Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Слободата не е нешто кое ми го даваш, слободата е нешто кое не можеш да ми го земеш

Оваа мала и сиромашна земја им држи лекција за слобода и демократија на сите посткомунистички земји од југоисточиниот дел на Европа

Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ

Во оваа земја никогаш не било мирно и лесно за новинари и „фриленсери“ (слободни уметници?), ама сите ќе се сложат дека од 2017. година до денес – а тоа го потврдува и извештајот на „Репортери без граници“ – Северна Македонија е најдобро рангирана земја во регионот дури и пред Хрватска и Словенија.

Во извештајот на „Репортери без граници“, понaтаму, стои: Северна Македонија е пред Полска (земја која го изнедри еден Витолд Гомбрович и неверојатниот полски дисидент, Лех Валенса, добитник на Нобелова награда за мир 1983. година и претседател на Полска); Северна Македонија е пред Италија (земјата која изнедри еден чудовишен семиотичар, лингвист, прозаист, филозоф, политички коментатор, Умберто Еко); Северна Македонија е пред Романија (земја која изнедри Нобеловка за литература, брилијантната писателка Херта Милер), Бугарија (што на пример имаат Бугарите: Христо Стоичков, Алек Попов и Георги Господинов?), Кипар (има, море, да речеме?), Унгарија (ја има нашата „побегуља“!) и, Северна Македонија е пред Грција, „галеничето на Европа и Западната цивилизација“ од која се образуваа(т) на славната Антика сите денешни лидери на слободниот и демократски свет.

Оваа мала и сиромашна земја им држи лекција за слобода и демократија на сите посткомунистички земји од југоисточиниот дел на Европа. И оваа вест е навистина импресивна, благородна и бескрајно вредна.

Што ова значи и што ова ни кажува? Прво, значи дека новинарите и медиумските работници – и сè она кое се нарекува „јавна личност“ – не претставува и не се таргетира како „месо за отстрел“ во јавниот дискурс. Второ, ни кажува дека оваa приказна не e само за слободата како таква, ова е приказна и за состојбата на демократија во земјата. Ова е приказна за елементарните човекови права и слободи во оваа земја.

Нека никој не живее во илузија од типот, „па, добро, што мене тоа ме интересира, јас не сум новинар, јас не сум јавна личност“? Не, овој извештај на РБГ го засега секое човечко битие во оваа земја. Може вие да речете и тоа, а, добро, а каде е таа слобода на говор: по кафани, библиотеки, „опскурни“ домови на култура, телевизии, поткасти, youtube-канали, тик-токови и останати чуда?

Не, идејата на слободата на говор подразбира култура на дијалог, за и против аргументи, и пред сè и над сè  – соочување со минатото. И најважно, плуралноста на повеќепартизмот во земјата.

Имено, во оваа земја никогаш не било вака мирно за новинари и фриленсери. С. Македонија е рангирана на 36 место на Индексот на слобода на медиумите за 2024 година.

Ајде да ја видиме компаративната разлика и добро да ја запаметиме: со ВМРО-ДПМНЕ на власт, ние бевме 118 место; на власт со СДСМ, ние сме на 36-то место, замислете, пред две Европски земји од регионот (и тоа не било кои!): Хрватска (на Борис Дежуловиќ и Виктор Иванчиќ, да речеме?) и Словенија (на еден Славој Жижек?).

Ако ова не е доволен индикатор за слобода и демократија во земјава, тогаш тешко дека ќе може да понудиме подобар аргумент од тоа.

Од друга страна, слобода значи и колку властa прави притисок на новинарите и воопшто – колку власта прави притисок на медиумските работници. Штом во твојата земја луѓето зборуваат слободно и критикуваат, тоа значи дека таа земја напредува. Кога земјата стагнира, слободата на говор се повнатрешнува и земјата се затвора. И тука најчесто се случува шепкање, притаено и отворено шиканирање.

Слободата на говор исто така значи дека системот е пропулзивен, нема притисок за медиумските работници и новинари, луѓето мирно работат и зборуваат слободно за сите работи кои сметаат дека се важни.

