Инструктор по летање скокнал од авион во средината на летот, оставајќи 22-годишна студентка сама да го слета авионот „Цесна 150“. Леандро Андрес Бертацо, 42, бил пронајден мртов по инцидентот во Толедо, централна Аргентина, соопшти канцеларијата на државниот обвинител, објави CNN.
Бертацо бил во авионот со девојка којашто се обучувала за летање по име Росарио. Според неа, инструкторот ѝ рекол: „Знаеш што да правиш, само продолжи“, пред да ги извади слушалките и безбедносниот појас, да ја отвори вратата и да скокне.
И покрај тоа што била во состојба на шок, Росарио успеала безбедно да го слета авионот. Авионот не бил оштетен.
Директор на училиштето: „Сите сме изненадени“
Едуардо Алварез, директор на училиштето за летање „Флајинг Парот Кордоба“, каде што работел Бертацо, рекол дека нема ништо што укажува дека пилотот планирал таков чин. Тој забележал дека Бертацо летал со друг студент претходно истиот ден. „Тој ја донесе таа трагична одлука во авионот, со друго лице до него“, рече Алварез.
„Невозможно е да се замисли или разбере, но човечкиот ум е толку сложен.“ Алварез го опиша Бертацо како „прекрасна личност со широка насмевка“, додавајќи: „Сите сме изненадени од она што се случи.“

Тој, исто така, објасни дека отворањето врата од авион во лет е исклучително тешко, споредувајќи го со обидот да се отвори врата од автомобил што се движи со 200 километри на час.
Бертацо беше многу искусен пилот кој работеше и како инструктор по летање во соседно Чиле. Обвинителите сега ќе ги истражат сите околности што доведоа до неговата смрт.
