Историјата не е должна да ги потврдува нашите национални митови

историјата
Самуил ја уништува ромејската (византиската) војска кај Солун (996) и го убива Григориј Таронит, L’illustration du manuscript de Skylitzes de Madrid, p. 100 Божков А.: Миниатюри от Мадридския ръкопис на Йоан Скилица, p. 225

Самуил не мора да биде само наш, бугарски, грчки или ерменски за да биде важен. Треба да знаеме каде владеел, на која политичка традиција се повикувал, кои јазици и култури го опкружувале, што кажуваат изворите за неговото семејство и што навистина може, а што не може да се докаже за неговиот живот. Тоа е историја. Сè друго почнува да станува политика на минатото.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Тие кои редовно ме читате, знаете дека најмногу пишувам за комуникации, што е логично бидејќи со нив професионално се занимавам најголемиот дел од животот. Одвреме-навреме ве малтретирам со Галичник, музика, книжевност и со уште по некоја тема што ме интересира.

Денеска, сепак, ќе потсетам на нешто што ретко имам причина да го истакнувам. По образование сум дипломиран професор по историја, со диплома од Институтот за историја при Филозофскиот факултет на УКИМ. Кариерата ме однесе во друга насока, но во историјата сум сè уште заљубен. Сум ја студирал и сум учел како се читаат, проверуваат и споредуваат историски извори. Ова го кажувам само за текстот што следува да има малку поцврст темел и да го тргнам сомнежот дека сум прочитал три текста на интернет и сум решил дека од денеска знам сè и за историјата.

Постои една од оние реченици што со децении се пренесуваат од генерација на генерација, се повторуваат во политички говори, новинарски текстови, кафеански разговори и расправии на социјалните мрежи, а поради честото повторување веќе речиси никој не се обидува да провери дали воопшто имаат смисла. „Историјата ја пишуваат победниците“ е токму таква реченица и, колку и да звучи мудро и привлечно, во основа е глупост, затоа што историјата не е една книга што победникот ја пишува по завршувањето на војната, туку научна дисциплина која своите сознанија ги гради преку споредување на различни и често меѓусебно спротивставени извори.

Историјата, колку и тоа да звучи необично во време во кое секој национален мит може за неколку часа да стане „историски факт“ на социјалните мрежи, е прилично прецизна научна дисциплина. Не е егзактна наука во смисла во којашто се математиката или физиката и никој сериозен историчар нема да тврди дека за секој настан од пред илјада години може да ни каже што се случило во секој детал. Но историската наука има методологија, хиерархија на извори, археологија, епиграфика, нумизматика, палеографија, хронологија, лингвистика и цела низа помошни дисциплини со кои се проверува дали нешто што е запишано навистина може да се потврди со други независни податоци.

Токму затоа победникот може да напише хроника во која себеси ќе се претстави како најголемиот владетел што некогаш живеел, но ако археологијата, документите на неговите противници, монетите, натписите или независните хроничари покажат нешто друго, историчарот не е должен да му верува. Во многу случаи ги имаме токму текстовите на поразените, а понекогаш нивните сведоштва се единственото нешто што воопшто ни овозможува да ја разбереме другата страна на некој конфликт. Затоа „историјата ја пишуваат победниците“ можеби е добра за оправдување на комплексите особено на Балканов, но како објаснување на начинот на кој функционира историската наука останува – глупост.

Текстов е инспириран од ненадејниот интерес за цар Самуил, поттикнат од повторното отворање на прашањето за човечките останки пронајдени на островот Свети Ахил во Мала Преспа. За само неколку дена повторно ги добивме старите балкански расправии за тоа чиј бил Самуил, кому му припаѓаат неговите коски, чија била неговата држава и кој денес има поголемо историско право да го смета за „свој“.

Проблемот со сите овие прашања започнува многу порано од Самуил, затоа што средниот век упорно се обидуваме да го читаме со политичкиот речник на XIX, XX и XXI век.

И, најдобар пример за ова е Византија. Внимавајте сега што ќе кажам во X и XI век не постои држава која себеси се нарекува Византија. Самуил не војувал со владетел кој себеси се сметал за „византиски цар“, ниту Василиј II владеел со народ кој официјално се нарекувал „Византијци“. Државата што денес ја нарекуваме Византиско Царство во тоа време е позната и се сметала продолжение на Римското Царство, нејзините жители биле Ромеи, односно Римјани, а владетелот бил василевс на Ромеите.

