ИНТЕРВЈУ Влатко Деков: Сонувам за планини и за себеси таму некаде на планините

Влатко Деков е еден од колумнистите во Трн, некои го знаат по работатата со зависниците од дроги, некои го знаат како фотограф, а трети како истражувач. Во ова интервју ни одговори на прашања кои се однесуваат на неколку негови идентити и интереси.

Кај нас во Трн, на крајот на секоја твоја колумна, по твоето име пишуваме: истражувач, активист за човекови права, фотограф и магистер по социјална политика. Кој идентитет го преземаш наутро, а со кој си легнуваш?

Влатко: Тоа се само еден дел од моите идентитети. Ги има уште неколку , хаха .. Порано имаше пероди кога наутро беше прилично бурно во главата , ама со тек на годините мислам дека сите тие идентитети си го најдоа сопственото место и се поретко се маваат меѓу себе. Среќен сум што во последно време заспивам со мојот најдраг идентитет на  сонувач. Сонувам за планини и за себеси таму некаде на планините. Подалеку од загадениот воздух, градскиот стрес и вресок, грдата музика и асфлатот.

https://trn.mk/zvuchno-zagaduvanje/

Прашање за Влатко – фотографот: Дали фотографијата е приказ на реалноста, или на интимата на фотографот? Колку е фотографијата пристрасна и колку може да и се верува?

Влатко: Фотографијата секогаш има најмалку две приказни. Едната е на авторот а другата е на оној кој што ја гледа фотографијата. Многу често тие две приказни не се исти  или пак целосно се разликуваат. Но во тоа е убавината на уметноста. За мене најважни се  емоциите кои сакам да ги пренесам преку фотографијата. Па оттука да одговорам директно на твоето прашање , да,  фотографијата  е пристрасна  и ако гледачот успее да ја препознае или да ја почуствува емоцијата  тогаш треба да и се верува на таквата фотографија.  Ова го зборувам за уметничката фотографија. За другите форми на фотографии немам што да кажам бидејќи не се дел од мојот интерес.

фото: Влатко Деков

Прашање за Влатко – активистот за човекови права: Светов забрзано врти кон десно, а согласно искуствата од историјата, прво страдаат слободите и правата, поинаквите (луѓе и мисли). Дали постои доволно голема и гласна маса на луѓе кои би го спречиле тој тренд, или барем би се обиделе да го спречат.

Влатко: Точно е , светот се врти кон десно. Уште пострашно е што тоа десно е се повеќе радикално десно кое во себе го вклучува и популизмот до крајни граници, но и примитивизмот преку најекспонираните ликови за претседатели на партии или на држави. После победата на Трамп се повеќе кловнови победуваат на изборите, или имаат значаен успех. Само што завршија изборите во Србија, и таму партијата на доктор Несторовиќ освои речиси 5 % од гласовите и сега од него зависи кој ќе ја формира локалната власт во Белград. Тој е лик кој за време на ковид епидемијата на прес конференција изјави дека ковидот е најсмешниот вирус кој се појавил и дека жените  слободно можат да одат на шопинг во Милано. Некои го послушаа, отидоа на шопинг, таму се разболеа од ковид и умреа. Тој е лик кој вели дека земјата е рамна, дека сите луѓе со плави очи се вонземјани итн. Ете такви ликови се почесто ќе ни ја кројат судбината. Ова е многу опасен тренд затоа што со нив нема почитување на човекови права, напротив се загрозуваат правата на сите. Колку повеќе луѓето се свесни дека политиката не е место за кловнови толку побрзо ќе ги превенираме опасносите на оваа циркузијада.

https://trn.mk/himna/

Прашање за Влатко – истражувачот: Се чини дека техниките и методите на истражување во 21. век се доведени речиси до совршенство, но преточувањето на резултатите во политики е далеку од совршено. Дали истражувачите треба да поминат обука за марифет, или обука за застапување и организирање?

Влатко: Па не, истражувачите не мора да бидат успешни застапувачи. Тоа треба да го прават други луѓе  кои знаат како и кон кого треба да се застапува односно да ги презентираат заклучоците и препораките од некое истражување. Иако денес живееме во едно пост вистина време и согласно тоа не им се верува ниту на истражувањата, јас сепак сметам дека без соодветно истражување ниту една политика, без оглед дали таа е здравствена, социјална, културна итн, не може да биде успешна.

Прашање за Влатко – магистерот по социјална политика: голем дел од твојот ангажман е посветен на подобрување на здравјето и социо-економскиот статус на корисници на дроги, сексуални работници и маргинализираните заедници воопшто. Прилично тешка, можеби сизифовска, работа во едно доминантно патријархално и традиционалистичко општество кое повеќе сака лошо статус кво, отколку прогрес надвор од конзервативизмот. Што е она што те тера да продолжиш?

Влатко: Постои една искра која гори во мене и која ме води кон тоа да им се помогне на овие маргинализирани наши сограѓани. Не сакам да постојат нееднаквости, стигма и дискриминација. Еве, повеќе од 20 години таа искра сè уште не е изгасната.

https://trn.mk/travche-na-gravche/

Прашање за Влатко – активист за легализација на канабис: Во три реченици ојбасни ни зошто легализација / декриминализација.

Влатко: Употребата на канабис како и на било која друга психоактивна супстанца (акохол, кафе, чај,  итн) е личен избор и затоа никој не смее да биде казнет заради тоа што решил да испуши џоинт. Многу животи се уништени на луѓе  кои користеле канабис, а државата ги ставила во затвор заради тоа. Затоа што декриминализацијата е хумана политика, а забраната го дехуманизира човекот  и го урива неговото достоинство.

Прашање за Влатко: Веруваш ли во Дедо Мраз, , кои се твоите желби за 2024 и која е твојата новогодишна одлука?

Влатко: Немам новогодишни одлуки. Никогаш не сум носел одлуки инспириран од новогодишната еуфорија или пракса на повлекување црта и правење планови за наредната година. Тоа го правам во било кој период од годината. Имам само две желби. Едната е здравје а другата да си направам сопствен рај на планина. Подготовките се во тек.

Васко Лазаревски

Треба да знаете
Moже да ве интересира