МАРТА ПЕШЕВСКА
Првиот удар: Кога светот за првпат нè погледна низ лажните наслови
Во 2016 година, Северна Македонија се најде во фокусот на светските медиуми како извор на лажни вести кои имаа за цел да извршат влијание врз претседателските избори во САД. Социјалните мрежи, како Фејсбук и Твитер, тогаш избришаа стотици фиктивни профили управувани од македонски оператори, поради растечката загриженост за штетното влијание на дезинформациите, додека Гугл ги блокираше рекламите на овие веб-страници.
Имено, во последните три месеци од изборната кампања, 20-те највирални лажни изборни приказни добиле повеќе ангажман на Фејсбук, мерено преку споделувања, реакции и коментари, отколку 20-те најуспешни стории од големите медиуми како New York Times, Washington Post и NBC News. Многу од овие измамнички приказни, на пример, тврдењата дека Хилари Клинтон „продавала оружје на ИСИС” или дека Папата Францис ја поддржал кандидатурата на Доналд Трамп, потекнувале од веб-страници чиј IP-адреса укажувала на Велес.
Првите известувања од The Guardian и Buzzfeed го открија овој феномен, а потоа индустријата на лажни вести од Велес била опширно изучувана и покриена во медиумите. Сепак, истражувањето на Универзитетот Кембриџ дава нови сознанија за тоа зошто Велес станал центар на дезинформации и како неговите оператори постигнале таков успех.
Клучна во овој феномен е меѓународната реакција која успешно ја покажа вистинската димензија, дека она што се случува тука не е „локален скандал“, туку модел на манипулација што може да допре до гласачи во најоддалечените демократии. Овој наод е јасно опишан и во анализите кои ја истражуваат улогата на македонските оперативни мрежи во тој период.

Како лагите стануваат дел од секојдневието: од референдумoт во 2018 година до КОВИД-19 пандемијата
По 2016, дезинформациите не исчезнаа, туку се трансформираа и пуштија длабоки корени во домашната политичка сцена. Референдумот за промена на името (2018 година) и подоцнежните изборни циклуси беа проследени со серија штетни наративи и шпекулации кои ја нарушуваа довербата на јавноста во изборниот процес.
Кога во 2020–2022 пристигна КОВИД-19, се појавија нови бранови на погрешни и опасни тврдења, од антиваксерски претензии, па сè до теории на заговор кои директно го обликуваа однесувањето на луѓето во здравствената криза. Во националниот преглед на медиумскиот интегритет и јавното мислење, УНДП и партнерите документираа дека овие теми често се засилувани од дигиталните платформи и локалните недоверливи дигитални извори.
Кога нападот е личен: Родово-базирани дезинформации
Дел од најконтролираното и најштетното делување се форми на дезинформации насочени специјално кон жени, политички личности, новинарки, активистки. Овие наративи често користат сексуализирани измислици, фалсификувани фотографии, псевдонаука, и напади на приватниот живот за да ја дискредитираат јавната улога на жените и да ги одвратат од учество во јавниот живот.
Согласно Венецијанската комисија и Дирекцијата за информатичко општество постојат две главни форми на проблематични изборни активности: манипулација од политички субјекти и кандидати и злонамерни активности кои вклучуваат кампањи за дезинформации, лажни кориснички сметки и информативна шпионажа. Овие активности значителен ризик за демократските системи со влијание врз одлуките на гласачите со неточни и манипулативни информации, со што се поткопува правото на слободни избори. УНДП го става токму овој сегмент во фокусот на својот извештај.