Современата историографска употреба на „Византија“ како посебно име за средновековното Источно Римско Царство се оформува многу подоцна и вообичаено се поврзува со германскиот хуманист Хиеронимус Волф и неговото издание Corpus Historiae Byzantinae од 1557 година. Името потекнува од древниот Византион, градот врз кој Константин го изградил Константинопол, но жител на царството во времето на Самуил не живеел со свеста дека е граѓанин на некаква држава наречена Византија.

Денес терминот е сосема легитимен и практичен историографски поим и нема ништо погрешно во неговата употреба, сè додека знаеме дека станува збор за подоцнежна научна конвенција, а не за името под кое таа држава се разбирала самата себе.

Од ова произлегува и второто поедноставување, според кое Византија била грчка национална држава, па следствено нејзините владетели биле Грци во онаа смисла во која денес зборуваме за националност.

Источното Римско Царство со вековите навистина станало доминантно грчкојазично, а грчкиот јазик и хеленското културно наследство станале фундаментални за неговата култура, образование, администрација и црковен живот. Меѓутоа, од тоа не произлегува дека царството било национална грчка држава според современото значење на тој поим, ниту дека неговата политичка елита имала единствено етничко потекло.

Самите биографии на императорите се доволни за да се види колку е таквата слика поедноставена. Јустинијан I е роден во балканската провинција Дарданија и потекнува од латинојазичната доцноримска средина. Лав III потекнува од Германикеја на источната граница на царството. Роман I Лакапин во изворите се поврзува со ерменско семејно потекло. За Василиј I, основачот на таканаречената Македонска династија, постои долга историографска расправа за неговите ерменски и балкански корени. Дури и називот „Македонска династија“, кој денес може да предизвика сосема погрешни асоцијации, произлегува од тогашната административна географија на царството и не означува македонска националност во современа смисла.

И, сега доаѓаме до Самуил, каде што истата методолошка грешка ја правиме уште поочигледно.

За семејното потекло на Самуил постои извор кој е исклучително интересен токму затоа што не е создаден во некоја балканска национална историографија девет века подоцна. Ерменскиот хроничар Степанос Таронски, познат како Асолик, кој пишува во времето непосредно блиско до Самуил, го поврзува неговото семејство со ерменската област Дерџан. Современата византолошка просопографија ова сведоштво го третира сериозно, а дополнително внимание привлекува и името на Самуиловата мајка Рипсимија, односно Хрипсиме, име длабоко вкоренето во ерменската христијанска традиција.

Самуиловите браќа се викале Давид, Мојсеј и Арон, а таткото Никола. Самите имиња, се разбира, не можат да послужат како доказ за етничко потекло, затоа што библиските имиња циркулирале низ целиот христијански свет, но кога ќе се постават покрај сведоштвото на Асолик, ерменската врска станува историска хипотеза која не може едноставно да се отфрли.

Потоа доаѓа еден материјален доказ кој е уште повреден затоа што не го познаваме преку препис на хроничар од подоцнежен век, туку преку камен што преживеал повеќе од илјада години.

Во 1888 година во селото Герман во Мала Преспа е пронајдена мермерна плоча со натпис датиран во 992/993 година. На неа Самуил остава помен за својот татко Никола, мајката Рипсимија и братот Давид. Натписот е особено важен затоа што е непосреден извор од времето на самиот Самуил и затоа што ни дава нешто што националните расправии многу често го игнорираат: неговите сопствени зборови.

Во нив Самуил не се претставува како Македонец, Бугарин или Ерменец, ниту на плочата остава етничка декларација што ние денес би можеле удобно да ја препишеме во некоја графа за националност. Се претставува како „Самуил, раб Божји“ и остава помен за своето семејство.

Тоа воопшто не значи дека треба да ја игнорираме политичката природа на неговата држава. Напротив, историската наука има сериозна основа Самуиловата власт да ја поврзува со бугарската царска традиција. Пред него постоело Првото Бугарско Царство, постоела династијата на цар Петар, постоеле Борис II и Роман, а Самуиловото издигнување не се случува во политички вакуум. Подоцнежните извори, како и Битолскиот натпис на Јован Владислав во неговото вообичаено читање, дополнително ја потврдуваат употребата на бугарското политичко име во оваа владетелска традиција.

Но токму тука мора да престанеме да правиме нешто што историски нема смисла. Од политичкото име на средновековната држава автоматски да извлекуваме модерна етничка легитимација за секој нејзин владетел и секој нејзин жител.

Еден човек може да потекнува од семејство со ерменски корени, да живее во претежно словенска јазична средина, да владее од Преспа и Охрид, да ја наследува политичката легитимност на Бугарското Царство, да војува против Ромејското Царство и сето тоа да биде историски точно истовремено. Контрадикцијата се појавува единствено кога ние, илјада години подоцна, инсистираме дека секој човек мора да има една национална етикета која ќе одговара на нашиот современ образец.

