„Не го земав за да ослабам, туку за да престанам да пијам“: Неочекуван ефект на популарните инјекции за слабеење

алкохолот

Лековите од новата генерација кои го променија третманот на дебелината можеби имаат уште едно, досега неочекувано дејство. Се повеќе пациенти велат дека со намалувањето на апетитот им исчезнува и желбата за алкохол, а новите клинички истражувања покажуваат дека зад овие искуства може да има и научна основа.

Новинарката на грчка „Катимерини“, Лина Јанару, во исклучително лична исповед пишува дека лекот од групата GLP-1 не почнала да го користи првенствено за слабеење.

„Не го земав популарниот лек за да не јадам. Го земав за да престанам да пијам“, е суштината на нејзиното сведоштво. Јанару, која наскоро полни 50 години, пишува дека во фрижидерот чува пакување од еден од најпопуларните лекови од новата генерација против дебелина, но дека нејзината главна цел е да стави крај на секојдневното „преговарање“ со алкохолот.

Искуството не е изолирано. Уште во претходен текст на „Катимерини“, 48-годишна жена која користела инјекција за слабеење раскажала дека покрај намалувањето на постојаните мисли за храна, почувствувала и неочекувана промена во односот кон алкохолот.

„Ме одвои од алкохолот, престана да ме интересира“, изјавила таа.

Токму ваквите искуства во последните години почнаа сериозно да ги интересираат научниците.

Во мај годинава во „The Lancet“ беа објавени резултатите од рандомизирано клиничко испитување со 108 лица кои имале нарушување поврзано со употребата на алкохол и дебелина. Половина од учесниците примале семаглутид, а половина плацебо, додека сите имале пристап и до когнитивно-бихејвиорална терапија.

Кај групата што примала семаглутид бројот на денови со тешко пиење се намалил за 41,1 процентни поени во однос на почетната состојба, наспроти 26,4 процентни поени кај плацебо-групата. Разликата меѓу групите била статистички значајна.

Американскиот Национален институт за здравје оцени дека резултатите даваат први посилни клинички докази дека GLP-1 лековите би можеле во иднина да имаат улога и во третманот на нарушувањата поврзани со алкохолот.

Дополнителна студија објавена во јули во „Mayo Clinic Proceedings“, која опфатила повеќе од 11.000 лица, исто така утврдила поврзаност меѓу започнувањето терапија со GLP-1 агонисти и намалената неделна консумација на алкохол. Сепак, ефектот ослабнал кога истражувачите го земале предвид и губењето на телесната тежина, што покажува дека механизмот се уште не е целосно разјаснет.

Една од научните претпоставки е дека GLP-1 лековите не влијаат само врз чувството на глад и ситост. Рецептори за GLP-1 има и во делови од мозокот вклучени во системот на наградување, па можно е лековите да влијаат и врз желбата за супстанции од кои мозокот очекува задоволство, меѓу нив и алкохолот.

Но научниците предупредуваат дека е прерано овие лекови да се прогласат за нов третман против зависност од алкохол. Потребни се поголеми и подолготрајни клинички студии, а GLP-1 лековите во моментов не се одобрени како самостојна терапија за нарушување поврзано со употребата на алкохол.

Затоа личната исповед на Јанару е важна не како доказ дека е пронајден „лек против алкохолизмот“, туку како дел од феномен што науката сега почнува сериозно да го испитува.

Лековите создадени за дијабетес и дебелина веќе го променија начинот на кој медицината гледа на телесната тежина. Следното прашање е дали нивното влијание врз апетитот и мозочниот систем на наградување може да отвори сосема нов пат и во третманот на зависностите.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?