Во интервју за Рацин.мк, д-р Предраг Гавриловиќ од Институтот за земјотресно инжинерство и експерт на УНЕСКО за заштита на културно-историски споменици говори за големата хуманитарна трагедија што ги погоди Турција и Сирија. Д-р Гавриловиќ, во интервју за Рацин.мк истакнува дека сега е најважно да се спаси секој човечки живот, и да се санираат хуманитарните последици, а потоа да се утврдат и штетите во однос на недвижното цивилизациски наследство во погодениот регион којшто со децении е заштитено од страна на УНЕСКО.
– Тој дел (на погодениот регион во Турција) е карактеристичен по тоа што таму имате преклопување на она што значи историја, она што значи големи цивилизациски наследства. Таму имате споменици од Отоманскиот период на Турција, од византискиот, од римскиот и така натаму и така натаму. Тоа е познат регион од тој аспект и нему му се посветува посебно внимание и тами се издвојуваат два центра коишто се од посебна важност. Тоа се Дијарбекир и вториот, којшто е за нас поинтересен, а тоа е Немруд, односно Немруд Даг што значи Немруд Планина. Во Немруд има остатоци од вториот до првиот век пред нашата ера на стари Македонци кои на враќањето на војските на Александар Македонски формирале таму своја држава Комаѓене и градат споменици од исклучително значење, со тоа создавале своја историја, вели д-р Гавриловиќ
Д-р Гавриловиќ, како експерт по земјотресно инжинерство и со големо меѓународно искуство во заштитата на културно-историските споменици низ светот, вели дека сега постојат технологии, развиени технологии, посебно во денешно време со примена на нови материјали, со минимална интервенција.
– Суштината е да нема големи интервенции, а да се постигне голема заштита. Со примена на нови материјали, само треба да се направи ни еден темелен приод. Ние направивме во Институтот неколку такви испитувања на неколку карактеристични објекти кај нас, на цркви и џамии, и покажавме дека со минимална интервенција на постојните конструкции, со соодветно, без нарушување на оригиналноста, можеме да ја постигнеме целта и да ги заштитиме за иднината цивилизациското наследство што го оставиле нашите предци низ историјата, посочува за Рацин.мк д-р Предраг Гавриловиќ.
УНЕСКО соопшти дека веќе работат со своите експерти и локални партнери на првично утврдување на штетите на објектите коишто се прогласени за културно-историско наследство и дека е во процес на подготовка на „прецизен попис на штетите со цел брзо обезбедување и стабилизирање на овие локации“.