Влатко Стефановски во „Трилинг“: Помеѓу носталгијата за старото Скопје и магијата на светските сцени

Македонскиот музички виртуоз Влатко Стефановски, во своето гостување во емисијата Трилинг, понуди искрена ретроспектива на својата петдецениска кариера, говорејќи за носталгијата, семејните вредности, предизвиците на модерното живеење и состојбата на културата во земјава.

„КАО КАКАО“ како емотивен времеплов

Повод за разговорот беше мјузиклот „Као какао“, проект кој според Стефановски предизвикал силен бран на носталгија кај него и кај публиката. Тој истакна дека делото мајсторски ја вмрежува неговата музика со драматизацијата на Венко Андоновски, потсетувајќи на едно поинакво Скопје.

„Мене ме удри многу силен бран на носталгија… ретроспектива на моите песни низ периоди во кои сум поминувал. Многу убаво раскажани детали од школо, од дома, од улица… колективната меморија на луѓето што ги памтат тие песни“, изјави Стефановски за „Трилинг“.

Семејното наследство и новите генерации

Стефановски со посебна почит се осврна на своите родители и братот, академик Горан Стефановски, нагласувајќи дека меѓу нив никогаш немало ривалитет, туку меѓусебно дополнување. Тој со гордост зборуваше за своите деца – ќерката, која по докторирањето во Падова, поради неможноста да најде работа во Македонија, се преселила во Ирска, и синот Јан, кој како талентиран тапанар веќе е дел од неговото трио.

„Јан има подобар слух од мене… Секоја нова генерација мора да ја надмине претходната… тоа е природен еволутивен процес“, вели тој.

Културата на „краток фитиљ“ и потценетите уметници

Критичкиот осврт на Стефановски кон општеството беше насочен кон бруталната урбанизација на Скопје, губењето на солидарноста и фактот што граѓаните денес живеат на „краток фитиљ“. Тој отворено проговори и за потценетоста на домашните уметници и симболичниот буџет за култура.

„Амбасадори сме да, ама никој не те плаќа за тоа. Ако јас побарам хонорар за мој настап во Скопје во висина на хонорарите што им ги даваат на некои странски уметници, мене ќе ме уапсат“, дециден е Стефановски во интервјуто за „Трилинг“.

Светски успех и лична филозофија

Иако поприсутен на странските сцени, вклучувајќи ги настапите со Лондонската филхармонија и снимањето во култниот „Аби Роуд“, Стефановски останува приземен, наоѓајќи возбуда во едноставни нешта како готвењето. За него, секој концерт е „празник на добриот дух“ и магија која го одржува жив.

„Не свирам за да заработам уште 100 евра. Јас свирам затоа што тоа ме одржува, ме прави жив. Се чувствувам три пати пожив кога сум на сцена отколку кога сум во самопослуга“, заклучи виртуозот

Најчитано