Новата книга „Јасновидец… трагичен македонски пророк“ од Ставре Џиков отвора стари рани и нуди нови дилеми околу животот, делото и трагичната судбина на Кочо Рацин, откривајќи досега помалку познати детали за неговите блиски врски, но и за драматичните патишта по кои се ширела неговата култна збирка „Бели мугри“.
Покрај веќе познатите сомнежи поврзани со неговата смрт, Џиков во книгата вклучува и нови сведоштва за преносот на првите примероци од „Бели мугри“, печатени во Самобор, како и за долгото и мачно откривање на неговиот гроб по Втората светска војна. Особено внимание привлекува улогата на Киро Глигоров, за чие пријателство со Рацин јавноста речиси и да не знаела.
Во разговор со Ставре Џиков за Рацин.мк, авторот посочи дека во своите мемоари „Македонија е сè што имаме“, делови од кои се цитирани во книгата, Глигоров сведочи дека како студент во Белград одржувал редовни контакти со Рацин.
Тој опишува како поетот го замолил да отпатува во Загреб и Самобор и да преземе што е можно повеќе примероци од штотуку отпечатената збирка. Со помош на локални студенти и печатари, Глигоров успеал да собере значителен број книги, кои потоа ги пренел во Белград, каде тие биле дочекани како вистински културен настан меѓу македонските студенти.
Според Џиков, токму овие сведоштва покажуваат дека првите примероци од „Бели мугри“ во Белград пристигнале преку личниот ангажман на Глигоров. Оттаму, нивниот пат продолжил кон Скопје, овојпат преку Коле Чашуле и неговиот брат Димко.
Џиков потсетува дека во своите „Антимемоари“, Чашуле опишува како во летото 1939 година добиле задача да пренесат куфер со книги од Белград до Скопје, преку мрежа на партиски врски и организации, задача која успешно ја реализирале.
Втората силна приказна што ја обработува Џиков се однесува на откривањето на гробот на Рацин. Според сведоштво на неговиот внук, исто така по име Кочо, по инсистирање на мајката на поетот, Марија Рацин, во 1945 година била формирана група која заминала на планината Лопушник со цел да го пронајде местото на неговото погребување. Иако властите тогаш немале точни информации, групата започнала со копање на повеќе локации.

Според ова сведоштво, гробот бил откриен сосема случајно – при еден удар со копач, бил погоден черепот на Рацин, кој бил плитко закопан, со само неколку камења и градежен материјал над него. Оваа потресна сцена, како што посочува Џиков, сведочи за односот кон поетот во тој период и ја отвора дилемата за околностите под кои бил погребан.
Инспириран од овие две линии – сведоштвата на Глигоров за „Бели мугри“ и драматичната потрага по гробот, поранешниот судија и јавен обвинител, но и хроничар на важни процеси од историјата на Макдонија, Ставре Џиков ја создава својата книга како обид за ново читање на ликот и делото на Рацин. Преку спој на документи, мемоари и усни сведоштва, авторот настојува да фрли ново светло врз животот на поетот, кој и денес останува една од најзначајните, но се’ уште и најмистериозни фигури во македонската културна историја.