Преигрување на политичките игри

Првата крупна последица од неспроведувањето на уставните измени, кога тоа можеше и требаше да се направи, ја согледуваме веднаш, на самиот влез во изборната кампања. Преку ноќ се создаде тензија во меѓуетничките односи со тенденција да се продлабочува, а тие се ахиловата пета или најчувствителниот структурен елемент во нашата држава и општество. 

Тони ПОПОВСКИ

Првата крупна последица од неспроведувањето на уставните измени, кога тоа можеше и требаше да се направи, ја согледуваме веднаш, на самиот влез во изборната кампања. Преку ноќ се создаде тензија во меѓуетничките односи со тенденција да се продлабочува, а тие се ахиловата пета или најчувствителниот структурен елемент во нашата држава и општество.  Имавме можност да  влеземе во изборниот период многу порелаксирано и без фундаментални ризици доколку претходно се оформеше широка влада со заедничко учество на втората Меѓувладина конференција со ЕУ, а каде покрај можноста да го отвориме првиот кластер на поглавја како историски пробив, сите заедно ќе можевме да ги искажеме и нашите загрижености за евентуални субјективни попречувања на процесот на преговори. Потоа ќе одевме на избори дома. Сега се потврдува народното, баравте – гледајте, посеавте – сега собирајте ги плодовите на тие одлуки, чиј горчлив вкус постепено го чувствуваме сите.  Наместо историски пробив кон ЕУ, сега повторно сме на историска изборна крстосница.

Како и секоја ахилова пета, така и нашава е постојана цел на нишанење од противниците на овој и ваков уставен поредок но и на недобронамерни трети страни на кои им пречи постоење на унитарна македонска либерално – демократска Република. Особено овие трети страни и нивните симпатизери дома кај нас,  би сакале но и дел од нив организирано делуваат во насока на наша внатрешна дестабилизација, и по можност создадавање на ново – трето активно жариште на Западниот Балкан после БиХ и Косово, со кое дефинитивно би зоврел и би прелеал балканскиот лонец, со ризици од изгоретини не само за талентираниве готвачи кои дотураат политички зачини туку и најголем дел од населението.   

Поконкретно, може да забележиме дека тонот на кампањата, интегрално го определуваат партиите од албанскиот политички камп. Овој тон звучи повеќе како уцена бидејќи за составување на влада експлицитно се поставуваат услови кон партиите од македонскиот политички камп кои вклучуваат поширок спектар на барања за уставни измени. Притоа да не заборавиме дека барем две третини од тие политички субјекти во албанскиот камп беа многу повоздржани и посензибилни по однос на компликување на процесот на носење на уставните измени со дополнителни барања.   Сето ова надоврзано и на анкетите кои упатуваат на квантитативна потреба во новата Влада да има албански политички партнер за стабилно владеење, и самата логика за просперитетно владеење врз основа на партиципација во власта на политички преставници на делот од албанскиот народ во Републиката.

Бидејќи нам порано ни беше виновен турскиот Султан, а од независноста наваму, транзицискиот јунак Цацко, сега легитимно прашање е кој поточно нѐ внесе во оваа меѓуетничка перипетија.  

Ова раководство на ВМРО ДПМНЕ упорно се  спротивставува  на уставните измени со образложение дека не прифаќа „Бугарски диктат“. Оваа упорност барем според анкетите, резултира со впечатливо успешна консолидација на сопствениот „политички народ“ и негово потенцијално ефикасно и дисциплинирано вадење на гласачки кутии. Во таа смисла комплимент за раководството кое добро ја игра играта за себе и приврзаниците, но е многу блиску да ја преигра играта, а со тоа и државата.  Во суштина, антагонизираната држава и општество по етнички линии најмалку е во полза на ВМРО ДПМНЕ бидејќи во таква состојба оваа десничарска партија порано или подоцна станува нервозна и нагласено реактивна. Впрочем, ако некој на нашата политичка сцена досега тоа требаше да го научи, тоа е политичката елита на оваа партија.  

Во услови кога нашите ценети партии по не знам кој пат се заплеткаа во состојби кои потоа без надворешна помош од западните демократии не можеме да ги отплеткаме, останува партиски неинволвираниот дел од општеството без оглед на етничка провиниенција, преку свои угледни граѓани силно да повика на умереност и воздржување, првенствено од изборни теми кои имаат сериозен потенцијал да ги нарушат меѓуетничките односи.