Затоа суштинското прашање не е дали во X век постоеле Грци, Бугари, Словени, Срби, Ерменци или други заедници. Секако дека постоеле називи за народи, јазици, земји и групи, постоело чувство за потекло и припадност и постоеле јасни претстави за разликата меѓу „ние“ и „другите“. Би било исто толку неисториски да тврдиме дека етничката свест е измислена во XIX век.

Она што е создадено и масовно политички оформено во модерната епоха е нешто друго. Современата нација како заедница која претендира на единствен стандарден јазик, заедничка национална историја, национална култура, прецизно определена територија и сопствена суверена национална држава. На Балканот токму XIX век е периодот во кој старите и често преклопени верски, регионални, јазични, династички и етнички припадности постепено се организираат во модерните национални идентитети што ги познаваме денес.

Оттука произлегува огромниот проблем со нашето читање на средновековните извори. Кога хроничар од XI век ќе напише „Бугари“, „Ромеи“, „Словени“, „Срби“ или „Ерменци“, историчарот мора да утврди што тој збор означува во конкретниот текст, во конкретниот период и кај конкретниот автор. Понекогаш значењето е етничко, понекогаш политичко, понекогаш географско, понекогаш јазично, а понекогаш неколку од овие работи се преклопуваат. Да земеме таков збор, да му го дадеме значењето што го има во нашиот свет и потоа да го употребиме како доказ во современа национална расправија не е историска анализа, туку анахронизам.

Од тоа што некој ќе докаже дека Самуил бил „наш“, а не „нивни“, нема да имаме подобар универзитет, подобра археологија, подобри музеи, подобра економија или пообразовани деца. Од тоа што една држава ќе присвои владетел од пред илјада години, нејзиното општество нема да стане ниту побогато ниту поуспешно. Напротив, историјата сведена на национален натпревар е еден од најевтините облици на популизам, затоа што на луѓето им нуди чувство на колективна величина без да бара од нив да создадат нешто во сегашноста.

Се сомневам дека оваа колумна ќе допре до многу луѓе, посебно не оваа 2026 и особено не на нашиов Балкан и особено сега кога ненадејниот интерес за Самуил повторно ги разбуди добро познатите регионални рефлекси. Но, мене ќе ми биде сосема доволно ако барем еден човек по нејзиното читање се запраша зошто воопшто чувствуваме потреба да поседуваме луѓе кои умреле пред илјада години.

Историјата, вклучително и оваа наша мала регионална историја за која денес пишуваме, не е приватна сопственост ниту на Македонците, ниту на Бугарите, ниту на Грците, ниту на кој било друг современ народ. Таа е дел од историјата на една глобална човечка цивилизација која никогаш не се развивала во национални карантини, туку преку постојано движење, судири, мешање, преведување, наследување и размена на идеи.

Поради тоа можам еднакво да го почитувам Хомер, без оглед дали зад тоа име стоел еден автор или повеќе генерации усна традиција, и Конфуциј, кој живеел на другиот крај на Евроазија. Во истата човечка историја за мене се Сократ и Ашока, Ибн Сина и Данте, Шекспир и Достоевски, Леонардо и Тагоре, како што во неа се Климент Охридски и Крсте Мисирков. Ниту еден од нив не мора да биде „мој“ за неговото дело да биде дел од моето културно и интелектуално наследство.

Токму тоа е можеби најголемата грешка на националното читање на историјата. Односно убедувањето дека вредноста на минатото зависи од тоа дали можеме да го прогласиме за сопствено. Човечката цивилизација не напредувала така. Таа напредувала затоа што луѓето постојано преземале знаење, идеи, книги, технологии, религии, уметност и политички концепти од луѓе кои не биле „нивни“.

Затоа и Самуил не мора да биде само наш, бугарски, грчки или ерменски за да биде важен. Треба да знаеме каде владеел, на која политичка традиција се повикувал, кои јазици и култури го опкружувале, што кажуваат изворите за неговото семејство и што навистина може, а што не може да се докаже за неговиот живот. Тоа е историја. Сè друго почнува да станува политика на минатото.

А тезата дека „историјата ја пишуваат победниците“ и понатаму останува глупост, затоа што најголемата опасност за историјата не е само во тоа што некој победник некогаш ја запишал својата верзија на настаните, туку во нашата постојана потреба, илјада години подоцна, да ги натераме мртвите да учествуваат во современите национални расправии.

Минатото не треба да го присвојуваме за да му дадеме вредност. Треба доволно сериозно да го проучуваме за да го разбереме, а потоа, ако сме научиле нешто од него, да создадеме нешто вредно во сопственото време.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?