Оваа појава не е само национален феномен, низа меѓународни истражувања и платформи го прикажуваат истото: Wilson Center ги класифицира таквите напади како „malign creativity“, односно намерни стратегии кои користат лажни или сексуализирани наративи за да ги ослабнат и замолкнат жените во јавниот живот. Анализирани се над 336.000 содржини од 13 жени-политичарки на шест социјални мрежи, а дополнително се користени интервјуа и фокус групи за да се истакне влијанието врз секојдневниот живот на жените.
Извештајот покажува дека родовите дезинформации се посебен феномен кој комбинира лажни информации, злонамерни намери и координација, а најчесто се користи против жени од јавниот живот. Истражувањето препорачува социјалните мрежи, законодавците и работодавачите да воведат конкретни мерки за заштита, подобра детекција, транспарентност и поддршка за жртвите, со цел овие напади да се третираат како прашање на право на еднакво учество без страв од злоупотреба и вознемирување.

Дури и кога се “најадени“, на граѓаните одново и однови им се сервираат лаги
Анкетите вклучени во УНДП-истражувањето покажуваат парадокс: голем дел од луѓето се убедени дека знаат да препознаат лажни вести, но во практиката, кога се соочени со конкретни примери, честопати не успеваат во тоа. Од 1.100 анкетирани, 65% велат дека се запознаени со концептот на дезинформации, додека 50%, изјавиле дека слушнале за родово базирани дезинформации, а 54% признаваат дека често се соочуваат со нив; сепак, кога им беа презентирани примери, многумина не ги детектираа како дезинформации. Овие резултати доаѓаат од сеопфатните истражувачки активности (анкети, фокус-групи, мониторинг) спроведени од ЗМАИ и Пикаса Аналитикс за УНДП.
Паралелно, 72% од испитаниците во истото истражување наведоа дека најчесто се информираат преку социјални медиуми, што значи дека платформите кои го олеснуваат ширењето информации (и дезинформации) се примарен медиум за информирање на мнозинството граѓани.

Податоци што болат: Обемот и медиумските активности
Мониторингот опфаќаше конкретни бројки: тимовите анализираа околу 670 часа телевизиска содржина за 30-дневен период и приближно 1.7 милиони онлајн објави, проследени со десетици милиони интеракции (во опсегот на десетици милиони). Овие бројки ја илустрираат мерката на дигиталната „магла“ каде што вистината често се губи. Од анализираните телевизиски емисии, истражувачите нотираа дека во 53% од дебатните емисии се појавувале намерно неточни, навредливи или збунувачки информации — често генерирани од самите гости, а понекогаш и непровокативно поддржани од самите новинари или уредници кои не ги коригирале.
Во делот на родово-базираните наративи: специфичното мониторирање покажало дека сексуалните наративи, мизогинијата и фалсификуваните интимни содржини се меѓу најчестите форми на напад врз жени во јавноста. Конкретно, родовите дезинформации беа покриени во 555 медиумски статии од 111 медиумски канали и добиле над 10.855 интеракции или просечно 19 интеракции по статија во анализираниот период; на Фејсбук беа регистрирани 104 објави кои ја обработуваа тематиката, со вкупно 2.481 интеракција или 23 интеракции по објава (податоци од мониторингот на Пикаса).

Зошто ова е посебно опасно: стратегија, не случајност
Истражувањето уште еднаш ги нагласува разликите помеѓу „мис-информациите“ (грешки и неточности кои се шират без намера) и „дезинформациите“ (содржини создадени и ширени намерно, за манипулација). Клучната разлика е во намерата: кога имаш стратешки цели (политички, идеолошки, финански), тогаш дезинформацијата се користи како инструмент, не како несреќна грешка. Оваа дефиниција е и дел од рамките што ги користи УНДП во својот извештај.

