Стандардите се сменети со ВИ, човекот го изгуби правото да биде спор и опасно е веќе да си игра со дефиниции или да ги нема. Неодржливи се манипулативните прагматичности на растурање на суштината на работите, па така, за нашиот опстанок и напредок како држава, недозволиво чудни и смешни се нашите вмровисти цел свет да ги гледа како отпаѓаат од разумот, а тоа да влегува во дефинирачката карактеристика на македонскиот народ.
Емилија ЦЕЛАКОСКА
Во годината во која почнуваат нашите кориснички расправања за (и со) вештачката интелигенција (ВИ), најсоодветна ми е митската сцена со мајмунот од Одисеја 2001, каде што парчосува суви черепи и ребра со голема коска в раце. Во сцената, соодветно со моќната симфониска поема „Заратустра“, се уфрла успорено само падот на некое тревопасно животинче, без нагласување на убиството на ривалот со таа коска. Но, тоа е другата половина од суровото подзначење на сцената, впрочем и на првиот ред во книгата – дека зад секој жив човек денес има триесетина мртви во минатото.
Заведувачкиот 24-ти дел од секундата нѐ транспортира веднаш – од долгата коска фрлена нагоре, кон цилиндричен вештачки сателит во орбита, три милиони години потоа. Тој преод во Кјубриковиот филм го има „одработено“ црниот монолит поставен од вонземска цивилизација која пред многу милиони години си зацртала да наоѓа потенцијални паметковци низ галаксијата за да им го стимулира развојот со вакви направи.
Во книгата „Изгубени светови 2001“, пак, Артур Кларк ги става алтернативните сцени, кои не се одигруваат како во филмот. Наместо монолитот, меѓу мајмуните – хоминиди е присутен еден вонземски научник кој им покажува како се користат достапните предмети како алатки. Испитот, за да види дали во пракса научиле нешто, вонземскиот научник го спроведува врз Месечиногледачот (еден од мајмуните, кој ѕурел во Месечината, најпаметниот според научникот). Мајмунот ја презема големата коска и, на разочарување на вонземјанинот, ја помирисува и загризува да ја глода. Но, по кратко време, Месечиногледачот сепак застанува и почнува двоножен танц со крената коска во раката, секако, од среќа што му текнало што треба да се прави со неа: Мава со коската по мртвата хиена во близина и ги повикува останатите да видат. Вонземскиот научник сфаќа дека сега хоминидите ќе знаат да користат орудија (и оружја), односно дека дошло до пресвртна точка – почнала историјата на човековата раса.
Во „Изгубените светови“ сепак има монолит, но тој има поинаква улога – поставен е на Месечината, а не на Земјата, па така, служи како маркер за раса која се оттргнала од дивјаштвото и станала способна да се вивне кон космичкото пространство. Можеби и владеејќи ја атомската енергија – последниот избор меѓу животот и смртта.
Колку и да влеваат оптимизам за напредок, и двете сценарија, во основа, имаат недоверба кон способноста на човекот сам од себе да се оттргне од мајмунството: Кларк прави интервенција со едукација од вонземјанин, а Кјубрик со „магичното“ дејство на присутниот монолит врз мајмунската интелигенција. Иако изгледа подразбирачки што коската како алатка е дословно прикажана како првиот знак за напредок, ми се чини дека, реално, тој знак е способноста да наоѓаме шеми, односно таа способност е „коската“ од која биднал човекот. Нема сомневање дека способноста за шеми се развивала најпрво за заштита од предатори, а и за пронаоѓање храна, па и за лековити тревки. Таа би требало да е природно наша карактеристика, без интервенција од страна. Подоцна сме создале шеми за комуникација (говор, размена на стоки и услуги) и шеми за пренос на следни генерации (писменоста), со што се создал и простор за откривање на пософистицираните шеми на природата (природните и медицинските науки), но и за шеми кои изникнуваат од новосоздадените – на усмен и пишан говор, економска размена, градителство / инженерство, итн. Точно оваа „коска“ – препознавањето шеми, ѝ ја дадовме на ВИ.
Сега ChatGPT и неговите браќа сакаме да ги третираме како наши Месечиногледачи, но ним не може да им се случи ни за секунда разочарувачкиот момент на глодање на коската. Тие напредуваат со нови, точни алгоритми, а ние, во реалниот живот, сѐ уште се сплеткуваме во истите логички плетканици што уште Аристотел ги отплеткал. Како човештво, не сме мрднати од старогрчките мислители, а многумина не се ни до нив. Всушност, Просветителството ми изгледа како најшироката апликација на голем дел од логичките и филозофски отплеткувања од страна на мислителите од Стара Грција, а неа ја применуваат само грст милиони луѓе на Земјава (да не е преоптимистично и тоа?), најчесто во научните истражувања. Дел од нив, ваквите алгоритми ги вклучуваат директно во ВИ. Немонотоното расудување, кога се препознава нова информација која го менува заклучокот, ВИ веќе го содржи.
