Терор на групната присила (2)

Во формата на вморон, Македонецот се разминува не само со себе, тој се разминува со сите и со сѐ

Пишува: Бранко ТРИЧКОВСКИ 

За почеток едно парче од колумната на Славој Жижек во „Шри Ланка Гардијан“:

„Денешните опции извираат од дезинтеграцијата на големото Друго во општеството, збирот на обичаи и вредности што ги одредуваат основните одлики на пристојноста во нашите социјални интеракции. Кога се дезинтегрира големото Друго, останува изборот меѓу опсценоста и теророт на групната присила. Без таков практичен консензус за јавната употреба на умот, полека ќе се претвораме во општество на трибални фракции, како нешто што веќе се случува во многу западни земји. Од друга страна, без просторот за јавна употреба на умот, државата се изложува на опасноста да биде само една од инстанциите на приватното резонирање.“

Убаво.

И од мојот омилен автор, белградско-нишкиот скопјанец, Љубодраг Стојадиновиќ:

„Уживање во бесконечниот мазохизам. Тоа е единствената тема, инаку срамота е да се биде овде.“

Да еве нешто и од Борна Сор од „Прајм тајм“:

„Имаме возрасни луѓе кои глумат дека нивното лутење е нивно право. Горди се на него дури и кога некогаш им е срам, но не ги е срам за долго и пак се лутат и се лутат затоа што не ја лутат тие лутината туку лутината ги лути нив. Додека не станат нејадливи, па се чудат како ни станале блуткави. И тие луѓе би требале да ни бидат поткрепа и поткрепа на младите. А само е прашање на денот кога лутењето ќе им го уништи животот затоа што љубителите на медиокритетите не можат да замислат луѓе кои се занимаваат со нешто корисно за себе и за општеството.

А ние им простуваме.

Виновни сме сите, оти кога сите ни говорат дека имаме проблем ние мислиме дека мора да се проблем сите други.

Наивни сме дека ќе биде подобро.

Тоа е пореметување.

Со болеста нема компромис.

Само ние можеме против толку недопирливата трагедија и неразбирањето на сопствената гибел.“

Што да се каже, драги мои, мазохизам, медиокритетство и дезинтеграција, односно мазохизам во дезинтеграцијата или дезинтеграција во мазохизмот.

Хахаха!

Катастрофата на нашето општество во некои важни аспекти е отсјај на глобалните процеси. Тука така добро легнуваат опсервациите на Славој, Љубодраг и Борна. Тие процеси имаат многу импути, но главниот генератор им се наоѓа во социјалните мрежи и во вмро-дпмне.

Фејсбук е јажето што светот го измисли за да има на што да се обеси.

Имаме и филозофски основи од општ карактер.

Човекот е она што не е и не е она што е.

Во егзистенцијализмот оваа формула ја изразува недофатливоста на човечноста.

Разминувањето на човекот со самиот себе.

Нема подобра дефиниција во која Македонецот може да ги изрази своите идентитетски распнатости.

Или други да се изразат за него.

Бугарите, на пример.

Во формата, пак, на вморон, Македонецот се разминува не само со себе, тој се разминува со сите и со сѐ. Македонецот, односно вморонот во Македонецот е гомно и кога не смрди и не е гомно и кога смрди.

Тоа е нашата паланечка варијанта на Сартр.

Утешително е, ако може така да се каже, тоа што нашата недофатливост, во основа е дел од општата дезинтеграција на човекот, но тој процес кај нас е понагласен и поинтензивен поради елементите на историското наследство, политичката и општа култура, политичката конфигурација и стратификација и, конечно, поради малата големина (хахаха) што дозволува брановите на распадот на сѐ, а особено на смислата, да се шират со брзина на светлината. Луѓето во Гевгелија или Ѓузумелци дознаваат за моето мислење пред мене, а јас дознавам за нивната смрт како субјекти уште додека се живи.

