Христијан Пендиков го проби патот сите македонските Бугари да бараат стан во Софија

Што ако и Бугарите во Бугарија почнат да се декларираат како македонски Бугари само за да добијат исти привилегии како Пендиков и останатиите како него?

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Христијан Пендиков навистина имал среќа, во несреќа. Со малку ќотек во родниот Охрид си доби станче во Софија, дневници, лично обезбедување, а наскоро и државјанство. Кој е како него.

Што ќе прави Христијан во станчето и со каква работа ќе се зафати, веројатно тој си знае. Но, ако продолжи со истиот „бизнис“ како и во Охрид, бргу ќе дознае и обезбедувањето што му е доделено „да го чува“, а Христијан ќе види што е тоа вистински “бугарски ќотек“. Па така нема да биде чудо ако бргу, бргу, нѝ се врати Христијан, за по охридските улици да ја брани Македонија.

Но, сега за сега, бугарската Влада нека му ја мисли. Што ако од секоја кафеанска тепачка ќе се раѓа по еден благонадежен Бугарин на кого ќе му треба авионски превоз до Софија на лекување и нормално, стан и вработување? Тоа се стандардите што ги наметнаа Пендиков и од тоа подолу не може да се оди.

Верувам дека тоа наскоро ќе предизвика голем станбен проблем во Бугарија: Како да ги згрижи сите истапани Македонци кои по добиениот ќотек ќе се освестат, како Бугари.

Замислете сега 150 илјади носители на бугарски пасош, колку што тврдат бугарските власти дека поседуваат наши сограѓани, да побараат стан и државјанство во Бугарија, под изговор дека се истепани поради национална омраза?!?

Тоа се најмалу исто толку станови што овие македонски Бугари со право ќе си ги побараат. Инаку можат да се жалат дека се дискриминирани од истата таа бугарска држава која не постапува подеднакво, туку по принципот- прв истепан, прв стекнат со правото на стан и плата.

Тоа го потврди на некој начин и бугарскиот претседател Румен Радев, кој порача дека бугарската држава „нема да трпи насилство врз Бугарите во Република Македонија и врз своите државјани и ќе ги искористи сите национални и меѓународни инструменти за заштита на нивните права“.

Лесно му е на Радев кој начека „село без кучиња“, односно период на „безвластие“ во Бугарија и си се соживеа со улогата на „татко на нацијата“, што му ја дава тој меѓупростор на постојани избори. На техничката Влада исто така и „дреме“ па дели станови од рака, без да има политичка одговорност за економските последици од одлуките што ги носи.

Да му дадеш на едно момче од 22 години стан преку ноќ без посебна причина е навистина нон-сенс, особено во Бугарија во која нема никаква стратегија на домување, а во која има огромен број на бездомници, но и сиромашни кои не можат да дојдат до стан.

Она што зачудува е што засега нема никакви реакции од таму. Ниту од страна на политичките партии, ниту од страна на медиумите, а ниту од пошироката јавност.

„Ги погледнавме статистиките кои покажуваат како се менувал бројот на домови на општините низ годините – домовите во кои општините можат да ги сместат сиромашните со поприфатлива кирија. Во 1993 година нивниот број на територијата на Софија изнесуваше 120.000, сега се намалени на 9.000, покажуваат официјалните податоци на општина Софија. Од друга страна, во градот во моментов има повеќе од 10.000 сиромашни луѓе кои ги исполнуваат условите за вакво домување“, вели Стефан Крастев, коавтор на специјализираниот извештај со наслов „Дом за сите, мисија (не)возможна“, во нтервју за БНР.

„Вкупно  400 домови се изградени во изминатите 10 години во рамките на овие оперативни програми, што покрива околу 1% од реалните потреби во земјата“, рече Крастев и додаде дека според анализите, треба да има најмалку 85.000 достапни домови на национално ниво.

Бидејќи има недостиг од слободни работни места, дел од сиромашните мора да бидат сместени во центрите за привремено сместување бездомници. Но, во Софија има само три такви центри, со капацитет од 510 лица. Семејствата со низок или без приход, во меѓувреме, се принудени да бараат сместување без кирија или социјални станови – кои, сепак, се ограничени и тешко достапни.

Дури и за оние со просечна плата во главниот град, месечната кирија за еднособен стан речиси надминува 50% од нивниот приход.

Христиан Пендиков не е меѓу нив. Тој има статаус на „почесен“ граѓанин на Софија.

Сѐ си мислам што ако и Бугарите во Бугарија почнат да се декларираат како македонски Бугари само за да добијат исти привилегии како Пендиков и останатиите како него?

Треба да знаете
Moже да ве интересира