СЗО предупредува, во козметиката има хемикалии што ги нарушуваат хормоните

Хемикалии што можат да го нарушат хормоналниот систем се присутни во производи што луѓето ги користат секојдневно, вклучително и козметиката и производите за лична хигиена. Изложеноста на овие супстанции може да започне уште пред раѓањето, а последиците врз здравјето може да траат со години. На ова предупредуваат Светската здравствена организација (СЗО) и Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП) во новиот глобален извештај објавен на 17 ноември.

Станува збор за таканаречени ендокрини нарушувачи – хемиски супстанции што можат да се мешаат во работата на хормоналниот систем, кој регулира важни функции во организмот, меѓу кои растот, развојот, репродукцијата и метаболизмот.

Нивното присуство не е ограничено само на индустриски производи или загадена животна средина. Може да се најдат и во предмети и производи со кои луѓето доаѓаат во контакт секојдневно – амбалажа за храна, пластични производи, играчки, облека, мебел, козметика и производи за лична нега.

Меѓу познатите примери се парабените, кои се користат како конзерванси во одредени производи за лична нега, фталатите и бисфенолите, присутни во различни видови пластика и други производи.

Изложеноста може да започне уште пред раѓањето

Едно од позначајните предупредувања во извештајот е дека изложеноста на овие хемикалии може да започне уште во текот на бременоста. Ендокрините нарушувачи се откриени во крвта, мајчиното млеко и крвта од папочната врвца.

Раната изложеност може да има долгорочни последици врз развојот на мозокот, растот и репродуктивното здравје.

Истражувањата во последните години дополнително ги зајакнале доказите за поврзаноста на овие супстанции со нарушувања на плодноста, репродуктивниот развој, невролошките функции, работата на тироидната жлезда, метаболизмот, имунолошкиот и кардиоваскуларниот систем.

Како нови области на загриженост се посочуваат и можните ефекти врз метаболичките заболувања на црниот дроб и бубрезите, иако за дел од овие поврзаности сè уште се потребни дополнителни научни истражувања.

Повеќе од 350.000 хемикалии, а само мал дел се испитани

Глобалниот извештај „State of the Science of Endocrine-Disrupting Chemicals 2026“ укажува дека во светот се регистрирани повеќе од 350.000 хемикалии и хемиски смеси за производство и употреба, но само мал дел од нив биле испитани за својствата да го нарушуваат ендокриниот систем.

Дополнителен проблем е што луѓето не се изложени само на една хемикалија, туку на комбинации од различни супстанции преку храната, водата, воздухот и производите што ги користат. Сепак, регулаторните системи во голема мера сè уште ги проценуваат хемикалиите една по една, наместо да ги земат предвид и нивните заеднички ефекти.

СЗО и УНЕП предупредуваат дека доказите за штетните ефекти врз здравјето и животната средина се значително посилни отколку во 2012 година, кога беше објавена претходната голема глобална проценка.

Извештајот повикува на посилна контрола на хемикалиите, подобро следење на изложеноста и развој на побезбедни алтернативи, со посебна заштита на бремените жени, децата и идните генерации.

Пораката е дека заштитата на здравјето не треба да започне откако ќе се појават последиците, туку со спречување на изложеноста на потенцијално штетни супстанции.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?