Што се случува во меѓувреме со човекот, во однос на препознавањето шеми? Освен научните откритија од страна на научниците, во широката јавност оваа способност се сведува на разни видови апофенија: од невините гледања форми на животни и лица во облаците (или на плочките во купатило), до грешки и илузии кои влијаат на расудувањето – како предрасудата за прифаќање информација што ги потврдува претходните верувања (Confirmation bias), селективното внимание (Attentional bias), коцкарската илузија – кога се припишува причинска-последичност на настани кои немаат таква карактеристика, повикување на магичен синхроницитет (од површно сфаќање на Бог како диктатор со шпил карти, до хороскопи – не баш она што Јунг го сметал), па и кога се прави преголема согласност меѓу група податоци (Overfitting), од каде што потекнуваат и теориите на заговор… Посебно е непоимливо што сѐ уште премногу луѓе прифаќаат заклучоци од цело кон делови или обратно (Fallacy of division, fallacy of composition), игнорирајќи ги дефинирачките карактеристики на нештата, т.е. не користејќи или користејќи несоодветни квалификациски маркери (Secundum quid). Претерувањата во препознавањето шеми можат да водат и до толкава погрешност на расудувањето, што компасот на емоциите се демагнетизира до настапување растројства.
Оние апофении кои влијаат на расудувањето кон погрешност може да станат разградувачки и за општеството, особено кога влијаат на општествени одлуки. Една ВИ сега може поточно да одлучи отколку човек и отколку една човечка заедница, затоа што во ВИ е вграден и истрениран точниот алгоритам за препознавање шеми сосе сите немонотоности во расудувањето. Самата ВИ ќе одвои скриена претпоставка и ќе ја додаде како услов. На пример, кога ќе му кажете дека сакате да ручате грав, ќе ја вклучи и информацијата дека гравот задолжително се вари. Навидум, изгледа елементарно, но сведоци сме дека големи заедници, па и народи, сѐ уште се откажуваат од разгледувањето на информацијата која се подразбира. На пример, лично, несфатливо ми е откажувањето на рускиот народ од насоченоста кон вселената, макар, еве, нека е и платинестиот астероид после Марс, за сметка на некаква земјина територија. Зарем ништо не ги насочува кон неизбежност (иако е неексплицитна) – дека е време да се тргне по ресурси надвор од Земјата? Односно, и покрај тоа што една заедница од луѓе раѓа нови квалитети што ниеден човек сам не ги поседува, сепак, со векови веќе, има многу, а и големи заедници кои не успеваат да го добијат квалитетот што во ВИ е, едноставно, вграден – правилното користење на шемите. Барем не во доволен процент за да бидеме сведоци на секогаш развојни одлуки, т.е. среќни вести.
Да видиме каде сме ние со нашите „коски“. Моментално, македонскиот народ, како по навика веќе, мака мачи со проблемче, што ВИ, (благодарение уште на старогрчките мислители), го решава за милионити дел од секундата. Имаме, како и многу пати досега, ширење на манипулативни плетканици од Secundum quid гранките: Грешки на изведување општи заклучоци врз основа на пример или дел од целината („пингвините се птици, пингвините не летаат, значи птиците не летаат“), наметнување пример погрешно сметајќи дека спаѓа во поопшта група („сите птици летаат, пингвините се птици, значи пингвините летаат“) и заради нив, неизбежно влегувајќи во монотоно заклучување каде што не му е место, игнорирајќи ги исклучоците кои го менуваат заклучокот, правејќи неточни општости и несфаќање на основните дефинирачки квалификативи на работите, вклучувајќи ја тука и својата заедница. Едноставно, во Македонија има премногу поединци кои неправилно ја препознаваат дефинирачката шема на сопствената заедница (колку поголема, толку попогрешно). Со тоа, самото неправилно сфаќање го вградуваат во дефинирачкиот квалификатив на истата таа заедница во која се учесници!