Фејсбук, таа неверојатна мобилизација и факторизација на просташтвото, е жилет со кој Македонците си ги сечат вените. Телевизиите и порталите се топлата вода во кадата на која полека ѝ ја даваме црвената нијанса на нашите еритроцити. Демократијата е транзисторот од кој доаѓа меката музика на смртта. Партискиот судир, односно камуфлажата на битката за и против Македонија во партиски судир е реквиемска атмосфера во која уживаме.

Уживаме, не сме бесни како што изгледаме.

Или е поточно да се каже: уживаме во бесот, односно бесни сме затоа што уживаме.

Хахаха!

Колку пати сум пишувал дека битката за власт на начинот на кој тоа го правеше и го прави вмро со своите медиумски агресии на просташтвото и лагата и професорските инсталации на квазиинтелектуализмот, попрво и многу посилно ќе го разорат општеството отколку власта.

Океј, го расклатија Заев, но општеството го кутнаа на колена. Море го опијанија и го спружија на брзата пруга на времето. Милион обиди направија да го легнат и Ковачевски.

И Ахмети.

Всушност, себе се легнаа!

Измислиците што требаше да му ја сугерираат на општеството катастрофата што ја произведува власта, се претворија во драматична стварност што ја произведува опозицијата. Всушност, единиците на специјалната војна маскирани во опозиција. Која со својата опсценост не бутка никаков диктатор, како што се случувало со опсценоста порано по светот, туку сака да го инсталира.

Медиумскиот терор во функција на соборување на власта по секоја цена и инсталирање на друга власт, ја соборија супстанцата на Македонија, општеството, кое без просторот за јавна употреба на умот (Жижек) се претвори во атомизирана трибална маса што ја лепат само злобата, очајот, огорченоста, паниката и одмаздата.

Образованието, наспроти општите впечатоци и истражувања, не е толку виновно. Виновно е што е шутнато на маргините односно со тоа што го остави својот простор на партиски и медиумски говнари, значи, не по тоа што таму се учи, туку по тоа што ништо не се учи.

Виновни се фабриките за производство на катастрофалната стварност. Која потоа ја истиснува и заменува стварната стварност.

Кога јас велам дека вмро го изместува Македонецот од неговото национално и државно, па и општествено седло, јас не се впуштам во партиска дебата, затоа што партиската дебата и конфликтот како партиски конфликт, ги сметам за лажни, туку се обидувам да ја објаснам природата на проклетството и закономерноста на смртта, филозофијата што тврди дека Македонецот и вмро се контраиндицирани. Како што во егзистенцијализмот субјектот го доведува во прашање постоењето на другите луѓе, така кај нас вмро ја доведува во прашање Македонија. И Македонците. И сите што не се вморони. Дури и вмороните како Македонци и како луѓе. Со тоа што тие за себе мислат дека се македонски рудари на кои четирите букви им го осветлуваат патот по тесните ходници на современоста.

Хахаха!

Дупките се полни со метан!

Тие не се Македонска каменица, туку се Камена македонија.

Никогаш во Македонија не се живеело подобро и никогаш луѓето не верувале дека живеат полошо. Тоа значи дека нивниот став нема да се смени со подобрување на животот, туку со промена на претставата. Со интервенција во емоциите. Со производство на емоции што ќе му покажат на човекот дека, сепак, е подобро да биде модерен господин отколку племенски војник кого првите комшии ќе го наденат на своето копје за ражниќи од македонско месо.

И никогаш луѓето не добивале побогати порции слобода и средства за живот со поскромни заслуги. Тие се робови на претставите за себе и за општото добро, претстави што им се наметнати низ партиско-медиумската тортура.

Нивниот бес е произведен како халуцинација од лсд.

Или други дроги.

Додека „во кујната“ на Фронтлајн се крчка мојата нова книга, си земав слобода тука да ја претставам првата колумна од мојата последна книга што се викаше „Мојата борба со Македонија“. Со одредени освежувања. Не е лошо да се навраќаме на блиското минато. Не во антиката или средновековието. Тоа се тралалајки. Овој текст прв пат е објавен на 4 декември 2021 година. Мислам дека пред изборите на 8 мај е важно да се стави на увид. Затоа што после 8 мај нема враќање.

Moже да ве интересира