По повеќе од две децении започна изградбата на автопатот Скопје Блаце

По повеќе од две децении најави, денеска започна изградбата на втората фаза од автопатот Скопје Блаце, со која треба да се изгради 10,5 километри долга делница од клучката Стенковец до граничниот премин Блаце. Проектот треба да го подобри патното поврзување со Косово, а рокот за изградба е четири години. 

На свеченоста по повод почетокот на градежните работи присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, косовскиот премиер Албин Курти, претставници на Владата и на Јавното претпријатие за државни патишта. Мицкоски почетокот на проектот го оцени како значаен момент за подобро транспортно и економско поврзување меѓу Македонија и Косово. 

Новата делница е особено сложена поради ридско планинскиот терен. На трасата се предвидени пет тунели со лева и десна цевка, осум мостови, 11 потпатници, четири галерии и девет потпорни ѕидови. Автопатот ќе има два коловоза со по две сообраќајни ленти и лента за застанување. 

Изведувач на работите е домашната градежна компанија „Гранит“, а проектот треба да се реализира во рок од четири години. Новата траса ќе се поврзе со веќе изградената делница во близина на граничниот премин Блаце. 

Финансиската конструкција за проектот беше затворена во јули, кога Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова и развој потпишаа договор за грант и кредит. Вкупната вредност на проектот е околу 198,4 милиони евра, од кои 30,8 милиони евра се грант од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, а 167,6 милиони евра се кредит од ЕБОР. 

Почетокот на работите доаѓа и покрај тоа што експропријацијата на земјиштето сè уште не е целосно завршена. Според информациите од ЈПДП, таа е реализирана во повеќе од 65 проценти, а очекувањата се постапката да биде завршена во следните месец или два и да не претставува пречка за реализацијата на проектот. 

Изградбата на првата фаза, од граничниот премин Блаце до клучката Блаце, започна во 2020 година и опфати околу 1,5 километри. Втората фаза требаше да ја продолжи трасата до Стенковец, но нејзината реализација со години беше одложувана поради административни, имотно правни и финансиски прашања. 

Со завршувањето на целата траса, автопатот треба да обезбеди побрза врска меѓу Скопје и Косово и да биде дел од поширокото поврзување на земјата со регионалните транспортни коридори.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?