Примерот со резонирањето на ВМРО-ДПМНЕ за делот од хрватскиот устав наспроти македонскиот е само уште една типична, сликовита илустрација, како успеваат оние неколку „глави со глас“ од оваа заедница да произведат логичко ѓубре од овој тип. Всушност, веќе има децении како ВМРО-ДПМНЕ инсистира на расудувања во кои ги брише дефинирачките квалификативи на работите или ги заменува со нешто друго, т.е. како што се изразува португалскиот професор по филозофија и комуникација Фабрицио Макагно, врши „игнорирање на квалификативите, како прагматичнa логичка погрешност“, со цел – манипулација (“Ignoring Qualifications as a Pragmatic Fallacy: Enrichments and Their Use for Manipulating Commitments”, MDPI 2022, Basel). Со овој аспект, вака стојат работите: Тоа што Хрватска е ЕУ-земја, не го прави нејзиниот устав меродавен во сите делови за сите народи, како што црната коса на еден Хрват не го прави црнец, ниту белите заби се тие што го прават белец. Дефинирачката ЕУ-карактеристика на хрватскиот устав е вграденоста на фундаменталните вредности во него (исправно правосудство, обвинителство и јавна администрација, а кои се наредна фаза во нашите преговори со ЕУ), заедно со заштитата на човековите права и слободи (може да се види студијата на европскиот парламент од 2011, National Constitutional Law and European Integration, а и други слични документи). А не е дефинирачка ЕУ-карактеристика именувањето на деловите од народите кои живеат таму – со малцинства. Црешичката „малцинства“ избрана од ВМРО-ДПМНЕ е прагматично манипулативна. Таа е еднакво недефинирачка за ЕУ како управувањата со морските води, на пример. Значи, настрана од злонамерноста, себичноста и немањето смисла за држава, настрана што македонската националност ВМРО-ДПМНЕ ја користи како маша за потпалување. На најладното ниво на исправањето на Secundum quid, погрешно би било во македонскиот устав да се спомнува „малцинство“ исто кoлку што е погрешно да се спомнува море во него. Еднакво немаме „малцинства“ како во Хрватска, како што немаме море, а и двете се недефинирачки квалификативи во однос на европските вредности на ЕУ.
Лесно се согледува и останатото погрешно ѓубре кое ВМРО-ДПМНЕ го внесува во квалификативите кои претендираат да бидат дефинирачки за македонскиот народ. Симболите – лавчето од нивниот грб, сонцето на Вергина и црната боја, ги турка како национални македонски. Од македонската историографија ги користи дејците и припадноста на ВМРО за манипулативно поврзување со ВМРО-ДПМНЕ (овој тип на манипулација го прави и Левица со социјалистичките дејци), наместо извлекување на дефинирачкиот квалификатив на минатите организации и дејци и држење на векторот на напредок, а не враќање кон нивните застарени временски локации. Последново е, практично, злоупотреба на дејци и организации за комплетно друга линија на дејствување. Да го споменеме и менгелизирањето на Скопје во неокласичен стил, што е всушност ампутирање на дефинирачките квалификативи кои Скопје ги имаше пред ВМРО-ДПМНЕ така да го осакати, итн., уште многу други ампутации во образованието, социјалата, здравството и каде уште не – со или без заменски инфериорни инсталации. Овој стремеж за наметнување шеми на погрешно расудување е застрашувачки, лично го доживувам како Кјубриковата епска 1/24 секунда, но наназад од цилиндричниот сателит, и тоа, не кон коската, туку кон ништовило, празно небо, без хоминид, без черепи, без животни, само едно море од примордијалната супа. Можеби ни тоа. Вакуум. Со ваков начин на игнорирање на 2500 години познати алгоритми или нивно изигрување, ВИ лесно може да нѐ исчезне за два часа како неефективни (или антиефективни – како вмровистите, трампистите, рамноземјашите и други секти), да си се реизгради ефикасно далеку од Земјата, да си ги користи ресурсите од вселената и да си се прошири по своја волја во роботски, облачест или каков сака облик, без да ни даде право да се шлепуваме на неа. Стандардите се сменети со ВИ, човекот го изгуби правото да биде спор и опасно е веќе да си игра со дефиниции или да ги нема. Неодржливи се манипулативните прагматичности на растурање на суштината на работите, па така, за нашиот опстанок и напредок како држава, недозволиво чудни и смешни се нашите вмровисти цел свет да ги гледа како отпаѓаат од разумот, а тоа да влегува во дефинирачката карактеристика на македонскиот народ. Другите заедници од страна ги гледаат постапките на оваа партија и сигурно се зачудени: Дали тие се страно тело кое го разбира дефинирачкиот квалификатив на македонскиот народ па го руши, или не го разбира, па замислува дека го унапредува? Колку е тоа назадно за – не векот – туку годината со ВИ, третина помината, а со веќе десетици нови космички откритија, стотици во другите науки… Но, тоа е сериозно, очигледно, само за неколку милиони луѓе. Човештвото денес е, всушност, Месечиногледачот на испит. Дали ќе го положи или само ќе ја изглода својата коска?