„Зошто да гласам?“ воопшто не смее да биде прашање

Сите неопределени и апстиненти мора да разберат дека ако нема масовна излезност на гласање ќе се случи една шестина или петтина од гласачкото тело, да ја определи иднината на останатото мнозинство од граѓаните на земјата. Тоа не би требало да си го дозволиме.

Зоран БОЈАРОВСКИ

На изборите за претседател на државата што ќе се одржат на 24 април право на глас имаат вкупно 1.814.317 избирачи.

Тоа се фактите на статистиката.

Во реалноста таа статистика влегува во домените на политиката кога овие 1.814.317 гласови ќе се распределат на политичките претенденти на овие гласови кои за да ги добијат на граѓаните им понудиле програми со приоритети во наредните 4 години.

Сега граѓаните треба да изберат на кого ќе му го дадат својот глас или уште поточно, на која политичка опција или кандидат, ќе му отстпат нивното суверено право тие, или тој, да управува со ресурсите на државата кои се во сопственост на граѓаните.

Тоа би била реалната, односно оптималната, ситуација на равенаката „вие на мене понуда, јас вам мојот глас“.

Но, во Македонија има еден фактор што комплетно ја менува оваа игра и ја прави дополнително неизвесна.

Според досега објавените, релевантни анкети, продолжува трендот на оние кои не донеле одлука дека ќе гласаат, не знаат за кого ќе гласаат, или одбиле да одговарат дали ќе гласаат.

Зошто да гласам? Зошто кога ништо нема да се смени? Сите се исти. Зошто да гласам кога кај нас одлучува меѓународната заедница? Зошто да гласам кога и онака гледам колку што може побргу да заминам од земјава?

Бројот на оние што си го поставуваат или одговараат со прашање на прашањето зошто нема да гласаат, е огромен. Достигнува и повеќе од 40% од вкупното гласачко тело. За малку, речиси половина од граѓаните со право на глас. Според оваа статистика, ако нешто не се промени, за идната власт или личности во оваа земја ќе гласаат малку повеќе од половина од електоратот.

Оттаму, со право може да се каже дека, доколку тоа се случи, тоа не е волја на мнозинството, иако, како што рековме, во овој случај статистиката преминува во доменот на политиката, макар да тоа се признава како легитимен исход на едни избори.

Но, утврдениот број на избирачи, и особено нивниот глас, не се само статистика. Тие се повеќе од тоа. Тие се двигатели на општествените процеси и ако се сфатат така прашањето „Зошто да гласам?“, воопшто не смее да биде прашање.

Како победуваат фашистите?

Одговорот на прашањето зошто еден значаен дел од гласачкото тело се колеба или нема да излезе на гласачките места, иако од тоа им зависи квалитетот на животот, ги порекнува сите теориски толкувања. Особено оние тези според кои незаинтересираноста на граѓаните да го користат правото на глас на парламентарни и на други избори, опаѓа со степенот на економска сигурност на граѓаните. Како пример кој ја поткрепува оваа теза, се наведува ситуацијата кога на претседателските избори во Франција во 2002 година, профашистички ориентираниот лидер Жан-Мари Ле Пен влезе во мртва трка во вториот круг со Жак Ширак. Аналитичарите тогаш толкуваа дека тоа се случи само заради тоа што една третина од гласачите на тие избори не излегоа на гласање. Слична, иако не целосно споредлива ситуација се случи и на последните избори во САД, кога еден сериозен дел од американските гласачи, инаку поддржувачи на Хилари Клинтон, останаа дома уверени дека Хилари сигурно победува.

И така победи Трамп.

Овие примери се само потврда дека секој глас е одлучувачки.

Северна Македонија не е ни Франција, ниту САД, но секако ја потврдува тезата дека нема дефинитивен одговор зошто граѓаните гласачи не го практикуваат својот одлучувачки глас. Македонија не е богата земја како Франција за да речеме дека граѓаните (би)треба(ло) да бидат рамнодушни кон правото на глас „кое ништо не менува“. Одговорот за македонската потреба од апстиненција треба да се бара на друго место. Односно, на повеќе места.

Една од причините за големиот број неодлучни или апстиненти е зачестеноста на изборите, практика којашто тогаш започна да ја применува ВМРО-ДПМНЕ. Почнувајќи од вонредните во 2008, сите наредни, во 2011 и 2014, беа вонредни парламентарни, а меѓу нив и локални и претседателски. Сите беа обоени со силни контроверзи, а „бомбите“ од „Вистината за Македонија“, дефинитивно укажаа на масовно крадење на изборните гласови.

Процесите со кои се „заробуваше“ државата го зголемија процентот на неодлучни и апстиненти бидејќи граѓаните видоа дека нивната „слобода на избор“ не е заснована на одлуката од борбата на изборните политички програми на партиите, туку на грабежот и на насилството врз нивниот глас.

Но, граѓанското општество покажа дека има систем за отпор и за реакција на авторитарното практикување на власта, па во 2016 година на парламентарните избори имавме најголема излезност во поледните 10 години – нешто повеќе од 67%.

Со тоа се потврди тврдењето дека секој глас е одлучувачки. Во 2016 година вревата на слободоумните граѓани од улиците беше посилна обидите за затапување на свеста на граѓаните, па така таа врева се прелеа и во поголема излезност на гласачките места.

Овие најнови, од циклусот избори, се врати во рутината на редовни на секои 4 години. Дали така ќе остане, останува да видиме.

Гласањето е одговор на минатото и морална обврска за иднината

Една од најважната причина за гласање е поврзана со нашето минато и нашата иднина.

Замислете да не беше таква излезноста за време на референдумот за независност во 1991 година, или на првите парламентарни избори кога излезноста беше над 80%. На овие големи настани заради плебисцитото на граѓаните беше утврден курсот кон иднината на наша земја.

Со оглед на оваа историја, гласањето за денешните граѓани е и морална обврска, начин да се испочитува луѓето кои одлчуваа нашите стратешки интереси да бидат реалност денеска.

Следствено, масовна излезност на изборите, искористувањето на правото на глас на секој граѓанин и начин да им се оддаде отчет и на оние кои ќе дојдат после нас.

Замислете дека после неколку, или десеттина години, заклучиме дека заради апатијата во 2024 година, државата е сѐ уште во лимбо ситуација или изложена на последиците од големите геостратешки превирања. Како ќе им објасниме на идните генерации дека не сме излегле на избори во 2024 година и сме ја овозможиле таквата ситуација.

Оние од нас кои имаат право да гласаат имаат огромна одговорност кон оние кои немаат, како што се децата и младите кои сѐ уште не се стекнале со право на глас. Гласањето е наша должност во општествениот договор, начин да ја насочиме републиката во насока што точно ја одразува волјата на големото мнозинство нејзини граѓани.

Уште нешто треба да доживее пресврт на изборниот ден: Бројот на млади гласачи. Тие, како и сите другите неопределени и апстиненти мора да разберат дека ако нема масовна излезност на гласање ќе се случи една шестина или петтина од гласачкото тело, да ја определи иднината на останатото мнозинство од граѓаните на земјата. Тоа не би требало да си го дозволиме.

Треба да знаете
Moже да ве интересира