Меѓународните анализи ја поддржуваат таа констатација: EU DisinfoLab / Disinfo.eu и низ публикации и технички документи го обработуваат феноменот „gender-based disinformation“ и даваат практични дефиниции и препораки за системско третирање. Во една од анализите, Disinfo.eu предлага интерсекционален и контекстуален пристап, документација, анализа и соработка помеѓу социјалните мрежи, законодавците и организациите за граѓански права.
Како Европа гледа на ова: FIMI, LGBTIQ+, и консолидирани ризици
Европската дипломатија и институции го посочуваат феноменот како дел и од поширокиот ризик за демократијата. Во годишните и тематските извештаи за „foreign information manipulation and interference“ (FIMI) и за нападите на LGBTIQ+ групите, EEAS документите и годишните извештаи на ЕУ ги регистрираат случаите на координирани кампањи, манипулација со фотографии и аудио материјали, и употреба на автоматизирани мрежи за засилување на штетни наративи. Студиите на случај од извештајот за FIMI покажуваат како оваа појава ја искористува ранливоста во општествата за да создаде поделби, да ја намали довербата во демократските процеси и да ја поткопа работата на новинари, безбедносни тимови и граѓански организации, како и довербата во платформите. Потребно е повеќе истражување за влијанието на FIMI врз LGBTIQ+ заедниците и пошироките демократски процеси, како и за начинот на кој наративите се пренесуваат помеѓу земји и се координираат од државни и недржавни актери. Извештајот нагласува дека за ефективен одговор е потребна општествена согласност за создавање на баланс помеѓу слободата на говор и правото на точни информации, регулирање на платформите, поддршка на медиумската писменост и силни независни медиуми, како и иновативни стратегии за промовирање на демократските вредности и зголемување на довербата на граѓаните во демократските процеси.

Регионален контекст: Западен Балкан и геополитички елементи
Истражувањата на Институтот за Strategic Dialogue (ISD) и анализите за Западен Балкан покажуваат дека, иако странски актери можат да придонесат со ресурси и инфраструктура, најчесто клучни локални актери, како политичари, медиумски сопственици, до домашни дигитални оператори, се двигатели на ширењето на содржини за влијание. Во регионот, моделите се мешавина од домашни политички интереси и меѓународни кампањи, но локалното често е она што ја потпалува искрата на жесток начин. Во заклучокот од истражувањето се истакнува дека Северна Македонија претставува необична ситуација во која традиционално проевропски и проруските гласови во голема мера се придвижиле кон истите аргументи поради контроверзии околу процесот на пристапување во ЕУ. Новата влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се обврзала да не го признае бугарското малцинство, да го игнорира Преспанскиот договор од 2018 година со Грција нарекувајќи ја земјата „Македонија“ (наместо Северна Македонија) и да го паузира процесот на пристапување додека не се промени рамката за преговори или „Францускиот предлог“. Како што е истакнато во дигиталната анализа на ISD, ова може да ја остави Северна Македонија ранлива на влијателни напори од Русија и други актери заинтересирани за дестабилизација на ЕУ.
Војната на зборовите и омразата: Какви пораки се шират?
Во практиката, дезинформациите многупати се мешаат со говор на омраза: дискриминаторски пораки кон LGBTQ+ заедницата, етнички напади и измислени „афери“ за јавни личности кои целат да создадат афективни реакции — страв, гнев, одмазда. Меѓународната мрежа против интернет омраза (INACH) објави специјален преглед за Северна Македонија кој ги идентификува политичката поларизација, етничките тензии и анти-LGBTQ+ настроеноста како клучни фактори што ја прават земјата ранлива за „cyber hate + disinformation“ кампањи. Резимето од ова истражување е дека токсична комбинација од политичка поларизација, длабоко вкоренети етнички тензии и растечки анти-LGBTQ+ставови, поттикнати од дезинформациски кампањи, создаваат плодна почва за говор на омраза во Северна Македонија. Говорот на омраза е длабоко вкоренет и широко распространет проблем, кој во последно време се влошува поради зголемената употреба на дигитални медиуми и ниското ниво на медиумска писменост кај населението. Во истражувањето се потенцира дека овој проблем не е случаен, туку е длабоко поврзан со комплексната социјална и политичка структура на земјата, што резултира со значително намалување на толерантниот јавен дискурс и влијае врз различни маргинализирани групи. Политичките партии често ја злоупотребуваат и поттикнуваат ваквата говорна омраза, што дополнително го влошува квалитетот на јавната дебата.
Deepfake и вештачката интелигенција
Еден од брзорастечките трендови што го посочуваат и аналитичките тимови и академската литература е брзата појава на алатки кои создаваат аудио и видео содржини кои тешко можат да се разликуваат од оригиналите. Наративите што настојуваат да дискредитираат или да шокираат користат deepfake за да „создадат“ скандали, сексуализирани видеа и фалсификувани обвинувања — техники особено штетни кога се применуваат врз видливи жени во јавниот живот. Овие заклучоци се дел од меѓународните прегледи за родово-базирана дезинформација и студиите на темата (на пр., Wilson Center; Centre for Information Resilience — Holding Our Digital Ground).

