Јован Костадинов од Виница, кој за време на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се враќал во објектот за да извлекува повредени, е меѓу 16-те годинашни добитници на меѓународната награда „Младинска храброст 2026“.
Костадинов имал 19 години кога на 16 март 2025 година избувна пожарот во „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Според сведоштвата објавени по трагедијата, откако успеал да излезе од објектот, тој повторно се враќал внатре за да им помогне на оние што останале заробени. Се намокрил со вода, ставил мокра маица преку лицето и продолжил да извлекува повредени, а според досега објавените информации помогнал во спасувањето на 21 лице.
Неколку дена по пожарот Костадинов бил хоспитализиран поради последиците од вдишувањето чад. По враќањето во гимназијата „Ванчо Прке“ во Виница, соучениците и професорите го пречекале со аплауз, а неговата постапка беше посочувана како еден од примерите на исклучителна храброст во трагедијата.
Сега неговото дело добива и меѓународно признание. Наградата „Young Courage Award“, односно „Младинска храброст“, ја доделува Академијата „Раул Валенберг“ во соработка со Шведскиот институт и шведските дипломатски претставништва. Таа е наменета за млади на возраст од 13 до 20 години кои покажале исклучителна морална и граѓанска храброст.
Годинава се избрани 16 млади од повеќе земји, а Костадинов е меѓу добитниците поради постапката во ноќта на пожарот во Кочани. Наградата ќе му биде врачена во Стокхолм на 27 август, на Денот на Раул Валенберг.
Добитниците од 25 до 28 август ќе учествуваат и во програмата „По стапките на Раул“, која предвидува едукативни активности и средби во шведската престолнина, меѓу нив и средба со министерката за надворешни работи на Шведска, Марија Малмер Стенергард.
Наградата се доделува од 2015 година и е инспирирана од делото на шведскиот дипломат Раул Валенберг, кој за време на Втората светска војна помогнал во спасувањето на илјадници Евреи во Унгарија.
Повеќе од една година по пожарот во „Пулс“, неговата приказна сега добива и меѓународна потврда. Од трагедијата што остави длабока трага во Кочани и во целата земја, постапката на Јован Костадинов остана запаметена како пример за млад човек кој во момент на непосредна опасност решил да се врати и да им помогне на другите.
