НАТО самитот во Хаг и македонскиот калкулатор

Пишува: Леон Бакрачески

НАТО ќе се собере во Хаг со идеја да ја удвои сметката за одбрана. Пет проценти од БДП – звучен број што за Македонија значи скоро трипати повеќе пари отколку што денес одвојува. Во планот има логика: светот е помалку стабилен, нови конфликти ѕвечкаат на сите страни, а некој мора да плати за поголем чадор. Но кога држава со ограничен буџет слуша ваква формула, првата мисла е каде ќе се штеди – на училишта, болници или пензии.

Новата влада вели дека е „евроатлантска“ и дека ќе го следи западниот курс. Во пракса, прави спој од Вашингтонски протокол и Будимпештанска реторика. Премиерот се ракува со Трамп, се фотографира со Орбан и им дофрла на домашните гласачи дека Македонија заслужува поголема тежина во меѓународните кругови. Однадвор тоа изгледа како дипломатски танц на две свадби; одвнатре – како политички маркетинг што носи брзи поени, но и ризик да ја иритира Европа токму кога треба да се отвораат поглавја.

Софија останува најтешкиот јазол. Без компромис околу уставните измени, македонскиот пат кон ЕУ е паркиран во зоната „чекај ме да пораснам“. Оти сите домашни вредно впрегнати аналитичари велат, проблемот е во Бугарија, треба да има смена на менталитетот, елем ќе ги чекаме да „пораснат“.

Хаг може да понуди кулоар во кој претседателката и бугарскиот премиер ќе си разменат дипломатски комплименти, но никој сериозен не очекува спектакуларен пробив. Брисел ќе го нарече таквиот гест добар знак, а уште една година ќе помине во барање формула што сите ќе можат да ја продаваат дома.

Јавноста – веќе цинична од преекспонирани национални приказни – сигурно ќе праша зошто наша тажна економија треба да издвојува пет проценти за одбрана кога некни се фалевме дека конечно ќе имаме учебници а абер немаме за дигитализација во училиштата. Владата онака шеретски со тивок наратив ќе се правда дека безбедноста е врвен приоритет и дека Трамп тоа го бара од нас.

Не е лош аргумент, но не држи ако паралелно не се затегне контролата врз тендери, не се спроведе судска реформа на париското тефтерче на Јанкуловска кое е и тоа како живо и здраво и не почнеме да стимулираме јавна етика.

Политиката не може да продава патриотизам на кредит ако граѓаните секој ден гледаат дека тие кредити исчезнуваат во приватни џебови.

Самитот во Хаг нема да реши ништо конеч­но за Македонија, посебно не со посакувани билатерлчаки кои постојат само за аналите на владино/партискиот ПР. Тој е повеќе тест за проверка на темпера­тура: колку сме подготвени да платиме за да останеме „на вистинска страна на историјата“.

Ако владата смета дека вреди – ќе мора со остар нож да реже непопуларни трошоци и храбро да каже зошто. Ако не – ќе се врати со уште една папка полна со ветувања и со надеж дека следната криза нема да побара уште поголеми проценти.

Во меѓувреме, најздрава позиција е трезвен реализам: реформирај колку што мораш, не лажирај го европскиот пат и не го романтизирај сојузништвото со големите сили.

Во една мала земја, добра политика е како добро скроена зима­ска јакна – мора да е доволно дебела за студот, но не толку гломазна што нема да можеш да мрднеш. Хаг ќе нè потсети токму на тоа: дека вистинската тежина на нашите ветувања се мери по тоа дали ќе ги исполниме кога ќе се оладат аплаузите, оти веќе станува предоцна за мојата генерација, се уморивме, бар нешто за оние кои уште се држат на нишка за да останат.

Зачлени се на нашиот е-билтен