Само со остварување и заштита на правата и слободите на другите ќе ги оствариме и сопствените

Секако дека не постојат насилни култури, оние кои во сите свои аспекти би содржеле насилство, но постојат култури на насилство.

Љуан ИМЕРИ

„Постојат повеќе начини да се убие човек. Некому може да му се забие нож во стомак, некому да му се одземе лебот од уста, некој да не се излечи од болест, некој да се принуди да живее во лоша куќа, некој да се натера на самоубиство, некој да се истошти со работа, некој да се поведе во војна… Само по нешто од сето ова е забрането во нашата држава“ (Bertold Breht).

Додека ѝ ја чистеа раната, во неподносливи болки, рано наутро додека останатите спиеја, во една соба на велешката болница мојата пријателка ме замолуваше да ѝ ги читам овие стихови што ги цитирав само неколку дена претходно на една заедничка обука. Без да каже ниту збор, чувствував дека се пронаоѓаше во овие стихови. Не знам дали молчеше од болката со која веќе беше научена да живее или од разочараноста од институциите и од сите нас што никогаш не успеавме вистински да и помогнеме.

Неверојатна жена. Лице се попреченост кое освојуваше планински врвови низ болка и солзи. Пешачевме долго и често заедно. Беше огорчена што нашата држава никогаш не го стори тоа што беше потребно за да ѝ се олесни животот. Често ме прашуваше како е можно да бидеме толку толерантни кон нешто што е толку очигледно прекршување на човековите права, кон дискриминацијата што секојдневно ја чувствуваше на своја кожа? На крај самата често знаеше да заклучни: „Не сакаат да ме излечат. Скапо им е тоа. Поевтино им е да ме остават да умрам. Морам да бегам оттука“.   

Одговорот на ова и слични прашања веројатно лежи во нашиот начин на живеење. Нашата култура е таква што кога има директно насилство, односно кога го препознаваме и го гледаме извршителот – тогаш најчесто реагираме. Но истовремено ретко кога реагираме на насилството или прекршување кое е очигледно, но истото нема препознатлив, јасен извршител. Уште поретко реагираме на оние аспекти од културата кои се искористуваат за оправдување или легитимирање на директното и/или структурното насилство односно прекршување на основните човекови права. Секако дека не постојат насилни култури, оние кои во сите свои аспекти би содржеле насилство, но постојат култури на насилство. Постојат култури во кои насилството и прекршувањата на човековите права се толерираат.   

Понекогаш не правиме разлика помеѓу рамнодушност и толеранција. Во согласност со почитувањето на човековите права, практикувањето на толеранција не значи толерирање на социјалната или било каква неправда. Мислам дека ние дури може да бидеме обвинети дека сме премногу толерантни. Толерираме нешто што не би требало да се толерира, на пример корупција, насилство, говор на омраза, недопустливи однесувања, односно прекршување на човековите права, но сме нетолерантни кон маргинализираните групи, болните, децата, односно кон сите тие што се послаби од нас (или барем така ние мислиме). Често на пример, само декларативно се залагаме за нулта толеранција за насилството врз жените и семејното насилство, а сепак родово базираното насилство врз жените и семејното насилство постојат, некаде повидливо, а некаде затскриено, но постојат, а ние молчиме и ги игнорираме.  

Толерираме нашите деца да завршат учебна година без учебници. Толерираме јавни претпријатија да бришат милионски долгови на приватни трговци. Толерираме докажани криминалци наместо во затвор да се шетаат слободно. Толерираме да нè крадат во секој чекор. Толерираме и да ни умираат луѓе поради недостаток на лекови. Не за лекови кои не постојат, кои не се измислени, туку за лекови кои постојат и можат да спасат животи само што државата не сака да ги купи. Стотина пациенти во моментот се надеваат дека ќе ја дочекаат нивната терапија, но тие што треба да ги обезбедат моментално се зафатени со покачувања на нивните плати и градење на патишта.

Сето ова ќе го толерираме сега, а по десетина години кога ќе се возиме по новите хиперскапи автопатишта ова ќе биде заборавено. Се разбира зборувам за тие што ќе преживеат дотогаш. Можеби еден ден и ќе мораме да платиме некои пенали или ќе мора да направиме нешто за да надоместиме за нашите грешки, но никогаш нема да можеме да ги надоместиме човечките загуби и страдања.

Мораме да ги знаеме и бараме начин да си ги заштитиме своите права но истовремено мораме да се погрижиме да се остварат и правата на другите. Само во услови кога може да се остварат и заштитат правата и слободите на сите луѓе може да очекуваме остварување и заштита на сопствените права.

Треба да знаете
Moже да ве интересира