Судир на правното читање на Вториот протокол и политичката реалност на процесот

протоколот

Дури и да исчезнат Протоколот и сите референци кон него, спорот со Бугарија нема да исчезне. Ова е апсолутно точно. Токму овој дел го отвора вистинскиот проблем – дали клучниот фактор за блокадата на нашите евроинтеграции е правната формулација или политичката моќ на Бугарија во рамките на Европската Унија.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Интервјуто на претседателката Гордана Силјановска-Давкова за „360 Степени“, водено од Васко Попетревски, повторно ја врати во фокус една од најконтроверзните теми во македонските евроинтеграции. И можеби за првпат по долго време во нашата медиумска јавност видовме и прочитавме токму она што многу ни недостига – аналитички пристап кон процесите. Особено кога станува збор за Вториот протокол со Бугарија и неговото значење во преговарачката рамка со Европската Унија.

Дел од ставовите изнесени во интервјуто предизвикаа силни реакции во јавноста, а особено внимание привлече толкувањето на одредбите што се однесуваат на работата на Заедничката историска комисија.

Долгогодишниот новинар Бранко Героски во својата колумна, како реакција на интервјуто, оцени дека не постојат „погрешни интерпретации“ на Вториот протокол и дека неговите политички последици се јасни и недвосмислени. Според него, суштината не е во дипломатските формулации, туку во фактот дека Бугарија добила механизам преку кој може да го условува напредокот на Македонија во европскиот процес.

Новинарот Васко Попетревски објави авторски текст во „360 Степени“, во кој детално ги анализираше спорните одредби од Протоколот и тврдеше дека во јавноста се создава наратив што не произлегува од самиот документ. Според неговото толкување, текстот не содржи експлицитни обврски што често му се припишуваат и затоа дебатата мора да се води врз основа на фактите напишани во документот, а не врз политички претпоставки.

На прв поглед станува збор за спор околу значењето на неколку реченици. Во суштина, пак, ова е судир на две различни гледишта за тоа како треба да се читаат меѓународните договори. Односно, дали договорот треба да го гледаме исклучиво низ призмата на неговата правна содржина или преку политичкиот контекст што стои зад него и неговото евентуално спроведување.

За правилно нијансирање на одговорот на ова прашање, многу е важно да знаеме како функционира Европската Унија и како се одвиваат работите во пракса. Заклучокот, според мене, треба да биде јасен, но ќе го оставам за крај.

Попетревски многу прецизно ја гради тезата врз јазикот на документот. Неговата централна поента е дека зборовите „поддржуваат“ и „охрабруваат“ не се исто што и „се обврзуваат“, „наложуваат“ или „гарантираат“. Од аспект на правната техника, тоа е неспорно. Доколку некој студент по меѓународно право ја анализира само спорната реченица од Протоколот, веројатно би дошол до сличен заклучок. Документот навистина не содржи експлицитна обврска историската комисија да донесе одредени заклучоци, ниту владите да ѝ диктираат резултати.

Тоа што, сепак, сакам да го укажам е дека за Брисел, односно за Европската Унија, ретко кога било најважно што точно пишува во една реченица, туку како таа е вградена во поширок политички механизам. И тука би продолжил со аргументот на Героски.

Бугарија не ја интересира дали историчарите биле „охрабрени“ или „задолжени“. Неа ја интересира дали процесот произведува резултати што таа ги смета за задоволителни. А бидејќи секоја земја членка има право да го блокира процесот, политичката тежина на Протоколот е многу поголема од неговата формална правна тежина.

Во Протоколот не постои механизам со кој Бугарија може директно да се повика на него и автоматски да нè блокира, а токму тоа емпириски го покажува Попетревски во својот текст. Сепак, она на што укажува Героски е дека Бугарија, без оглед на „зборовите“ во Протоколот, може да ја затвори вратата кога ќе посака.

Во еден дел од својата колумна Попетревски вели дека дури и да исчезнат Протоколот и сите референци кон него, спорот со Бугарија нема да исчезне. Ова е апсолутно точно. Токму овој дел го отвора вистинскиот проблем – дали клучниот фактор за блокадата на нашите евроинтеграции е правната формулација или политичката моќ на Бугарија во рамките на Европската Унија.

И токму тука пристигнувам до заклучокот. Односно до прашањето: дали Бугарија ќе може да каже дека Македонија не го спроведува договореното и врз таа основа да го закочи процесот?

Реалниот одговор е – да, може.

Не затоа што така пишува во спорната реченица, која потоа ќе биде искористена како аргумент.

Туку затоа што така функционира Европската Унија.

Македонските евроинтеграции, искрено и за жал, не се правен факултет, туку политички процес во кој секоја членка има право на вето.

Најчитано