената улога како регионален транспортен, енергетски и дипломатски центар.
Германија и Азербејџан: од енергетско партнерство кон нова индустриска и логистичка соработка
Паралелно, Азербејџан го зајакнува стратешкото партнерство со Германија, кое постепено ги надминува рамките на традиционалната енергетска соработка. Според директорот на аналитичкиот центар CASPIA, Орхан Јолчиев, развојот на билатералните односи го одразува поширокиот европски курс кон намалување на зависноста од Русија, диверзификација на изворите на енергија и воспоставување алтернативни транспортно-логистички маршрути.
Во Азербејџан работат повеќе од 250 германски компании, чии активности опфаќаат, меѓу другото, машинство, транспорт, обновлива енергија и високотехнолошко производство. Тоа укажува на постепен премин од претежно енергетски формат на соработка кон пошироко индустриско партнерство.
Во 2025 година, билатералната трговска размена достигна околу 1,7 милијарди евра, при што значителен дел го сочинуваше извозот на германска индустриска опрема, машини и транспортни системи. Истовремено, клучен показател за развојот на односите станува не толку зголемувањето на обемот на трговијата, колку продлабочувањето на индустриската кооперација.
Германскиот бизнис може да има сè поголема улога во реконструкцијата и развојот на индустриските зони во Азербејџан, пред сè во машинството, транспортот, обновливата енергија и високотехнолошкото производство. Особено значење има Средниот коридор, кој ги поврзува Кина и Централна Азија со европските пазари преку Каспиското Море, Азербејџан, Грузија и Турција.
По почетокот на целосната војна на Русија против Украина, оваа маршрута доби стратешко значење како алтернатива на руските транзитни патишта. Како резултат на тоа, Азербејџан се претвора во важен логистички центар на европската стратегија за диверзификација на синџирите на снабдување.
Според оценката на Орхан Јолчиев, економскиот потенцијал на Средниот коридор првенствено се определува од можноста за транспорт на стоки со висока додадена вредност. Проширувањето на пристаништето во Баку и развојот на Слободната економска зона Алат создаваат дополнителни услови за привлекување инвестиции и зголемување на транзитните текови.
Енергетиката и понатаму останува темел на азербејџанско-германското партнерство. На почетокот на 2026 година, Азербејџан започна директни испораки на гас за Германија и Австрија, зајакнувајќи ја својата улога како алтернативен снабдувач во услови на постепеното откажување на Европа од руските енергетски ресурси. Во перспектива, Азербејџан може да има важна улога и во транзитот на казахстанска нафта и туркменски гас кон европските пазари, што дополнително ќе го зајакне неговото значење за европската енергетска безбедност.
Војната на Русија против Украина стана еден од клучните фактори за забрзување на оваа трансформација. Намалувањето на руското влијание на Јужен Кавказ се совпадна со настојувањето на европските држави да ги диверзифицираат изворите на енергија, транспортните маршрути и синџирите на снабдување.
Во овој контекст, Азербејџан постепено добива нов стратешки статус — не само како снабдувач на јаглеводороди, туку и како важен елемент на архитектурата на економската и транспортната поврзаност што се формира меѓу Европа, Кавказот и Централна Азија. Во поширока перспектива, тоа значи зајакнување на повеќе векторскиот регионален систем, во кој Азербејџан настојува да ја зацврсти улогата на еден од клучните центри на интеракција меѓу Европа и Централна Азија, додека Израел, Германија и другите надворешни партнери добиваат нови можности за економско, енергетско и технолошко присуство во регионот.
*Олександар ЛЕВЧЕНКО e поранешен украински амбасадор во Хрватска и Босна и Херцеговина

