ШОКАНТНО! Прочитајте што има под насловот

Злокобниот Запад во вакцините вградил чипови за заглупавување на светската популација… Или не? ТРАГИЧНО Е КОЛКУ СЕ НЕПИСМЕНИ ЛУЃЕТО! Осум од десет луѓе се „информираат“ само од наслови, но многумина од нив и тоа го прават погрешно.

Пишува: Џабир ДЕРАЛА

Многу ретко читам коментари на социјалните мрежи. Всушност, тоа не се коментари, туку се исечоци од претходно креирани ставови и предрасуди (и тоа во најдобар случај) или се чисто тролање. Голем број од коментарите се простачки, вулгарни и насилни. Што е најтрагично – не значат ништо и немаат врска со содржината која се коментира. Со еден збор – глупост.

Многу е смешно кога ќе објавите текст или видео за чие читање или гледање се потребни повеќе од една минута, а реакциите стигнуваат веќе во првите 10-15 секунди, а често и во првите пет секунди. Имаше еден период кога на секое наше видео на Јутуб, само што ќе го објавиме, се појавуваше dislike (не ми се допаѓа). Тоа беше многу забавно, да се види колку се ревносни  троловите задолжени да нè напаѓаат. Несомнено, оваа ситуација е уште поочигледна на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер (Екс).

Сигурно сте забележале дека, веќе со години, на социјалните мрежи масовно се користи и емотиконот „хе-хе“, кој пропагандистите и троловите го користат за да дискредитираат некоја објава. Кој ли е тој психо дрил ни кој поминуваат? Веројатно го имаат, бидејќи изгледа како да се најмалку на половина пат да станат зомби или нешто слично.

Накратко, изгледа како луѓето да ја изгубиле желбата да бидат информирани, туку само да си ги потврдуваат своите предрасуди. Се разбира, чест на исклучоците. Ретките исклучоци.

Зошто е тоа така? Ќе се обидам да дадам одговор барем на еден дел од ова прашање.

Веќе одамна е познато дека луѓето не читаат текстови, туку само наслови. Поразителен е процентот на луѓе кои, едноставно, читаат наслов и продолжуваат понатаму со животот. Или вегетирање, ако сакате. Можете да ставите рецепт за торта под насловот и тоа нема да го забележи огромно мнозинство од читателите. За жал.

Истражувањата покажуваат дека само двајца од десет луѓе читаат што има под насловот, односно кликнуваат на линковите од текстовите чии наслови ги заинтересирале. И тоа не е сè. Експертите предупредуваат дека бројот на луѓето што не гледаат подалеку од носот, пардон, не читаат повеќе од наслови, може да е и повисок, бидејќи не сите признаваат дека не читаат што пишува под насловите, дури и да кликнат под насловот.

Еден од начините да се справат со овој проблем, за редакциите е да стават што повеќе информации во самиот наслов. Тоа им е сеедно на сензационалистичките и пропагандистичките медиуми, бидејќи тие и онака не се грижат многу за содржината на вестите, туку само за насловите. Насловите кај нив често кажуваат едно, а текстовите нешто сосема друго. Но тоа најмалку им е важно на оние што и онака не сакаат да бидат информирани, туку само да си ги потврдат своите предубедувања.

Тоа не е сè, бидејќи и читањето на насловите полека заминува во минатото. Голем дел од луѓето не ги дочитуваат ни насловите! Реакциите на социјалните мрежи покажуваат дека насловите се читаат само делумно или воопшто не допираат до когнитивниот апарат кај голем дел од публиката.

Трагично е да се гледа колку луѓето се неписмени. Едноставно, не го разбираат и она малку што го читаат. Искрено, мислам дека зборот трагично употребен во претходната реченица не е претеран, бидејќи недоразбирањата често предизвикуваат трагични последици. Како тоа? Мора да се Ковид вакцините! Злокобниот Запад вградил чипови за заглупавување на светската популација.

Шегата настрана, изгледа дека, сепак, луѓето престанаа да читаат и наслови, туку само ловат клучни зборови во насловите и тоа само оние зборови што им ги потврдуваат нивните претходно изградени ставови, односно предрасуди и стереотипи.

На што се должи ова? Веројатно, една од причините е распонот на внимание на луѓето. Научниците утврдиле дека во 2000 година, просечниот распон на вниманието на луѓето бил 12 секунди. Застрашувачки кратко, ќе речете. Чекајте, не се возбудувајте премногу.

Просечниот распон на вниманието на луѓето во 2023 година е осум секунди. Осум секунди!

Знаете ли колку е просечниот распон на вниманието на златната рипка? Сега можете да се возбудите.

Просечниот распон на вниманието на златната рипка е – девет секунди. Добро прочитавте – златната рипка може да го задржи своето внимание за цела една секунда подолго отколку човекот.

Тоа е една од причините, велат научниците, зошто луѓето не читаат што има под насловот. Тие сметаат дека нивното време е премногу драгоцено и дека нема потреба да прочитаат повеќе. Доволно им е само да си ги потврдат однапред формираните ставови. Тие не сакаат да ја менуваат својата еднаш воспоставена претстава за светот, колку и да е таа рудиментарна (да не употребам потежок збор). Така, имате дури и несвесно ширење на дезинформациите и на пропагандните наративи преполни со омраза. Но тоа не е оправдување, ни оддалеку.

Закопани во калливите ровови на предрасудите, на луѓето (голем дел од нив) доволно им е да уловат збор-два од насловите што се совпаѓаат со нивните предубедувања. И го шират како такво – без целосна информација, без вистинско восприемање и размислување за информациите.

Зачудувачки е како луѓето си даваат толку време да коментираат на социјалните мрежи и да ги носат своите заблуди, незнаење и простотилак дома, на работа, на улица и во кафеана – а не сакаат да потрошат само неколку минути за да се информираат прописно и релевантно.

Среде таа масовна ментална, морална и интелектуална ерозија, не е ни чудо што општеството е заплеткано во пајажината на дезинформациите и пропагандата. На голем дел од медиумските газди и на новинарската фела ѝ е сеедно, сè додека имаат публика и таа публика (статистиките на видливост и влијание) да ја продаваат на своите спонзори и од тоа богато да живеат. На центрите на моќта им е сеедно дали публиката на медиумите кои ги спонзорираат е глупава или не. Поточно, подобро е ако луѓето се глупави, затоа што така полесно ќе ги проголтаат лагите за тоа што им се нуди – нека се тоа комерцијални производи или идеи и идеологија (пропаганда). (ЦивилМедиа)

Треба да знаете
Moже да ве интересира