Законот за употреба на македонскиот јазик беше донесен како еден од најзначајните законски проекти во областа на културата и јазичната политика. Требаше да воспостави систем што ќе обезбеди доследна употреба, заштита и унапредување на македонскиот стандарден јазик во институциите.
Но, наместо приказна за успешна примена, две години подоцна, неприменувањето на Законот стана тема на надзорна расправа во Собранието, каде што политичката дебата се претвори во директен судир меѓу поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која го иницираше и го донесе законот, и актуелниот министер Зоран Љутков, во чиј мандат требаше да започне неговата практична примена.
Закон што остана на хартија?
Во своето обраќање, Костадиновска-Стојчевска обвини дека Владата речиси две години не ги спроведува законските обврски, иако роковите одамна поминале. Таа оцени дека токму поради иницијативата на опозицијата конечно се отворила надзорна расправа за прашање што, според неа, одамна требало да биде решено.
„Зошто ја поднесовме оваа иницијатива за надзорна расправа? Затоа што можам да ви ги прочитам сите членови по однос на кои не се постапува, меѓутоа тоа значи дека треба да ви го прочитам целиот закон. Освен именуваната директорка на 9 април 2025 година, една година и два месеци после донесување на законот, ништо друго по однос на овој закон не функционира. Видовме два инспектори коишто се вработени пред пола месец во самото Министерство за култура, кои што треба допрва да поминат една цела година во однос на нивната подготовка за да можат да прават надзор“, рече Костадиновска Стојчевска.
Од другата страна, министерот Љутков се бранеше со аргументи дека постојат административни, кадровски и организациски проблеми кои ја отежнуваат имплементацијата.
Но, суштински одговор прашањето нема, а тој е на чело, или беше на чело, на институција која требаше да ги реши административните, кадровските и организациските проблеми кои тој ги наведува како причини.
Ако Законот е донесен за да се применува, тогаш зошто неговите најважни одредби и понатаму не функционираат?
Оставката што зборува повеќе од политичките говори
Најсилниот аргумент дека проблемот не е само политичка реторика дојде многу порано од надзорната расправа.
Претседателката на Советот за македонски јазик, д-р Симона Маџоска Грујовска, поднесе оставка токму поради незадоволството од застојот во спроведувањето на Законот.
Нејзиниот потег имаше посебна тежина бидејќи дојде од личност која не настапуваше како политичар, туку како научник и претседател на стручно тело чија задача е да се грижи за развојот и стандардизацијата на македонскиот јазик.
Кога претседател на Советот за македонски јазик поднесува оставка поради тоа што Законот не се спроведува, тоа веќе не е дневнополитичка расправа.
„Преку некои работи едноставно не може да се помине“, коментираше таа кога ја објави оставката.
Тоа е сериозен институционален сигнал дека системот не функционира.
Јазикот не смее да биде заложник на смената на власта
Македонскиот јазик одамна е повеќе од средство за комуникација.
Тој е едно од темелните обележја на државноста и националниот идентитет.
Токму затоа законите што се однесуваат на неговата заштита би требало да имаат континуитет независно од тоа која политичка гарнитура е на власт.
Но, надзорната расправа покажа сосема поинаква слика.
Наместо да се забрза примената на Законот, институциите што требаше да воспостават нови стандарди продолжуваат да функционираат по старите правила.
Одговорноста не завршува со донесување закон
Во конкретниот случај, одговорноста има две димензии.
Едната е политичката – дали Владата навреме ги презела сите активности што ги предвидува Законот.
Другата е институционалната – дали Министерството за култура обезбедило услови законските решенија навистина да профункционираат.
На граѓаните не им треба нова расправа, туку резултати
Надзорната расправа повторно го отвори прашањето што со месеци го поставуваат професорите, лекторите и јазичната јавност.
Кога конечно ќе почне целосната примена на Законот за употреба на македонскиот јазик?
Тоа прашање денес останува без конкретен рок и без јасен одговор.
А токму во тоа лежи суштината на целиот спор.
Затоа што јазикот не може да чека следна влада, следен министер или следна парламентарна расправа.
Доколку Законот навистина бил донесен за да го заштити македонскиот јазик, тогаш неговата примена не смее да остане само политичко ветување, туку мора да стане видлива институционална реалност.