Меѓутоа, ваква слобода на говор предизвика, на еден парадоксален начин – обратен ефект. Што ни вели „здравиот разум“ и каде тука го гледаме парадоксот? Новинарите и медиумските работници во оваа земја ја искористија својата слобода за враќање на најлошите меѓу нас. Својата лична слобода ја искористија за дерење на најдемократската Влада во историјата на оваа земја на еден многу опак и пореметен начин. И тоа е она кое најмногу ме плаши. Ме плаши тоа дека наместо да ја искористиме слободата на говор на најдобар начин, ние ја искористивме на најлош можен начин.

Сите бизарни типови кои во демократски поредок би биле на самите маргини, денес добија мејнстрим статус за дерење на, повторувам, најдемократската Влада во историјата на оваа земја. Не велам дека тоа е совршена Влада, или не велам дека сите работи ги направи совршено – далеку од тоа – ама да играш отворено за најлошата десница и (псевдо) конзервативна партија, притоа да се повикуваш на слобода на говор, и таа да ти биде пружена за повторно да ја затвораш земјата и ги вратиш најригидните сили на моќ, значи дека некој тука не си ја завршил својата работа на „најблагороден“ начин.

Поинаку речено. Кога новинарите се најважни во една земја? Кога во едно општество владее најголема репресија, тогаш новинарите се најважни. А исто така и новинари кои работат отворено за опозицијата, поточно работат отворено за ВМРО-ДПМНЕ, тоа не се новинари. Трубадури? Да. „Телали“? Да. Ама новинари и слободни луѓе – тешко.

Во времето на ВМРО-ДПМНЕ новинари се напаѓаа, велејќи им дека се „предавници“, „шпиуни“, „соросоиди“. Таквата реторика доведе до страв и молк во земјата.

Бедните и гладни робови ги користеа медиумските платформи за дефамација и заокружување на глави. Бидејќи нашето граѓанство е претежно „визуелно“, јасно се знаеше кои глави треба да бидат заокружени, чисто како таргет што треба да се напаѓа. Бидејќи им беше земено сè, како луѓе, индивидуи и човечки битија, единствено им беше понуден напад и „кинење“ на неистомисленици.

Гореа редакции, се апсеа луѓе кои не им беа „корисни идиоти“ на груевистичката влада… Автономиите на Универзитетите беа октруирани… Сите премногу добро ја знаеме оваа приказна. На Индексот на слобода бевме 118 место.

Искрено речено, немам сомнеж дека ВМРО-ДПМНЕ ги учи своите симпатизери дека „слободата не се мачка на леб“. Меѓутоа, како и сè во таа партија, така и оваа дефиниција е глупава и плиткоумна. Слободата се мачка на леб, о, да! И таму каде што најчесто има слобода, има и леб во изобилие. А таму каде што нема слобода, нема ниту леб, или ако го има, се дели на лажичка.

„Слободата не е нешто кое можеш да ми го дадеш, слободата е нешто кое не можеш да ми го земеш“, своевремено велеше брилијантниот новинар Виктор Иванчиќ.

Слободата е важна, драги пријатели. А слободата не е нешто кое е комплицирано и метафизичко: слободата е важна и насушна работа за сечиј живот. Прашајте ги Русите денес дали имаат слобода. Прашајте ги нашите соседи од „регионот“ колку имаат слобода. Прашајте ги и овдешните луѓе кои отворено, а некои притаено беа угнетени од ВМРО-ДПМНЕ во времето на Груевски, сосема е неважно дали беа обични гласачи или медиумски „персони драматис“. Прашајте ги, ако не заборавиле. И ако отворено не ве лажат.

Груевски им ја плачеше „наната нанина“, а гледам, денес, прилично јасно и отворено си го бараат стапот повторно да им се врати. Само забораваат една работа. Стапот ќе им се врати на оние кои стапот го бараат за другите. Дијалектика, братко мил! Работи исто за сите времиња и епохи. Некој ќе рече (да го парафразирам дијалогот од филмот „Црниот бомбардер“): каков сега стап, зарем ова денес не е демократија? – Па демократски стап, братко мил. (Фронтлајн)

Moже да ве интересира