Убиството на Рацин не престана, ниту завршува и прашањето не е „Кој?“, туку „Зошто?“

Рацин
Споменик за смртта на Кочо Рацин во врвот на планината Лопушник, Фото: Од Zdravko — сопствено дело, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=69953013

„Коста Солев – Смртопис“ го осветлува од нов агол најделикатниот, најинтригантниот и воедно најтрауматичниот аспект од митот за Коста Солев: неговата загатка од смрт, при тоа нудејќи ново толкување на комплексните околности и разоткривање на вистинските причини поради коишто неговиот живот прерано, насилно и трагично беше окончан (наместо да се сведе на сензационалистички обоена потрага по имиња на конкретните „егзекутори“).

Ова е само дел од обраќањето на проф. д-р Елизабета Шелева, на претставувањето на делото и добитникот на наградата „Рациново признание“ за 2026, кое оваа година му припадна на Наум Пановски за романот „Коста Солев – Смртопис“, што во продолжение го пренесуваме целосно:

Целта на уметноста не е да ја репродуцира стварноста, туку – да создаде стварност со ИСТ интензитет“ – Алберто Ѓакомети

“Коста Солев. Смртопис” е роман со став, идеја и повик за (национално) себе-преиспитување. Дело со сериозно егзистенцијално и историско алиби зад себе, кое побудува интерес и внимание веќе со самиот интригантен наслов (и кованката „смртопис“ содржана во него), што експлицитно укажува на ликот, делото и трагичната (се’уште до крај недоволно разјаснета) смрт на Коста Солев, основоположникот на македонската современа книжевност, големиот и незаборавен син на Велес и патрон на Рациновите средби.

Оваа книга содржи мисловна длабочина, афективна слоевитост, како и идеен предизвик, а не само гола или вешто раскажана нарација или “ексцентрична” анегдоталност, од којашто единствено би го црпела својот творечки легитимитет кај читателите.

Романот на Наум Пановски се заснова на проверени факти, документарни наоди и посветена истражувачка работа, која му претходела на создавањето на ова ангажирано дело, посветено на Коста Солев како насловен лик, но и како симбол на националната трагика.

„Коста Солев. Смртопис“ е длабоко сугестивна проза, која буди и поттикнува на критичко себе-видување и соочување со темните петна на националната свест и самосвест! Фрлена ракавица на мегданот со колективната вина и одговорност на Македонците.

Во романот за прв пат е достојно расветлен уделот што во животот на Коста Солев го одиграле две образовани млади жени: Невенка Вуиќ и Малина Поп Иванова, а со коишто тој ги споделувал и заеднички ги градел своите прогресивни идеи, поглед на свет, утописката замисла, но и борбата за класна правда во општеството.

Уметничката постапка во романот се заснова на динамичен ритам, отсечност, ФИЛМИЧНОСТ на нарацијата (што е во дослух со примарната вокација на авторот како режисер)! Добро „лизга“ наративниот тек и наизменичното менување на гласовите.

Освен тоа што се занимава со недоволно познати детали и релации од животот на Кочо (особено, оние на интимен и љубовен план) – романот на Пановски нуди смела хипотеза – за реалната заднина/причина, што стои зад прераната смрт на Солев.

„Коста Солев – Смртопис“ го осветлува од нов агол најделикатниот, најинтригантниот и воедно најтрауматичниот аспект од митот за Коста Солев: неговата загатка од смрт, при тоа нудејќи ново толкување на комплексните околности и разоткривање на вистинските причини поради коишто неговиот живот прерано, насилно и трагично беше окончан (наместо да се сведе на сензационалистички обоена потрага по имиња на конкретните „егзекутори“).

Во наративната визура на Пановски “хибрисот”(престапот / ликвидацијата) што го предизвикува овој трауматичен настан е суштински поместен (или трансфериран) од (очекуваното) идеолошко – на антрополошкото (или, архетипско) рамниште – кога се открива зависта и комплексот на инфериорност, како извор на подземните и темни сили, што на крајот фатално му пресудиле на Солев.
Оттука во поттекстот на романот на Пановски, заедно со потресната љубовна приказна, е вткаена автентичната (и не помалку веродостојна) алузија на Моцарт и Салиери – овојпат, на домашен терен и со додаток на извесна класно-хиерархиска димензија: кога завидливите и привилегирани (“дворски”) бирократи и (партиски) медиокритети подмолно (и на рати) физички ќе го докрајчат Солев.

