На последниот ангажман на Милошоски и Николоски да ги исправат „кривите дрини“ на лидерот, можеби треба да се гледа и како на најава за раскол во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи како да дојде време за радикализација на партијата којашто ја преземаат џингоистите со една цел: Да ја ограбат европската иднина на Македонија.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Не поминаа ни 24 часа откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на лидерската, а потоа и на прес конференцијата изрази став од кој произлезе дека во принцип немаат ништо против уставните измени под одредени услови и гаранции, на сцената стапија јастребите, радикалното крило, џингоистите во ВМРО-ДПМНЕ. Тие сега, олицетворени во ликовите не Антонијо Милошоски и Александар Николоски, го презедоа наративот, исплашени дека им паднаа во вода сето она што со години го разградуваат, прво внатре во партијата, второ во земјата и Собранието каде што се главните кочничари на сите процеси, и трето на меѓународен план каде што упорно работат на тоа да го опструираат евроинтегративниот процес на земјата.
Во теоријата на политиката џингоизмот е национализам во форма на агресивна и нереална надворешна политика, којашто застапува употреба на закани или ултиматуми, наспроти објективните национални интереси. Колоквијално, џингоизмот е прекумерна пристрасност во оценувањето на сопствените можностите, на можностите на една заедница, може да биде и држава, како некоја којашто може да се постави супериорно однос на другите.
За да биде уште појасно, Енциклопедија Британика, џингоизмот го објаснува како став на воинствен национализам или слепо придржување кон сампрогласената исправност на некој став на едно општество или група, едноставно затоа што е нивен, сопствен, што е многу блиску до шовинизмот, односно ирационалниот патриотизам. Рацин.мк за оваа состојба веќе пишуваше во текстот „Патриотизмот“ на ВМРО-ДПМНЕ е губитнички за Македонија.
Мицкоски требаше да се дистанцира од Милошоски и Николовски, изјави на времето Даниела Рангелова, која како „рано предупредување“ укажа дека ВМРО-ДПМНЕ не успеа да се демократизира и дека Мицкоски не смогна сили да ја ослободи партијата од авторитарното наследство на Груевски и на неколктемина околу него. Ова предупредување на Рангелова во 2020 година, денеска го гледаме како реалност имајќи го предвид фактот дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, наместо да има релација и комуникација со Извршниот и Централниот комитет, се бори со „слободните радикали“ во партијата Антонио Милошоски и Александар Николовски.
Под тоа нивно влијание Мицкоски никогаш категорично и јасно не се огради од наследството на Груевски, кои овие двајца му го врзаа како тешки воденички камења околу вратот затоа што ако го направи тоа, тоа ќе значи збогум и за двајцата најистакнати џингоисти во партијата.
Сега, 4-5 дена после лидерската средба, којашто јавноста, и покрај сите недугавости на Мицкоски, ја препозна како исчекор за можен дијалог околу уставните измени, нешто што до минатата среда, ВМРО-ДПМНЕ го прикажуваше како сосема невозможна опција, Милошоски и Николовски, ја презедоа лидерската и гласноговорничка улога, за да ги гипсираат сите пукнатини што ги остави официјалниот лидер на партијата низ кои можеше да се пробие светлината на надежта за извесност на европската иднина на Македонија.
Овие двајца, повторно џингоистички, со закани и ултиматуми, слепо придржувајќи се до самопрогласениот „исправен став“, поставија услови и избор од две опции:
1. Формирање на преодна влада без ДУИ, односно излегување на ДУИ од сите ешалони, како и уставни измени кои би стапиле на сила само на денот на членството на Македонија во ЕУ. Гаранција дека од Бугарија нема да има понатаму ирационални блокади; или
2. Предвремени избори оваа есен. Гаранции од европските институции за заштита на националните интереси на Македонија за многувековниот идентитет. Гаранција дека нема да има нови ирационални блокади од Бугарија.
И тоа не е сѐ, велат џингоистите како што им доликува: Нов економски пакет за подобар стандард во државата од страна на Европската Комисија, а Бугарија да исполни 3 пресуди од Стразбур. И првата и втората опција опфаќаат детронизирање на ДУИ.
Со вака поставени услови и ултиматуми, исполнет е и последниот критериум за некој да биде наречен џингоист, односно имаме јасна прекумерна пристрасност во оценувањето на можностите сопствената земја како некоја којашто може да се постави супериорно однос на другите.
Ете, тоа се Милошоски и Николовски. И тоа тие го можат зашто немаат никаква одговорност. Го злоупотребуваат пратеничкиот имунитет, за партијата 5 парички не даваат водени од личните интереси, во чии прегратки, очигледно е ставен и Мицкоски.
А „влогот“ и интегритетот на овие двајца е одамна познат: Милошоски, еден од најпосветените фронтмени на груевизмот. Промислен апаратчик и нарачател на лустрации од врвот на ВМРО-ДПМНЕ. За свој херојски чин го прогласи именувањето на Блаже Конески за „џуџето од Небрегово“. Тоа е, всушност, персоната што ја напиша најтешката навреда за Македонците негирајќи го творецот на македонскиот литературен јазик.
Ниту Милошоски ниту ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се извинија за тоа.
Милошоски, како и Николоски, како пратеници, оди во Брисел за да ги преработуваат добрите вести како трагични, иако многу добро знаат и прават сѐ за да го попречат тоа, дека сега само од нас зависи кога Македонија ќе биде членка на ЕУ.
Затоа, треба да биде јасно дека ако до крајот не годината не го обезбедиме континуитетот на преговорите, виновни ќе бидат опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините џингоисти кои ќе го направат грабежот од иднината.
Николоски, би ја „средил“ државата за 6 месеци до една година. Секако дека би ја „средил“, како „млада унионистичка сила“ имаше од кого да учи како се средува една држава – „заробена“.
Николоски е еден од најгласните функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои ја повторуваат тезата за унитарноста на земјата, за засилување на идентитетот, бидејќи ќе се знаело дека тоа тоа е држава на Македонците, а дека другите во нејзе се малцинства, итн, итн. Очигледно е дека не го разбира или не може да се помири со концептот на Македонија и затоа одбраната и застапувањето на таа теза Николоски најревносно ја бранеше кога го наметнуваше хрватскиот устав како модел. Во интервју за ТВ Сител рече „доколку се прифати нашиот предлог национална држава на Македонците и малцинствата кои живеат во неа, ќе биде јасно каква држава е Македонија. Доколку се прифати предлогот на СДСМ и ДУИ, Македонците ќе бидат израмнети со Бугарите“.
Вакви и слични аматерски, односно неодговорни политички изјави Николоски има во серија, но посебно внимание треба да се обрне на оние радикалните, како што беше заканата од собраниската говорница кога рече дека „експериментите коишто сега ги правите можат да не однесат во друг конфликт и ако во 2001 година станаа Албанците, сега можат да станат Македонците. Не го потценувајте ова што ви го кажувам“.
Затоа, на последниот ангажман на Милошоски и Николоски да ги исправат „кривите дрини“ на лидерот, можеби треба да се гледа и како на најава за раскол во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи како да дојде време за радикализација на партијата којашто ја преземаат џингоистите со една цел: Да ја ограбат европската иднина на Македонија.
Како на ова ќе реагираат умерените, односно проевропски ориентираните сили во ВМРО, и дали ќе имаат сили да се ослободат од радикалите во своите редови, останува да се види набргу.