СДСМ обвини дека премиерот Христијан Мицкоски повторно застанал во одбрана на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, откако пратениците на владејачкото мнозинство во Собранието гласаа против интерпелацијата за неговата работа.
Од опозициската партија велат дека со ваквиот потег власта ги игнорирала барањата на земјоделците и ја презела одговорноста за, како што оценуваат, лошата состојба во земјоделскиот сектор.
„По директен налог на Мицкоски, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и владејачкото мнозинство гласаа против интерпелацијата за Трипуновски. Со тоа уште еднаш застана против илјадниците земјоделци кои бараа оставка од министерот“, наведуваат од СДСМ.
Партијата тврди дека во изминатите две години е забележано намалување на субвенциите и на поддршката за повеќе категории земјоделски производители. Според СДСМ, намалена е финансиската помош за тутунарите, лозарите, оризопроизводителите и сточарите, а дел од субвенциите доцнат со исплата.
Во соопштението се посочува дека сточарството се соочува со сериозни проблеми, при што се намалува бројот на добиток, додека сточарите реагираат на ниските откупни цени на млекото и растечките производствени трошоци.
СДСМ се повикува и на податоци според кои откупот од малите земјоделци е намален за 46,2 проценти, што, според партијата, претставува показател за пад на земјоделското производство и пласманот.
Опозициската партија ја обвинува Владата и за, како што наведува, низа корупциски скандали поврзани со земјоделскиот сектор, меѓу кои и случајот со ИПАРД-програмата.
„Прво го спасија од корупциски скандали, а сега и од политичка одговорност. Јавноста има право да знае зошто Трипуновски останува на функцијата и покрај бројните критики и проблеми во секторот“, велат од СДСМ.
