Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски вчера на социјалните мрежи објави видео во кое се пофали дека на влезот во Скопје е поставен билборд со кој на гостите во градот им се посакува добредојде.
„Скопје го разубавуваме со љубов, внимание и посветеност, затоа што секој детал е важен кога градиме град со препознатливо лице и топла душа“, пишува во постот на Фејсбук профилот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Но, стариот препознатлив знак на влезот во Скопје е заменет со ново визуелно решение, кое веднаш предизвика реакции на социјалните мрежи.
Новиот знак, според објавите што се споделуваат онлајн, е изработен со помош на вештачка интелигенција. Но, наместо модернизација, вниманието го привлече необичен детал – коњот Букефал на илустрацијата изгледа како да има пет нозе, а ликот на воинот како да е земен од лимениот човек од „Волшебникот од Оз“

Граѓаните дополнително забележаа дека новиот дизајн нема многу допирни точки со автентичната архитектура и урбаниот идентитет на Скопје. На него се појавуваат генерички згради, црква што потсетува на белградскиот храм „Свети Сава“, како и зеленило кое повеќе личи на замислена AI-сцена отколку на реалниот град.
Стариот знак на влезот во Скопје беше уништен, а неговата замена требаше да донесе ново и достоинствено визуелно решение.
Наместо тоа, градот доби AI-генерирана илустрација со генеричка архитектура и Букефал со пет нозе – уште еден пример како не треба да се претставува идентитетот на Скопје.