Во продолжение една куса анализа на динамиката која е создадена од партиите од албанскиот камп со нивните безмалку идентични условувања. Ковачевски јасно и концизно го отфрли особено условот да се избира Претседател на Републиката во Собранието. Истото го стори и ВМРО ДПМНЕ, но со изјави на вториот ешалон и гласното предупредување на Силјановска дека „концептот на бинационална држава е најпогубен за државата и единството“.  Во споредба со Ковачевски, Мицковски тактизира и засега е многу повоздржан со изјави кои би можеле да го разнишаат и онака кревкиот коалициски потенцијал на неговата партија, но натаму каде што тргнал изборниот водотек нема да може да избегне да не му навлезе етничка вода во чевлите. Воздржан е и Пендаровски во очекување покрај граѓанската поддршка и поддршката на раководството на СДСМ која ја доби деновиве, да добие и поширока статутарно верификувана партиска поддршка, наспроти Силјановска која со „демократскиот“ метод на единствен кандидат, односно обесхрабрени контракандидати веќе активно ги споделува нејзините пораки и препораки.  

Податливи за анализа се неколу маневарски предизвици. Прво кај СДСМ по однос на виталната потреба на собраниски избори да излезе со заеднички листи со ДУИ барем во неколку изборни единици, како маневар кој по Донтовиот модел на една таква предизборно создадена листа со шанса да освои најмногу гласови, би и донел и најмногу мандати. Овој маневар подразбира негување на продуктивен однос и примерен тон во комуникација со албанскиот партнер и сведување на меѓусебното реторичко антогонизирање на нужен мимимум. Потоа, кај ВМРО ДПМНЕ по однос на квантитативната и егзистенцијална потреба да негува продуктивен и меѓусебно енергизирачки однос со албански партнер за да создаде постизборна коалиција и следствено Влада, а притоа соочени со експлицитно барање за внесување на делот од бугарскиот народ во Уставот, и тоа со барање за предизборна гаранција дека кон нив ќе се пристапи веднаш после доаѓање на власт.

Интересно е што во јавноста деновиве се множат комплименти за Мицкоски и неговиот наводно неприкосновен лидерски талент за освојување на власта, каде меѓуостанатото се шпекулира за можноста за прифаќање на еден од условите, за прецизирање на албанскиот јазик во Уставот онаму каде е наведено „јазик кој го говори повеќе од 20% од населението“, во замена за прифаќање на состојба во која барем еден мандат на тие партии би се истуркал без да се направи уставната измена. Ова и по ризик сегашната албанска опозиција да се расчлени и дел да се одметне, но и со ризик уште веднаш да ја поткопаат Силјановска, бидејќи таа одлично знае дека два официјални јазици на една држава се примарна одлика на бинационалноста, која страсно и конзистентно подолго време ја критикува.  Сето ова зачинето и со тезите дека со ЕУ од јули ќе претседава Орбан (иако потоа си заминува во јануари) односно дека доаѓа Трамп (чиј рејтинг започна да опаѓа) и дека новосоздадената коалиција ќе ја има нивната поддршка како и малцинската поддршка на една третина од крајната десница во Европскиот Парламент од јуни натаму (Европската народна партија е таа која ќе ги сочува лостовите на власта во ЕУ му врши притисок на ВМРО ДПМНЕ за уставната измена), и дека сето тоа заедно ќе создаде услови за ревизија на рамката за преговори,  и на крај дека  сите овие силни „партнери“ на ВМРО ДПМНЕ ќе ја седнеле Софија на маса да се преуреди договореното во наша полза.

Демагогијата е израз кој е примарно усвоен во политичките науки за да се опише политичка активност или практики кои бараат поддршка преку повикување на желбите и предрасудите на обичните луѓе, наместо со користење на рационални аргументи. Последица од демагогијата на ВМРО ДПМНЕ е дека и покрај привлечноста на заложбата „да пробаме и ние – дајте ни шанса – имаме моќни пријатели“ е дека доколку дојде до некакво преуредување тоа ќе биде поврзано со Охридскиот рамковен договор, а не со Преспанскиот, Договорот со Бугарија или рамката за преговори. Можеби ирационалните аргументи помагаат да се дојде на власт но тоа не значи дека предизвиците ќе престанат да постојат, односно кога – тогаш и неспорно талентираните демагози ќе треба да се соочат со нив. Затоа, во услови кога нашите ценети партии по не знам кој пат се заплеткаа во состојби кои потоа без надворешна помош од западните демократии не можеме да ги отплеткаме, останува партиски неинволвираниот дел од општеството без оглед на етничка провиниенција, преку свои угледни граѓани силно да повика на умереност и воздржување, првенствено од изборни теми кои имаат сериозен потенцијал да ги нарушат меѓуетничките односи.   

Треба да знаете
Moже да ве интересира