Европската централна банка (ЕЦБ) го спореди актуелниот подем на вештачката интелигенција со дот-ком балонот од почетокот на 2000-тите, предупредувајќи дека бранот големи иницијални јавни понуди (IPO) и рекордното задолжување на технолошките гиганти ги изложуваат пазарите на ненадеен пад. Проценката е објавена во полугодишниот Преглед на финансиската стабилност на институцијата.
Ризиците за финансиската стабилност на еврозоната остануваат зголемени поради постојаната геоекономска неизвесност и растечката изложеност кон вештачката интелигенција, изјави потпретседателот на ЕЦБ, Борис Вујчиќ. Предупредувањето доаѓа еден ден откако Европската комисија оцени дека економијата на Европската Унија го издржала енергетскиот шок од војната со Иран подобро од очекуваното, но централната банка посочува дека токму оптимизмот околу вештачката интелигенција станува извор на ранливост.
Цените на акциите почиваат на исклучително високи очекувања за заработка на компаниите за вештачка интелигенција, кои тешко ќе се остварат доколку поевтини модели ги поткопаат сегашните пазарни лидери, наведува ЕЦБ во извештајот. Бидејќи трошоците за развој на оваа технологија ги надминуваат готовинските приходи што ги генерираат нивните бизниси, американските технолошки гиганти се задолжуваат со рекордно темпо, сè почесто и во евра, со што директно ги изложуваат европските инвеститори на ризик.
Според проценките на ЕЦБ, големите технолошки компании на крајот од вториот квартал на 2026 година имале повеќе од 4 билиони долари, односно 3,63 билиони евра, во вонбилансни обврски што по својата природа се слични на долг, но не се евидентираат како пасива во билансите. Дополнително, производителите на чипови често самите ги финансираат клиентите што ги купуваат нивните производи. Иако централната банка не го нарече овој подем балон, посочи дека брзиот премин кон задолжување потсетува на дот-ком кризата и на кризата со хипотекарните кредити од почетокот на векот.
Вредноста на капиталот собран преку иницијални јавни понуди во САД е на пат да го надмине рекордот од дот-ком ерата во однос на големината на економијата, а ваквите бранови историски се појавувале близу пазарните врвови. Персоналот на ЕЦБ проценува дека американските IPO котации годинава ќе соберат околу 212 милијарди долари, или 192 милијарди евра, што е остар скок во споредба со околу 44 милијарди долари во 2025 година. По рекордната котација на Спејс екс (SpaceX) во јуни, креаторот на моделите Клод (Claude), компанијата Антропик (Anthropic), треба да ја одреди почетната цена на акциите в среда и да почне со тргување на берзата Насдак (Nasdaq) в четврток. ЕЦБ предупредува дека големите котации префрлаат неквантифициран ризик врз помалку информираните купувачи, вклучувајќи ги и малите инвеститори.
Паралелно со технолошкиот сектор, кревките јавни финансии во големите развиени економии можат да предизвикаат глобално превреднување на државниот долг. Трошоците за долгорочно задолжување достигнаа највисоко ниво во повеќе од две децении во неколку земји, а многу влади во еврозоната плаќаат најскапи камати од должничката криза во 2012 година. Владите од еврозоната емитуваат најмногу долг од периодот на пандемијата, предводени од трошоците на Германија за одбрана и инфраструктура, додека ЕЦБ повеќе не купува државни обврзници преку своите стимулативни програми. Поголем дел од тој долг завршува кај странски инвеститори и хеџ-фондови, кои побрзо се повлекуваат при криза.
Во овој контекст се издвојува Франција, каде што инвеститорите бараат повисока премија поради политичкиот ризик пред изборите во 2027 година, па нејзините десетгодишни трошоци за задолжување во октомври надминаа 5 проценти првпат од 2002 година и сега изнесуваат 4,85 проценти. Европската комисија предвиде пораст на јавниот долг на ЕУ од 82,6 проценти од БДП минатата година на 85,6 проценти во 2028 година, при што каматните плаќања ќе опфаќаат 2,4 проценти од економскиот производ, поради што ЕЦБ оцени дека фискалната консолидација одамна доцни.
Од друга страна, банките во еврозоната се во добра кондиција да апсорбираат шокови, со највисока профитабилност во последната деценија и рекордно ниско ниво на нефункционални кредити од 2,2 проценти во септември. Поголеми ранливости постојат кај небанкарските институции, како инвестициските и хеџ-фондовите, каде што американските технолошки и компании за вештачка интелигенција сочинуваат меѓу 16 и 26 проценти од нивните вложувања во акции. Централната банка го посочи случајот од јули со американскиот хеџ-фонд Ситуејшнл авернес (Situational Awareness), чии средства под управување се намалија од околу 45 милијарди на 10 милијарди долари по неуспешни облози со финансиски левериџ во секторот на вештачка интелигенција, предупредувајќи дека ваквите потреси можат да се прелеат врз банките кои речиси една петтина од своето финансирање го добиваат од небанкарскиот сектор.
Извештајот на ЕЦБ се објавува во момент кога европските влади се приближуваат до договор за новото раководство на институцијата. Германското Министерство за финансии соопшти дека ја бара позицијата главен економист за професорот од Универзитетот Принстон, Маркус Брунермајер, додека Берлин го поддржува поранешниот гувернер на Банката на Шпанија, Пабло Ернандез де Кос, да ја наследи Кристин Лагард на функцијата претседател на ЕЦБ, потег за кој поддршка сигнализира и Франција.