Како реагираат институциите и граѓанското општество?
Сепак, има светло на крајот од тунелот. Во Северна Македонија постојат иницијативи, како од државни институции, така и од граѓански организации кои работат во насока на зголемување на колективната писменост и локалната отпорност. УНДП во 2023/2024 им помогна на локални медиуми и граѓански актери да го развијат проектот и платформата јасно.мк која има за цел да обезбеди верификувани локални информации и проверки на факти и да обучува локални новинари.
Меѓународни препораки: што функционира во светот и што можеме ние да искористиме од тоа
Меѓународните експерти и организации констатираат дека е потребен „пакет“ мерки: професионализација на дигиталните медиуми (обезбедување одговорни уреднички тимови и поддршка за локалното новинарство), јакнење на капацитетите за медиумска и дигитална писменост (особено на младите и во регионите), поголема транспарентност од страна на институциите (сложена, но корисна), и специјални мерки против родово-базирано насилство на интернет. Disinfo.eu, EIGE и други институции предлагаат вбројување на родово-сензитивни елементи во националните стратегии за борба против дезинформациите и во политиките за заштита од насилство на интернет.
Глобалната политика исто така се мобилизира: иницијативи како Global Partnership Statement on Gendered Disinformation се обидуваат да создадат меѓународна координација за признавање и справување со овој феномен на ниво на влади и меѓународни организации.
Практични чекори што УНДП и локалните партнери ги сугерираат
Од УНДП-студијата произлегоа конкретни насоки кои можат да ја намалат ранливоста:
- унапредување на професионалните капацитети во дигиталните редакции и локалните медиуми;
- создавање и промоција на поедноставени, „user-friendly“ институционални канали за точни информации;
- посветени обуки за млади новинари и активисти во локалните заедници;
- развој на локални платформи за fact-checking и медиумска писменост (пример: jasno.mk).
Овие мерки се целосно во согласност со препораките на меѓународните експерти (Disinfo.eu, EIGE, Wilson Center, Centre for Information Resilience) кои нагласуваат дека само комбинација од технички, медиумски и социјални интервенции може да го намали ефектот на gendered disinformation.
Што може да очекуваме ако не преземеме сериозни мерки?
Академските и експертските ревии предупредуваат на „принципот на ескалација“: камерите за манипулација ќе користат се понапредни технологии (AI, synthetic media), ќе таргетираат ранливи групи со „микротаргетирани“ пораки, а штетата ќе биде и институционална (намалена доверба во државата) и лична (осакатување на јавниот углед, закани за безбедноста на жените). Модели од овој тип се видени и во други европски земји (на пр., Германија) каде родово-базирани кампањи имале за цел да ги одвратат жени од политичката сцена.

Вистината како јавен интерес
Дезинформациите и родово-базираните напади на јавните личности не само што се „незгодни“ сами по себе, туку и го кројат јавниот интерес, ги еродираат основите на компетитивната демократија и создаваат поволна почва за говор на омраза и дискриминација. Документите и мониторинзите — локални (УНДП/ЗМАИ/Пикаса), регионални (ISD) и меѓународни (EEAS, Disinfo.eu, Wilson Center, Brookings, INACH) укажуваат дека потребата од координиран, мулти-секторски одговор е итна и недвосмислена.
На крајот на краиштата, вистината е единствениот штит што може да нè заштити.