При тоа, ноторната дилема “кој е вистинскиот убиец” – во прозата на Пановски – се пренасочува кон форензичка потрага по самата причина и расчистување на прашањето: ЗОШТО е Солев воопшто ликвидиран?

Наводно „случајното“ убиство на Солев овојпат е мотивациски прекодирано (и протолкувано) на повисокото (алегориско) рамниште. Оваа транс-историска перспектива воедно го претвора самиот, божем еднократен и случаен, инцидент во закономерно „циклично“ дејание (убиство со предумисла), убиство кое всушност НИКОЈПАТ не престанува, ниту завршува.

Оти, не само нашата ами и светската историја нудат низа трагични примери – дека елиминацијата и убиството (на исклучителните луѓе) се повторува небаре perpetuum mobile во медиокритетските кругови стрвни за пари, моќ и триумф.

“Во секого од нас е истрелан куршум… само прашање на денот и часот е кога ќе се сретнеме со него“ – предупредува авторот на „Смртопис“.

На крајот од романот кој зборува не само за Коста Солев, туку и за нашата кауза денес, Пановски без отстапка порачува, дека сите носиме одговорност за оваа трагична смрт без преседан (во нашата понова историја), така што и вината за неа – останува колективна!

„Го убивме сите со нашиот молк. Со тоа какви сме. За никој никаде. Сервилни и поткупливи. Со свиткан грб по кој удира кој како ќе стигне. А ние само молчиме… Постојано се прашувам, зошто Македонецот му е најголем непријател на Македонецот?“ („Коста Солев Смртопис“, стр. 194).

Предизвикувачки и провокативно звучи завршната реченица, но и клучна поента на романот, поврзана со (пословичната) авто-деструктивност на Македонецот како врвен душман (или, ултимативен архи-непријател) – првенствено самиот на себе.

„Постојано се прашувам зошто Македонецот му е најголем непријател на Македонецот?“ – се вели на самиот крај од романот, со тоа реторичко прашање водено алудирајќи не само на нашата поблиска, туку и на современата етно-национална историја, исполнета со низа сомнителни братоубиства и ликвидации.

Да заклучиме:

„Коста Солев. Смртопис” е длабоко сугестивна проза, која буди и поттикнува на ре-обмислување!
Проза со став, проза што нуди нов предизвик и неистражен поглед кон Коста Солев како човек, како маж, како интелектуалец, како поет! Но, и како мит, околу кој се’уште се кршат нечии (не секогаш добронамерни) копја и (злокобни) стрели!

Наспроти фактот што во насловот е содржана ефектна кованка (изнедрена од лексемата на смртта) – овој роман е сепак апологија на витализмот (како спиритус мовенс или спиритус “егзистенс”) на Коста Солев, човекот што бил во целосна спротивност со идеолошката некрофилија и закоравената партиска бирократија и тесноградост.

Оттука, ние како држава и како култура, СИТЕ заедно му должиме огромна благодарност, но и симболично покајание кон (ликот и делото) на Коста Солев – и се’ во име на повисоката правда, вистина и уметничка убавина.

Со оглед на провокативноста на ова дело, новите сознанија и содржини, што тоа ги нуди, како и отворениот предизвик фрлен во лицето на современоста – искрено се надевам (и посакувам) ликот и делото на Коста Солев да доживеат обновен интерес и љубопитство особено кај рацинолозите, но и пошироко – за ново преосветлување и дополнување на сознанијата, врзани за неговата трагично прекината креативност и иднина.

Не постојат совршени дела – но затоа постојат совршени прашања и порти, коишто благодарение на нив се отвораат пред нашите очи и души – жедни за смисла и вистина!

Овој роман е токму таков – мегдан со болно отворени (насушно важни) прашања и длабоки рани, кои пекаат по вистинско зараснување (наместо празнословна надрилекарска реторика).

Најчитано