Филипче најавува голема криза и „жешка политичка есен“

Филипче

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека партијата од септември ќе започне засилена политичка и парламентарна офанзива, оценувајќи дека земјата ја очекува сериозна политичка и економска криза во наредниот период.

Филипче, на брифингот со новинарите, рече дека очекува „голема криза од септември“ и најави дека опозициската партија ќе биде значително поактивна во Собранието, со иницијативи насочени кон, како што рече, барање политичка и институционална одговорност од носителите на јавни функции.

Извор на кризата Филипче гледа во енергетскиот сектор со најавите дека заради климатските промени и нискиот водостој на Дунав, Унгарија и другите земји во сливот на оваа река најавија дека затвораат дел од постројките на нуклеарните електрани и дека тоа ќе се одрази на снабдување и цената на струјата.

Како втор извор кој генерира криза е конфликтот на Блискиот Исток и Иран.

Филипче оцени дека Владата нема да се справи со овие кризни најави и дека ќе се соочува со сè поголеми проблеми во економијата, животниот стандард и функционирањето на институциите.

„Не гледаме мерки ниту сега, ниту во најава за да се амортизира оваа криза. Поскапуваат горивата, цените растат и никој не ги контролира, а тие ќе ја намалеле синдикалната кошничка“, рече Филипче.

Платите остануваат исти или растата минимално и статистички без реален ефект во секојдневието на граѓаните, оцени Филипче

Филипче најави дека СДСМ во наредните месеци ќе предложи законодавни и надзорни иницијативи, со кои, како што велат, ќе се обидат да ги отворат прашањата за одговорноста на Владата и институциите за оваа ситуација.

Со ова, опозициската партија практично ја најавува политичката агенда за есенската собраниска сесија, која, според нивните очекувања, ќе биде обележана со интензивирани парламентарни пресметки меѓу власта и опозицијата.

Најчитано