Двајца припадници на екипите што цела ноќ го гаснеа пожарот во Националниот парк „Пелистер“ се повредени за време на интервенцијата. Нивната здравствена состојба е стабилна, а пожарот утрово е локализиран, иако опасноста од негово повторно активирање сè уште не е помината.
Директорот на НП „Пелистер“, Иванчо Тошевски, информира дека зад екипите е тешка ноќ во која на терен дејствувале вработени во Националниот парк, пожарникари од Битола, припадници на Доброволното противпожарно друштво „Архангел“ и механизација од битолските јавни претпријатија.
Иако огнот е локализиран, Тошевски предупредува дека ризикот од повторно разгорување и ширење останува голем и ќе зависи од временските услови во текот на денот. На терен продолжуваат да дејствуваат противпожарните екипи, а во операцијата е вклучен и армиски хеликоптер. Се очекува поддршка и од двата „Ер трактор“ авиони, како и од доброволни пожарникари од Кочани.
Пожарот избувна во саботата попладне од преспанската страна и за кратко време навлезе во пониските делови на Националниот парк „Пелистер“. Во гаснењето беа ангажирани екипите од Битола и Ресен, НП „Пелистер“, Дирекцијата за заштита и спасување, како и механизација од јавни претпријатија и приватни компании.
Во текот на вчерашниот ден огнот зафати голема површина, а воздушно интервенираа и двата „Ер трактори“. Пред полноќ пожарот беше ставен под контрола, по што копнените екипи останаа на терен во текот на целата ноќ.
Надлежните имаат сомневање дека пожарот можеби бил намерно предизвикан. Засега нема официјално утврдена причина за избувнувањето на огнот.
Екипите и денеска остануваат распоредени на критичните точки за догаснување на жариштата и спречување на повторно ширење на пожарот.

