Стопанската комора денеска ќе презентира предлог за промена на системот на празници и неработни денови во Македонија, со образложение дека сегашното решение влијае врз продуктивноста и економската ефикасност.
На прес-конференција на тема „Празниците во Македонија и нивното влијание врз економијата“, Комората ќе го претстави актуелниот систем на празници и неработни денови, но и конкретен предлог за измени на Законот за празниците. Според најавата, целта е да се „оптимизира“ бројот на неработни денови и да се придонесе кон поголема продуктивност и економска ефикасност. Засега не е соопштено кои празници или правила конкретно предлагаат да бидат променети.
Прашањето е особено актуелно годинава, бидејќи три државни празници паѓаат во недела – 24 Мај, 2 Август и 11 Октомври, па согласно Законот, неработен е и наредниот ден. Во 2026 година календарот предвидува 11 празници кои се неработни за сите граѓани, покрај дополнителните празници што се неработни за припадниците на различни верски и етнички заедници.
Комората и претходно ја отвораше темата за организацијата на работното време и неработните денови, особено по воведувањето на „недела – неработен ден“, барајќи поголема флексибилност за одредени дејности и компании. Законските решенија веќе беа менувани со проширување и прецизирање на исклучоците за работа во недела и на празници.
Дали новиот предлог ќе значи намалување на бројот на празници, промена на правилото според кое понеделник е неработен кога државниот празник паѓа во недела, или ќе ја отвори и темата за недела како неработен ден, треба да биде познато по денешната прес-конференција. Во најавата засега се наведуваат само измени на Законот за празниците

