Радев ја стави Македонија во планот до 2030: Софија не отстапува од условите за ЕУ

Радев
Фотографија од фејсбук страницата на претседателот на Бугарија Румен Радев

Бугарската влада на Румен Радев ја вгради политиката кон Македонија во својата управувачка програма со хоризонт до 2030 година, а од документот не се гледа промена на досегашната линија на Софија. Во фокусот остануваат правата на граѓаните кои се самоопределуваат како Бугари, европската интеграција и исполнувањето на веќе договорените услови во преговарачката рамка.

Според анализата на „Дојче веле“, новата програма треба да биде политичка рамка за целиот четиригодишен мандат на владата на Радев. Делот за Македонија покажува дека Софија и натаму ја врзува поддршката за македонското членство во ЕУ со она што го смета за гарантирање на правата на Бугарите и исполнување на преземените обврски.

Таквата позиција е во континуитет со политиката што Радев ја застапуваше и како претседател. По преземањето на премиерската функција тој повтори дека европскиот консензус постигнат во 2022 година треба целосно да се спроведе, вклучително и условот Бугарите да бидат внесени во македонскиот Устав. Во мај, пред средбите во Париз и Брисел, Радев потсети дека токму тој уште во 2021 година го покренал ова прашање пред европските лидери.

Новата програма, сепак, отвори и дебата во самата Бугарија. Поранешната бугарска министерка за надворешни работи Надежда Нејнски оцени дека документот зборува за заштита на правата на Бугарите во Македонија, но не утврдува доволно конкретни критериуми според кои ќе се мери дали таа цел е постигната.

„Кога критериумите недостигаат, тоа останува дипломатска декларација“, оцени Нејнски, критикувајќи ја пошироката надворешнополитичка стратегија на владата на Радев како недоволно јасна.

Од македонска страна, пак, засега нема договор за излез од блокадата. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во јули изјави дека комуникацијата со Бугарија, земјите членки и институциите на ЕУ продолжува, со цел да се најде „праведливо и одржливо решение“.

Владата во Скопје бара дополнителни гаранции дека евентуалните уставни измени нема да отворат простор за нови билатерални услови, додека Софија инсистира дека обврските веќе се дел од европската преговарачка рамка и дека не станува збор за нови барања.

Радев уште по доаѓањето на премиерската функција испрати порака дека на ова прашање нема да има брза промена на курсот. Бугарската политика останува насочена кон внесување на Бугарите во Уставот, спроведување на Договорот за добрососедство од 2017 година и задржување на овие прашања во рамките на македонскиот европски процес.

Тоа значи дека до 2030 година Софија барем на хартија планира да ја задржи Македонија како едно од важните прашања во својата регионална и европска политика. За Скопје клучното прашање останува дали во наредниот период ќе се појави простор за политички компромис или новата стратегија на Радев само ќе го зацврсти сегашното статус кво.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?